За инсталацијата „Лош ден на господинот Еузебио“ на Ѓорѓе Јовановиќ
Во последниве неколку години младиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ преку интензивна творечка презентација ја реафирмира идејата за перманентно пулсирање на ликовниот живот низ иновативни и само навидум, едноставни форми. За релативно краток период (од 2005 година до денес) Јовановиќ низ десетина самостојни изложби, перформанси и видеа, остава впечаток на смела творечка авантура насочена не само кон откривање нови творечки светови, туку и кон изнаоѓање нови простори и начини за презентирање на уметноста. Овој уметник покажа дека творештвото може со подеднаков интензитет и сугестивност да комуницира со реципиентот низ различна поставеност во просторот, од галериите до отворените урбани простори.Новото претставување на Ѓорѓе Јовановиќ во Отвореното графичко студио на Музејот на град Скопје, со изложбата „Лош ден на господинот Еузебио“, е уште една потврда на немирниот авангарден творечки дух на овој уметник. До каде може да допре творечката имагинација зборуваат педесетината антропоморфни чудовишта на кои се исликани содржини иманентни за човекот, а пред сè на неговиот внатрешен свет, неговите дилеми, неизвесности и стравови. Станува збор за инсталација што ги спојува можното и неможното поставувајќи прашања за содејството меѓу двете компоненти во комплексот што го нарекуваме живот. Во вака поставените нешта уметникот тргнува од она што на прв поглед е плод на чистата имагинација, за да допре до она што е реалност на човечката егзистенција, пред се' во психолошките состојби на современикот.
Дали „лошиот ден“ е само сон што морничаво го осенчува животот на обичниот човек или тоа е една перманентна состојба на самото живеење, една латентна опасност од внатрешно разорување на можната хармонија, разбирањето, љубовта, среќата? Ова е едно од суштинските прашања што ги актуелизира изложбата на Јовановиќ, чија уметничка проекција, блиска на дадаизмот и на надреализмот, нема намера да води кон дефинитивни одговори. Овде ефектот е во силината на поставените прашања преку провокација, со допирање на темната страна на човековото постоење и искушенијата на патот кон поинакви вредности на живеењето.
Од особено значење е фактот дека овој концептуален проект содржи во себе и интерактивен момент - посетителот на изложбата е вовлечен во нарација, што тој натаму сам ја „креира“ во согласност со личните доживувања на асоцијативните слики што извираат од фигурите во галеријата Отворено графичко студио. На тој начин комплексните содржини се поедноставуваат, тие стануваат приказна на консументот што го носи багажот на своите искуства од соочувањето со она што било „лош ден“ во сонот или во реалноста. Една од функциите на уметноста е поттикнување на ваквите релации, на што ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, суптилно инсистира. Среќна околност е што таквата определба е во дослух со неговата дарба, афинитетот и смелоста за творечка авантура.
Што не е деконструкција? – изложба на Атанас Ботев, КИЦ 2008
Што може уметноста во светот на идеите, колку таа е во позиција да биде реално вклучена во судирот на мислења, каков ефект би предизвикала нејзината ангажираност? Изложбата на Атанас Ботев (1973) во Културно-информативниот центар во Скопје го реактуализира ова прашање, за кое секогаш имало различни ставови. Оттука оваа изложба е ретка уметничка провокација за интеракциски однос со идеите што стојат и од другата (често спротивната) страна на уметноста. Сликите на овој уметник допираат важни естетички, етички и општествени проблеми и дилеми иницирани уште со насловното прашање на изложбата: „Што не е деконструкција? (Дали философијата на Дерира е производ на неговото консумирање хашиш?)“.
Кога Жак Дерида добил писмо од еден свој колега, универзитетски професор од Јапонија, со молба да му помогне во преведувањето на јапонски на терминот деконструкција, францускиот филозоф одговорил: „Што не е деконструкција? Сè, се разбира! Што е деконструкција? Ништо, се разбира!“. Во понатамошниот тек на писмото, Дерида образложува дека не мисли оти тоа е „добар збор“ и „секако не е елегантен“, а за да биде објаснет ќе треба да биде анализиран и деконструиран. Тоа е тешко и јас нема да го направам тоа овде“, додава Дерида кон крајот на писмото. Наместо „анализата и деконструкцијата“ на поимот, за кои Дерида смета дека се потребни и од кои бега, Ботев кон насловот на својата изложба „Што не е деконструкција?“, освен поднасловот, нуди визуелно претставување на одговорот на Дерида „сè, се разбира“. А, бидејќи тоа „сè“ подразбира една сеопфатност и тоталност, Ботев создава мозаичен свет во кој не се презентира една и единствена слика на реалноста за која, би рекол Дерида, не постои објективна точка на гледање. Светот кој го нуди Ботев е во постојано распаѓање и одново конструирање.
Најголем дел од неговите слики ја претставуваат повеќедимензионалноста и расслоеноста на стварноста, при што секој елемент е дел од една мозаична целина, но истовремено води кон различни светови, на сосема различен начин комбинирајќи се со другите, сочинувајќи така повеќе паралелни нарации во рамките на едно дело. Во ваквото претставување особено место наоѓаат цитатноста и парафразата, преку што од една страна во неговите дела се присутни рефлекси од сликарството (Тицијан, Вермер, Делакроа, Мондријан, Пикасо), а од друга страна и од дел на останатите видови на визуелно изразување, како фотографијата, стрипот и филмот. Во тоа приближување на времињата, стиловите и на медиумите, на едно платно се испреплетуваат творечките светови на Пикасо, Дали и Буњуел, на друго е Ниче, покрај елементи од цртаните филмови на Волт Дизни, на трето - свештениците со порнографски сцени...
Ангажираноста е една од одликите на творештвото на Атанас Ботев. Едно од делата на кои е презентиран односот на авторот кон историјата и идеологиите е „60 години егзодус“, билборд кој беше поставен во Скопје и предизвика реакции во јавноста. На ова дело, преку грчкото знаме насликано е семејство (претци на Ботев), кои биле жртва на егзодусот на Македонците во Егејска Македонија во 1948 година, а во горниот лев агол, наместо крстот од знамето, поставена е сосема отворена асоцијација преку фашистичкиот симбол.
Во делата на Ботев колажот не е техника, тој е начин на размислување, на гледање и доживување. Секој сегмент од сликите од типот на „Ловец на соништата“, „(Дез)интеграција“, „Лошиот трип на Тинтин“, „Супер-его Мондриан“ и др., е дел од специфична наративност со длабоко мотивиран пристап кон предметот и со порака што ги синтетизира идеите кои биле провокација за луцидното проникнување во неговата суштина.

На таков уметнички третман се подложени и теми од национален и политички карактер во сликите „Шеесет години егзодус“, „Амнестија?“ и „Ретрограден перформанс“. Парадоксот, една од основните карактеристики (заедно со неологизмите) на стилот на Дерида, е присутен и во ликовниот израз на Ботев. Преку таквиот пристап тој ги доловува сегментите на современото општество во кои се доминантни контрадикторноста и хипокризијата: идеологиите, свештенството, тероризмот, масмедиумите и глобализмот.
Сликите на Ботев се показ на творечка зрелост и интелектуална подготвеност својата уметност да се стави во улога на генератор и трансмисија на идеите што го провоцираат современиот свет. Тоа зборува за силата на уметноста и тоа е основниот белег за валидноста на овој зафат граден во содејство со асоцијации и реминисценции од историски, политички, национален, културен и од цивилизациски вид. Ботев е сликар што покажа и храброст и умешност да се справи со таквиот предизвик.
Правдата во фокус – изложба на Сашо Станојковиќ во Мала станица
„Правдата во фокус“ беше темата на третата самостојна изложба на Сашо Станојковиќ (1962), чиј смел и неконвенционален истражувачки проект предизвика особено интересирање. Во исто време со оваа презентација Станојковиќ учествуваше и на изложбата „Видеото ја уби сликарската ѕвезда“ во галеријата „Домус Артиум“ во Саламанка и на изложбата „За дигиталната слика“ во галеријата „Каприс Хорн“ во Берлин.
Овој проект, на некој начин е поттикнат од одредени ставови на Жак Дерида. Во есејот „Силата на законот“, кој се базира на мислењето дека законот е секогаш и правда, но и насилство, Дерида заклучува дека правдата е трансцендентална човечка вредност, и како таква таа никогаш во целост не може да биде задоволена од страна на законот, а во тоа несогласување меѓу нив авторот согледува базична несогласност помеѓу културата и вредноста. Една таква дилема за односот помеѓу правдата и законот, изведена во областа на визуелната уметност, можеше да се согледа на изложбата на Сашо Станојковиќ, под наслов „Правдата во фокус“.

Преиспитувајќи го односот помеѓу законот, односно правните институции и правдата, Станојковиќ ја лоцираше својата изложба во три простории. Во првата просторија се изведуваше проекција на сто и педесет фотографии што уметникот ги направил во текот на својот престој во САД во 2004 година, пред монументалното здание на Врховниот суд на правдата во Вашингтон, и преку кои ја доловува својата визија за овој простор од самата зграда, преку туристите што доаѓаат да се фотографираат пред неа, до демонстрантите што сакаат да се изборат за својата правда или правдата на другиот и новинарските екипи што ги снимаат случувањата на демонстрациите. Во втората просторија беше поставена четириканална видеоинсталација, каде што на првите трите екрани Суад Мисини, Катерина Колозова и Жарко Трајаноски говореа за правните институции, за суштината на човековите права и родовите права, за своите лични видувања на истите, за начините на кои институциите ги регулираат тие права. На четвртиот екран студентите од Правниот факултет, случајните минувачи пред Судската палата во Скопје, и членовите на „Здружението на работници со над 25 години работен стаж и нерегулиран статус“, се изјаснуваа по прашањето каков е односот помеѓу правдата и законот, и дали законот ја задоволува правдата. Намената на третата просторија беше „активистичка“ - во неа вработените од „Истражувачкиот центар за граѓанско општество“ ги запознаваа присутните со условите и постапките за пријавување предмети пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Односот помеѓу правдата и законот, според Жак Дерида, не е однос на разлика, односно на опозиција, исто како што не е ниту однос на совпаѓање. Оттаму тоа е контрадикторна релација или, изразено со терминологијата на Дерида, апоричка. Таквиот однос во себе ја содржи парадоксалноста и таа има силен печат и на фотографиите на Станојковиќ. Пред зградата на која пишува „Еднаква правда пред законот“ стојат луѓе што демонстрираат затоа што законот не е правичен. Тие луѓе протестираат за правата на затворениците од Гвантанамскиот Залив, против смртната казна, за правата што ги бараат татковците во однос на децата од нивните претходни бракови, за правата на жените на абортус... Една иронична перспектива на фотографиите што ги направил Станојковиќ е дадена на оние што се во неговиот фокус, екипата на ТВ мрежата Си Ен Ен, додека очекува возбудливи настани што би требало да се случат пред Палатата на правдата, што би ги пренесувала за својата програма. Или пак, додека известуваат пред камерите, се качуваат на гајба за да може во фокусот на ТВ камерата да влезат и новинарот, и самата зграда. Фотографиите на кои Станојковиќ ги забележал туристите што се обидуваат, сликајќи се пред зданието на Врховниот суд, да бидат во објективот, самите тие и целото здание над чиј влез е испишана ветувачката парола дека пред правдата сите се еднакви, како да говори за нејзиното тешко достигнување. Оттаму и интервенцијата на уметникот на една од фотографиите - на натписот „Еднаква правда за сите“ од главниот влез во Врховниот суд на правдата во Вашингтон, тој додава прашалник, така што тоа веќе не е ни констатација, ниту ветување, туку токму - запрашаност.
Приказни од Пандорината кутија – изложба на Дита Старова во Културен центар Точка, 16.02.2008
Проектот „Пандорина кутија“, претставен во Културниот центар „Точка“ е второ самостојно излагање на Дита Старова (1984). Нејзиното деби беше во 2004 година во Францускиот културен центар во Скопје. За одбележување се и групните настапи на оваа млада и талентирана уметница, како во земјата така и во Грција, Франција и во Турција, наградени со признанието на Студентското интернационално биенале СИАБ (2005) и со специјална диплома на Балканскиот фестивал во Грција (2001). Дита Старова своето образование го стекна на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Симон Шемов, а од минатата година е примена за член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Старова е дел од младите творци кај нас кои откриваат нови изразни можности на презентирање на своето поимање, видување и доживување на светот и освојуваат простори што допрва ќе бидат критички дефинирани и толкувани како составка на општите текови од развојот на современата ликовна уметност кај нас. Ликовното изразување на Дита Старова е одраз на спонтаност и сведочи за еден елементарен, искрен и творечки промислен чекор во соочувањето со предизвиците што се раѓаат на релацијата уметност - стварност.
Овде на некој начин, се отвора кутијата на Пандора и се насетува надежта. Германскиот филозоф Ернест Блох, во првиот том од делото „Принципот надеж“ вели: „афектот на надежта е најчовечки од сите душевни возбудувања и својствена е само за човекот“. Тој надежта ја проучува не само како психолошко-афективна состојба туку и како значајна структура на човековата свест. Таа го трансцендира постојното, прикажливото и стреми кон непредметноста и неприкажливото. Старова ги открива можностите за една таква структура, во која разгледувајќи го прамотивот на надежта, преку препознатливата митска основа, отвора простор за имагинирање и создавање своја приказна од интуитивно насетените содржини. Станува збор за необврзна и растеретена интерпретација на приказните од Пандорината кутија, нејзините значења и пораки развиваат наративна линија во која секој експонат од седумте кутии, учествува во градењето на приказната. Старова го претпочита ефектот на делото како дефинитивно завршен организам, но за неа контекстот, исто така игра голема улога во создавањето на ликовната визија, секоја кутија отвора разгледување на различни емоционални и психолошки состојби: носталгијата, вознесот, зависта, изгубеноста, депресивноста... и надежта како можност за ослободување и излез од сопствениот кафез. Оттука, варијациите на отворената кутија меѓусебно се цврсто поврзани, тие градат комплекс од значења и пораки што допираат суштини од исконски карактер. Притоа, свое место има и композицијата во постапното отворање на ликовниот свет на Старова што всушност, е нејзин внатрешен свет, едно лично доживување на прашањата и дилемите што се дел од психолошкото и интелектуалното битие на човекот.

Проектот на Старова е отворена Пандорина кутија и разбирањето дека еднаш создадениот свет може да опстојува само низ многуте индивидуални светови на постоење, низ живеењето и доживувањето на тој свет на секој човек одделно, е основниот инспиративен двигател во создавањето на оваа ликовна визија. Таквото согледување е провокативно и заводливо кон просторот на кој, врз елементите на деструираниот митски мотив, реципиентот е соочен со нови простори во кои може да суштествува и да ги надградува со свои претстави за него.
Демократија - тоа е општествено уредување во кое оние што те пљачкосуваат наместо другар те викаат господин.
„Верски центар“ е поим кој ме прави сомничав. Според мене, „Верски центар“ претставува нешто друго. Тоа не е доблест во социјалниот простор, туку нешто што има намера да го обликува тој простор. Не е нешто со кое живееш, туку нешто што е поставено за да ти диктира како да живееш.
Последниве година-две нашето општество е потресено од контроверзите и скандалите кои ги следат поставувањата на скулпурите на нашиот јавен простор. А како е во светот? Ова се десетте најконтроверзни скулпури последниве неколку години.
Прочитајте ги најновите дела од нашата неисцрплива книжевна продукција. Бројот на авторите е помал во однос на минатата недела, но радува фактот што одредени автори одржуваат континуитет и квалитет. Очекуваме и ваши конструктивни коментари.
Испрати нов коментар