„Бомбојавление“ трето (1)

21.02.2015 13:45
„Бомбојавление“ трето

„Бомбојавление“ трето: На какви криминали, злоупотреби и кршења на човекови права укажуваат снимките што ги објави СДСМ? (1)

 

Обвинителството и Народниот правобранител под итно треба да утврдат дали снимките што ги објави СДСМ се автентични, и врз основа на „допрен глас“ да отворат истрага за сите индиции за кршење на човековите права од страна на директорот на УБК, министерката за внатрешни работи и помошникот министер за внатрешни работи – чии гласови се пропознаваат од снимките.


Прва снимка: Триумфализмот на директорот на УБК и неговиот медиумски “началник”

(по сензационалистичкото апсење на “Брат Љубе”, ден по изборите, 06.05. 2011. Наводно, снимка од директорот на УБК и уредникот на “Сител”.)

СМ: “Му ебав мајката, што да ти речам сега”

(Индиции дека директорот на УБК е режисер на апсењето на “Брат Љубе”).

СМ: “Осум години ќе му биде ова да знаеш.”

(Индиции дека директорот на УБК му дојавува на уредникот на “Сител” и “Вечер” дека уапсениот ќе биде осуден на 8 години затвор. На 29.11.2011. Љубе Бошковски е навистина осуден на 8 години затвор! Тоа се индиции дека директорот на УБК е режисер не само на апсењето, туку и на судскиот процес против “Брат Љубе”, односно, дека има апсолутна контрола врз судството.)

СМ: “Какви бе триесет дена, не искача тој до издржување на казна, какви триесет дена што ти е на тебе.”

(“Брат Љубе” навистина не излегува од притвор. Дополнителни индиции дека директорот на УБК се вмешувал во судските одлуки).

СМ: “Не знам ја ќе му пуштам некој вака по, понадарен да го ебе унутра. Велија не може да го ебе добро. А?”

(Индиции дека директорот на УБК се заканувал дека ќе ангажира човек кој ќе изврши кривично дело силување врз лице лишено од слобода.)

СМ: “Што ти реков ја од понеделник почињам да апсам? Tи реков ли ја?”

(Индиции дека директорот на УБК пред апсењето на политичкиот конкурент се заканувал со апсење, односно дека ја остварил заканата. Тоа се индиции дека направил дело со умисла.)

СМ: “Тоа е тешка злоупотреба. Накалемена е… значи, натоварена е со докази, со све. Не може да мрдне. Не го вади господ.”

(Дали директорот на УБК прави фројдовски лапсус со зборот “накалемена”? Уште една индиција дека “тешката злоупотреба” е накалемена од УБК.)

СМ: “Му дава човек. Тоа е заштитен сведок. Не може да се збори за тоа.”

(Индиции дека директорот на УБК му издава наредба на “началникот” од “Сител” за што не треба да известува.)

Втора снимка: Директорот на УБК и “началникот” од “Сител” се закануваат со насилство врз политички конкуренти

Индиции дека директорот на УБК користи дехуманизирачки говор на омраза кон политички противници нарекувајќи ги “бубашваби мали”, и дискриминатроски говор кон стотици илјади македонски граѓани по етничка основа (“Шиптарите”, “Циганите”).

СМ: “Види, али после ова треба ќутек.”
ДПЛ: “Треба, треба, треба. На пример, мислам дека Љубе треба да изеде ќутек као говедо у кафана.”
СМ: “Да, а?”
ДПЛ: “Да, да, да. Онака, да биде влечен по патос.”

(Индиции дека директорот на УБК се заканува со насилство, а “началникот” од “Сител” поттикнува на извршување кривично дело насилство врз кандидат за пратеник од опозицијата. Дали заканата е практично остварена во кафеана?)

ДПЛ: “Ти значи минимум 50.000 евра ќе му земеш у пари.”
СМ: “Молим?”
ДПЛ: “Минимум 50.000 евра ќе му земеш у пари.”
СМ: “Ќе му земам... Четири пута... ако биде по 20 може и 80 да бидат.”
ДПЛ: “Дај боже. Едно ауто нека купи за жена ти. Џип.”

(Индиции за злоупотреба на службена позиција за лично богатење, преку местење на судски одлуки).


Трета снимка: Директорот на УБК и “началникот” од “Сител” се договараат кои снимки да одат на ТВ од апсењето на Љубе Бошковски

СМ: “Може и поубави слики да идат, слабо сликиве да знаеш. На “Канал 5” три пути боље идат. Што е работата?... Абе ај ова треба да го продадеме јако, да му ебам мајката… Има поубави, како лежи на земја, како.... Влези таму ти, жити се… Утре? Добро ама и за денеска знаеш. Ама добро денеска помина, ама за вечер може да се види нешто поубаво… Добро, вечер ќе има изнесување од суд, внесување од суд. Али кога лежи доле, на улица лежи бе као говедо. А?”

(Индиции дека директорот на УБК се меша во уредувачката политика на медиумите. Го притиска “началникот” од “Сител” да објават што подеградирачки снимки од осомничениот, во функција на негово медиумско оцрнување и понижување. Има и индиции за нечовечки третман кон уапсениот.)

Снимка 4: Директорот на УБК му издава наредби на “началникот” во “Канал 5”

СМ: “Ја ветив една работа, дека од понеделник апсам… Не можев да чекам јас. Тачно чекав 5-ти да пројде кампањата, да видиме кој е кој и од 6-ти си почињам со апсење… Не, не, ја реков од понеделник почињам и нема. И тоа почнав од тој нај вака што е вака нај, најубав за апсење.”

(Индиции дека директорот на УБК признава дека ја реализирал заканата со апсење на политички конкурент на неговата партија).

СМ: “Прати камери сега во суд таму… Исто и пред Воденица можда имаш камера… Ќе си го пуштате оргинал како што си го снимале, немој да заматувате ова, она.”

(Индиции дека директорот на УБК издава наредби кои камери каде да бидат пратени, и кои снимки да бидат пуштени на “Канал 5”, и истите да не бидат заматени, односно, да се повредат правата на осомничениот лишен од слобода. Според законот, “Објавувањето на фотографии или снимки на лица приведени или лишeни од слобода се врши со прикривање на изгледот на лицето”.)


Петта снимка: Министерката за внатрешни работи прима партиски наредби како да смеќава мирен протест

МП: Еј, а бе сега му пишав и на Сашо, демек некои пет автобуси тргнале од Прилеп.
ГЈ: Е ако де.
МП: Комуњариве ги организираат за протест.
ГЈ: Е ако де, не е проблем нека тераат.
МП: Технички преглед бе.
ГЈ: Не бе, што се секираш, ќе си ги средиме ние.

(Прво, во снимката има индиции дека Министерката за внатрешни работи прима наредби од партијата за тоа како да дејствува полицијата, односно, дека го злоупотребува МВР како инструмент за партиски пресметки. Второ, има индиции дека партиската нарачка за спречување на правото на мирен протест, ќе биде спроведена од страна на министерката - “ќе ги средиме ние”.)

Шеста снимка: “Список, да ги сотреме”

(Снимка од втор разговор, наводно, меѓу Министерката за внатрешни работи и партискиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ)

“МП: Слушај, јас од утре му ги зимам сите комитети. Во рок од недела дена му ја распаѓам партијата, сите во цела држава. 
ГЈ: Тоа е супер, ама треба да направиме Мартин и еден список, да ги сотреме. 
МП: Како да ги сотреме?
ГЈ: Па така, не може некој што душа ни вадел во кампањава плата да му даваме ние во институцииве. Еве кај мене на пример тие што му биле обезбедување, нема бе да работат во МВР. Нигде нема да работат...
И плус на комуњарите исто. Не може бе некој кај Рада у штаб вчера седи на прес, а да работи во институција државна... Треба една јака анализа, до формирање на нова Влада да ги исчистиме.”

(Индиции дека Министерката за внатрешни се согласува со планот за распаднување на партијата “Обединети за Македонија” и дека треба да се направи список за да се “сотрат”, односно “исчистат” тие што им ваделе душа во кампањата, а кои работат во државни институции).

МП: Ти јавувај ми. Нашиве сега, готово, “Сител”, “Канал 5”, “МТВ”, “Дневник”, сите топ ќе си покријат, него, јавувај ми, на пример, ако треба нешто посебно да се каже, на прес на новинари да оди, чисто уреднициве да го нафрлат… во колумни, во она, во ова.
ГЈ: Види, ова денес Иво што го кажа сосема е доволно за денот да го покриеме.
МП: За почеток е супер.
ГЈ: А утре ќе си праиме сценарио.
МП: Добро, добро.

(Гласот кој наводно му припаѓа на партискиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ кажува кои медиуми се нивни и дава инструкции до Министерката за внатрешни да му дојавува информации, кои потоа би биле пласирани на прес-конференции, или во уреднички коментари и колумни. Во истата снимка се прави и план за дискредитација на уапсениот со објавување на снимки во нивни медиуми (“Да кажеме што било. Дознава “Канал 5” дека тоа и тоа”). Министерката за внатрешни најавува дека за утре ќе прават заедничко сценарио што ќе се пласира во медиумите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, што укажува на спрега меѓу МВР, ВМРО-ДПМНЕ и нивните медиуми за медиумска дискредитација на осомничено лице).

Седма снимка: Министерката и помошникот министер за внатрешни работи се договараат какви снимки да им бидат пратени на новинарите - понасилни или поненасилни.

ГЈ: Па нека одбере поненасилни.
ИК: Така и јас мислам. Легнување на асфалт може, ама Пуки или некој од другиве му бутале пиштол у уста.
ГЈ: Тие нека не ги даваат.
ИК: А легнување на асфалт може така?
ГЈ: Да бе да.
ИК: Тоа е културно што.
ГЈ: Да бе, тоа цело Скопје го виде.
ИК: Да бе, па и Штрос Кан го апсеа со лисици.
Овие морониве од А1 ме прашуваа за ова.
ГЈ: Ок, ај да гледам А1 сега, се договориме за ова.
ИК: …Ме прашуваше за убиено дете на плоштад. Идиоти.
ГЈ: Ок, ајде, ајде чао. 

(Содржината на разговорот индицира дека уапсениот бил подложен на нечовечки и деградирачки третман, и дека за тоа МВР поседува снимки, кои се прикриваат. Снимката индицира дека помошникот министер ги нарекува новинарите “морони” и “идиоти” затоа што го прашале за “убиено дете на плоштад”, а дека Министерката за внатрешни воопшто не ја интересира прашањето на новинарите за убиството на Мартин Нешковски, туку сака да гледа ТВ).

Слики: Свирачиња