Царот е гол, ама не е готов

20.02.2015 13:47
Царот е гол, ама не е готов

По речиси тринеделна автоцензура од коментирање на актуелните политички случувања, одлучив дека повеќе не можам да молчам. Мојот молк беше резултат на навивачката и хистерична атмосфера, но и еден вид премолчана поддршка на процесите, кои иако сум ги критикувал, а тоа нема да изостане и сега, во суштина кажуваат една голема вистина. Иако нашата режимска реалност бара повеќе од само вистини, повеќе од само скандали, овој пат мора да признаеме дека ударот врз Груевски е огромен. Диктаторот е фатен со спуштени гаќи. Дали овој пат вистината ќе има субверзивна и разурнувачка моќ, допрва ќе дознаеме.

Груевски доживеа невиден кикс, на Заев проклето му се посреќи. Ваква работа, вакви материјали, настрана што во нормални држави не се случуваат, кај ненормалните, се случуваат еднаш во историјата на режимот. Заев покажа многу пехови и критиката кон него нема да изостане, но во едно нешто успеа, без разлика дали преговарал или не, тој ги извади материјалите на маса. Како, зошто, што, не е преважно, најважно е дека Груевски е фатен со спуштени гаќи, фатен е со крунски доказ, од кој ни денес, ни за шест месеци, ни за две или десет години, нема бегање. Ова не е нешто што се става под тепих и тука голем е притисокот врз Заев, да не се договора со режимот, туку да го притисне до самиот крај, свој или нивен.

Нема да навлегувам во сите перипетии кои допрва ќе следуваат, свесен сум дека екскременти ќе летаат на сите страни и никој нема да остане чист. Власта ќе релативизира, ќе се прави луда, ќе бара шпиони и слично, но останува системски расклопена, соголена.

Како Ал Капоне, човекот кој уби шестотини луѓе, но беше осуден затоа што полицијата стигна до неговата тајна тетратка, така и Груевски е фатен за она што најмногу боли. Се разбира, полицијата е негова, нема кој да го уапси, но долгорочно, прибиен е кон ѕидот и мора да одбере помеѓу две тешки опции.

Две големи сценарија гледам од целиот процес. Првото е наивно и оптимистичко, дека Груевски ќе сфати колку е заглавен, и ќе сфати набрзо. Ги потцени и студентите, го потцени стратифицираниот протест и револт и тоа сега му се удира од глава. Сега, работата иако не изгледа толку жива, таа е многу поопасна доколку се исполнат и некои други предуслови. Многу зависи од притисокот од страна, во кој се сомневам, но сите сме свесни дека вакво кршење на Уставот, правната држава, демократскиот поредок, ваква злоупотреба на режимска власт, која воедно ги потврдува и соголува сите претходни злоупотреби, не може да се премолчи или да се заташка. Оттука Груевски може да реши да се договори, да жртвува неколку клучни фигури, под услов ако го заштитат, и зависно од тоа за кој би станало збор. Тоа би била добра опција за сите нас, обилното крварење во нашата држава накратко би се запрело. Со делумно откажување од режимската поставеност, со техничка или некаква подолгорочна влада, со попис, силно странско влијание и инволвирање на сите расположливи сили во општеството, Македонија можеби и би имала шанса да се спаси. Но, искрено се сомневам во ваква еволуција на настаните, како што се сомневам во човечкиот капацитет и квалитетите на опозициското раководство.

Тоталитарниот режим и логиките на Груевски се така устроени, што тој не е способен за реални компромиси и за гаснење на машината. Во моментот кога би повлекол и еден чекор назад, Груевски губи се. Мислам дека е свесен за тоа, и тука влегува во игра второто, болно сценарио, а тоа е прогласување на отворена диктатура. Се разбира, Груевски тоа нема да го признае, но суштината би била таа, ќе заглавиме уште подлабоко во тоталитаризам. Груевски на тој начин ќе биде приморан да нè прогласи за „автархична зона“ која отворено расчистува со ЕУ и НАТО, односно со Западот, и да тргне кон внатрешно радикализирање. Не го замислувајте тоа како нешто бомбастично, ние тоа веќе и го имаме, но на многу потивок начин, како една тивка, мека диктатура. Во овој случај, таа би станала отворена и тврда, што колку и да е добро од аспект на паѓање на маските, секако ќе биде катастрофално по судбините на многу луѓе, а да не зборуваме за времето неопходно во тие услови да се изгради реален отпор. Тоа е пат од кој нема враќање, и иако нема правила за падовите на режимите, диктаторите најчесто го бираат потешкиот пат.

Како и да е, да не се лажеме во едно нешто. Груевски сè уште ја диктира играта, тој бира, тој ги има алатките, додека опозцијата го има единствено крунскиот доказ, без каква било алатка. Во технологијата на моќта и буткањето режими, тоа е огромно богатство, но не е доволно.

Царот е гол. Но, царот беше гол и од претходно. Сега е соголен до невидени размери, неговиот легитимитет е дополнително погазен, но во услови на режим, тоа малку значи, доколку не следува народна револуција или селска буна. Како јас ги гледам работите, сè уште сме предалеку од такви сценарија.

Најголемиот проблем на Македонија е што во овој момент нема реална алтернатива на груевизмот. Заев или кој и да е, може да ја потврди секоја вистина, да го разголи секој криминал, но за овој народ, односно за мнозинството, не претставува политичар кој може да понуди поинаква политика, поинакво општество, нешто различно од режимските логики. Конечно, покажува дека и во рамките на партијата која ја води, и покрај револтот од бомбите, не е способен да спроведе една кохезивна и обединувачка акција, не е способен да извади народ, да направи нешто реално на терен. Притоа, се прави една огромна грешка од страна на раководството на опозицијата, каде со цел да се засили ефектот на бомбите, се прогласуваат за минимални настани како 24 декември. Запомнете, прислушувањето е потврда на веќе реално изведените криминали, и со тоа е и криминал сам по себе, но не е поголем криминал од оној кој веќе реално ѝ беше нанесен на нашата кревка демократија, устав и правна држава, и кој го видовме со наши очи.

Македонија нема институции кои се во можност да го дезинфицираат корумпираниот и криминализиран режим. Македонија слабо стои со независни медиуми и со критична маса која би ја заменила државата во тој процес. Политиката подеднакво покажа дека нема соодветни антитела за да ги отфрли своите заболени клетки. Едноставно, без правда, слободна информација, поделба на моќта, туморите одамна метастазираа и пациентот најверојатно ќе треба да умре.

Се разбира, опозицијата не смее да попушти и можеби нема, можеби и нема да се договори, иако интензивно преговора, но мислам дека тоа ќе биде последната епизодна улога на официјалната македонска опозиција. И да, Зоран Заев и Радмила Шекеринска ќе имаат позлатени страници како со речиси комплетно уништување на СДСМ, нејзините структури и организација, успеаја да го доразголат режимот. Ниедна цена не е превисока за пад на режимот, но можеби доколку личните политички амбиции на ова раководство беа поблиски до реалноста, па и до можностите, работите ќе можеа да се одвиваат далеку пообединето и попрофесионално. Иронијата е што токму слабоста на Заев и неговата неспособност да структурира Отпор, во комбинација со материјалите, може да го примора Груевски на акомодација. Сега повеќе од Груевски, Заев е пред испит колку и до каде ќе издржи.

На крај на нештата, можеби епизодната улога на Заев ќе се сведе на тоа да нè доубеди во тоа што веќе го знаевме, но и во што не успеавме пред тој да дојде на чело на опозицијата, односно дека: Режимот на Груевски не се победува на избори, ни со технички ни со какви било влади – Режимот на Груевски се бутка со народ и неверојатни жртви, кои очигледно ниту сме подготвени да ги направиме, ниту пак знаеме како. Звучи малку иронично, но ете, мислам дека другарот и другарката кои придонесоа во уништувањето на Отпорот, ќе ја имаат честа да постават ментални основи за негово воскреснување. Но, сепак, во тој процес уништија прескапа и преважна работа, која не е играчка.

Постои уште една иронија додека ја чекаме „субверзивната моќ на вистината за Македонија“. Ја знаете приказната за Давид и Голијат. Епа, кај нас е некако извртена. Давид во борба го прифаќа шлемот, штитот и мечот, но носи и неколку антички или митски бомби во својот чатал.

Давид е решен да оди докрај во тој дуел, да го убие филистејскиот џин висок три метри. Давид со чаталот го ранува и го зашеметува Голијат, но само со мечот го задава крајниот удар и му ја отсекува главата. Дури тогаш ја покажува главата, како во славната слика на Караваџо и заплашувајќи ги послушничките трупи претендира на престолот на цар Саул. Оваа метафора служи да ви кажам дека Заев тргна во дуел калкулантски, и недоволно опремен, само со својот чатал. Му недостасуваат широките народни маси кои се мечот, а опасно му отпомагаат навивачите кои од страна го с’скаат, недоволно подготвен да се соочи директно со џинот. Заев мисли дека со самиот чатал народот ќе се дигне, наместо да сфати дека народот е мечот и треба веќе да е високо подигнат над главата на сатрапот, кога се тргнува во дуел.

Со други зборови, и покрај сите вистини, огромна и штетна лага е дека Груевски е готов, дека опозицијата ја контролира играта, дека падот е неминовен. Ако вака се подготвуваме за истиот, и вака го изведуваме, само ќе го зајакнеме Груевски, и ќе му дадеме нова линфа, нова енергија, да продолжи со консолидирање на веќе тоталитарниот проект. Груевски нема да попушти бидејќи не смее и не знае да попушти. Груевски создаде систем кој или се руши или ќе трае вечно, а под тоа мислам, ќе владее како вродена и воспоставена културно-општествено-политичка форма.

А, јас никаде не ја гледам алтернативата на таа форма. Искрено, ни народот не ја гледа. Ако сме површни во однос на груевизмот и штетите од тоталитаризмот на ДПМНЕ, на нашите неодговорности и грешки, но и кратковидни за тоа дека треба да станеме и бидеме различни, подобри, да се обединиме и да обединуваме, да се здружиме во каузата и во борбата за слободата, тогаш ништо не правиме.

Денес, премногу наивно превладува едно опозициско убедување дека „декадата на тоталитаризмот“ може да се стави само во наводници како јас тука, и да се надмине. Тоа е апсурдот во замислата дека сме ја отклониле аномалијата или болеста, и сега се враќаме на нормалноста, како аномалијата да била обична дигресија, како истата да не живеела во нас, притоа менувајќи нè и создавајќи перверзна нормалност.

И кога ќе го поразиме Груевски, запомнете: Не сме го уништиле! Тој ќе продолжи да живее во нас, затоа што е наш производ, на сите пред нас, на сите нас сега, на сите нас утре ако не се смениме. Во нас и ќе остане, можеби не во сегашните форми, но како начин на резонирање, на дејствување. Груевизмот и нашиот ендемски тоталитаризам се нашата болест на векот, иако си ја носиме од другите векови, и со нејзе ќе треба нашите генерации, па и идните, да се борат додека се живи. Тешко ќе биде одвикнувањето од дрогата со која е заразена не само нашата политика и партии, туку и нашето општество. На оваа декада, па и на сè претходно, ќе треба да му се пресуди: за тоа како успеало ова лудило да се роди и толку да залепи. Ова што ни се случува не падна од небо, не ја создаде, туку ја влоши нашата перманентна криза. Без сериозно преиспитување, без надминување на старите грешки, без пронаоѓање на нов пат, културното и политичко наследство на груевизмот ќе продолжи да доминира.

Не помага ни митот за граѓанското општество. Народот како подобар од лидерот, народот како суверен, кога народот е поделен или поробен, кога нема заедништво и заедничка волја. Кај нас граѓанското општество стана легитимен носител на интересите, пропорционално на економска тежина на одредени индивидуи и групи, а не на јавното добро. Граѓанското општество го сфативме не само како различно од државата, туку како непријател на државата, несвесно проектирајќи слика дека државата воопшто не може да биде носител на јавно добро. И тоа создаде проселитизам: олигархиската употреба на граѓанското општество, исто како и на политиката, само ја зајакна културата на неморал, нешто што режимот го искористи и од што и ден денес се храни. Истото доминира и во бизнисот, во културата, во стравот да се декларираме како различни, да сонуваме нешто подобро. Затоа секогаш велам, сите ние сме дел од секојдневната корупција и криминал, од таа сериска улога, која Груевски ни ја издигна на големот платно. Нашето општество е болно, и од овој хорор ќе излеземе ако добро се погледнеме во огледалото и видиме дека сме монструм.

Сакаме помош од надвор, но од надвор гледаат дека сме чудовишта, затоа и прашањето на нашата стабилност го издигнаа на ниво на теолошка доблест, не средство, туку цел на нашата целокупна политичка акција. Условот за нас е еден, сè додека сте стабилни, а само тоа и треба да бидете, вакви и ќе си останете, ништо не треба да се менува и никаква помош не очекувајте.

Ете затоа сè уште од странците доминира барањето за компромиси, за широка и демократска комуникација, за политички дијалог. Гледаат во нас дека немаме капацитет да бидеме демократични и стабилни во исто време.

Само доколку конфликтот го подигнеме до невидени граници, само доколку измислиме сериозна и заразна алтернатива, можеме да очекуваме поддршка од надвор. Барањето на техничка влада, или барањето на што било веќе од Груевски, без свеста дека и исполнувањето на таквите услови е недоволно за негова промена, значи дека ние лекцијата не сме ја научиле. Некои експерти на опозицијата велат дека требало бомбите да удрат од Собранието, дека сега треба враќање таму, тестирајќи терен или навестувајќи можни сценарија. Не, пријатели, со вакви бомби и да си во Собрание се излегува и се повикува народот со тебе. Но, за жал, се нема технологијата, знаењето, способноста, стратегијата, а ни харизмата или довербата на народот за таков еден процес.

Ние ќе треба да се обединиме, да ја прегрнеме енергијата на младите, но и да се активира и сè постаро и поискусно во финална битка. Едно утре нема да нè спаси само СДСМ, ниту некоја трета опција, туку само сфаќањето дека единствената опција сме сите ние, оние кои се критична маса, но кои мора да се жртвуваат, оние кои се комотни, но кои мора да помачат, оние кои се незадоволни, но кои немаат кому да се пожалат и во кого да веруваат. Само судирот на две идеи, на две спротивставени и суштински, егзистенцијални вистини, само ако „Едното“ се отвори на двете, може народот да го доближи до политиката. Ни треба когнитивна мобилизација, да, на различности, но кои се обединети кон целта, а не резервирани за мали кругови и касти, за разни клики со амбиции и профитери од сеопштата политичка катастрофа.

Драги луѓе, ако малку сакаме да разбереме што ни се случува, треба да помислиме на војните и на табуата кои тие ги рушат. Клаузевиц има кажано дека наполеонските војни „ги урнале бариерите на возможното, порано заробени во потсвеста“ и дека нивното враќање би било екстремно тешко.

Колку ли само бариери не видовме дека се паднати, колку вистини не дознавме, колку скандали и рушења на нашата демократија и држава не доживеавме. И пак не сфативме, ова е војна, Груевски војува, а ние само се чаталиме. Ако сакаме промени, мора да бидат тотални, комплетни, како што е тотален и комплетен овој режим, мора да бидеме тотална и комплетна демократска и народна спротивност од Груевски, за да го победиме. Без тоа, падот на Груевски ниту ќе се случи, а и малку ќе значи нешто. На луѓето им се гади од политиката, сакаат нешто ново, исто како во 2006 година. Ќе си бараат и ќе си добијат нов Груевски.

Слики: Eckart Hahn