(Не бев јас со Кристифор)

21.02.2015 13:00
(Не бев јас со Кристифор)

1.

Не бев јас со Кристифор,
Но го замислувам во тие одови,
Далечината ја сече со моќен зор
Водејќи ги шпанските бродови.

Решил да тргне тој
На пат што не беше послан,
Сечел низ пена браној
И в дело остварил план.

Одеднаш сретнал копно,
Низ дурбин гледајќи јак,
А на што копното припаѓало вкупно -
Денес знае секој дијак.

Но тој тогаш не знаел,
И затоа во чудниот амбиент
Гордо застанал и сјаел
Пред убавиот и туѓ континент.

И осетил радост жива,
Можеби и сласт во подсвест,
Оти копното нудело перспектива
За пари, титули и чест.

А ја дразнело мошне и суетата,
Оти бесмртност се смешкала херојска
За синот од Џенова чија силуета
Имала црта и еврејска.

Та кому на ум паднало би
Да одбие ваков дар?
Но не сме овде сите Колумби -
Во тоа и е целата ствар.

2.

Тој мислата ја напрегнал своја:
„И што ако најдам Нов свет,
Ко Шлиман што ја најде Троја -
За кого тоа е благодет?

Под мрачното знаме на конкиста
А тоа на алчноста е знак
Ќе допловат благото да го слистат
Авантуристи од сегде и лошотилак.

Сотирајќи ги сосем Индијанците,
Да смират за злато глад
Ќе ги довлечат тука Африканците,
Животот ќе им го сторат ад.

Ќе направат робови терор, клање
Тие ништожници - права Калварија.
Па зошто во такво да се буткам срање
На својата Санта Марија?

Од таа работа ме боли глава
Оти е многу валкана и тмор.
Па ми треба ли таква слава?“ -
Се запрашал Кристифор.

3.

Но на здравиот ум слушнал глас:
Наспроти предвидувањето зло
На цивилизацијата клас
Сепак ќе никне на ова тло.

Иднината не е толку сура“ -
Размислувал Кристифор -
„Оти овде литературата
Еден ден ќе блеска ко фосфор.

И секој во неа ќе биде грамада
И на својата земја чудесен крас -
Кортасар, Борхес па Амадо,
Гиљен, Мистрал, Ваљехо, Пас...

Па тука се Пеле, Марадона,
Па Роналдињо и Кака -
Кој за нив би пеел канцона
во средновековната клоака?

4.

Наведовме: литературата,
И фудбалот, јасно е тоа,
Но тука е уште и диктатурата,
Што ќе правиме со неа, господа?

И Папа Док, Тонтон-макуте,
И Стреснер во истиот миг -
На влеваат надеж тие многуте,
Да ги решиш ќе биде подвиг.

Пиноче, Трухиљо со сиот кувет
Зар човек може да ги избегне?
Па што да правам со Новиот свет?
Да го откривам или не?

И најпосле како шпанската круна
Мојот лик го согледала -
Дал како орел, жолња, фауна
Ил обична будала?

5.

...Додека песокот на Доминикана
Изнурнувал тогаш пред него млад
Се појавиле пеликаните,
Се развеал маглениот чад.

Сакал да избега од мачните ствари
За кои и не можел да донесе суд.
А поцрнетите пак му морнари
Размислувале: „Овој да не е луд?“

Не успевајќи дилеми цела камара
Да реши, се откажал од тој дострел
И одлучил да фрли пара:
„Нека се сврти орел!“

Препев: П. В.

Игор Иртењев (И́горь Моисе́евич Ирте́ньев, 1947, Москва) - поет, истакнат претставник на „ироничниот“ правец во руската поезија. Инженер по образование, завршил и Театарска академија; работел на телевизија. Почнал да пишува по триесеттата. Објавил десетина поетски книги, вклучувајќи го томот на Антологија на сатирата и хуморот на Русија во ХХ век (V, 2000) и Избрани дела (2005). Пишува и за деца.

Иртењев на Окно

Народ. Влез-Излез (1)

Народ. Влез-Излез (2)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото