Македонија, тоа сум јас, стоко!

24.02.2015 14:04
Македонија, тоа сум јас, стоко!

Хан: Здраво Гру, што правиш!?

Никола: Еве, ја слушав снимката од разговорот меѓу Ставрески и Јанкулоска и можам да ти кажам дека звучиш како да си министер за финансии во мојата влада, во која министер за внатрешни работи сум си јас самиот на себе, маскиран во Гордана! Плукнат Зоки си, бе, Хан, жими мајка!

Хан: Хахаха, многу си духовит, мислев што правиш кога не ги прислушуваш луѓето?!

Никола: Па, поставуваме нови апарати за прислушување!

Хан: Тоа ме радува, со помалку од еден отсто или со 26.000 прислушувани не можете да влезете во Европа!

Никола: Па, се трудиме, се трудиме!

Хан: Се трудите, се трудите, но морам да ти кажам дека воопшто не сум задоволен од снимките што си му ги направил на Заев, подобри беа фотките што на времето ги правевме по фотоавтоматите на железничките станици! Со ваков квалитет не можете да стигнете ниту до Предејане! Пријателски, ти кажувам, како народњак на конзервативец или обратно, како сакаш!

Никола: Хахаха, а, бе, нас членовите на Европската пучка странка во Хрватска нè викаат пучисти, многу интересно, јас го обвинувам Заев дека е пучист, а онаа будала Тричковски тврди дека и јас сум бил пучист и тоа не како член на Европската пучка странка туку како државен пучист; кој ќе го знае, будала, будала, ама, можеби, е во право!

Хан: Мојата забелешка за квалитетот на снимката беше добронамерна, ако така лошо го снимате главниот непријател каква снимка утре ќе извадите, не знам, од Муса Џафери кој и кога го слушаш во живо не можеш да разбереш што сака да каже!?

Никола: А, бе, Мартин нè сликаше со стариот „блекбери“, камера 1,3 мегапиксели, а микрофончето го бил покрил со опозицијата, мислам на палецот, сто пати сум му рекол, Мартин, бе, мораш да си купиш нов телефон, на што личиш со овој стар „блекбери“! Инаку, за твоја информација, го имаме Џафери и тоа на џам снимка, ама, имаш право, труп, бе, труп, убаво го беше стиснал бате Саше за Врховен, а тој Али, па Али, да го прашам Али, па прашај го, си викам јас, али кој кур си ти, бе!?

Хан: Добро бе, батали ја таа снимка, ќе гледам да ви испратиме квалитетна опрема, плус нов „Асцент мејт севен“ на Хуавеј за Мартин, туку, друго ми беше муабетот, а бе, сакав да те замолам ако може некако да ја повлечете кривичната пријава против Заев, како знак на добра волја, знаеш дека сакам да ги вратам во парламентот, друго е кога комуњарите ги заебавате во институциите, а скроз поинаку е кога тоа го правите на улица!?

Никола: Може, бе, како не може, макар што тој ѕвер ни прави големи проблеми, за таа работа е задолжена Гордана, таа ќе треба да му се јави на Маркота, па Марко да ѝ се јави нејзе и така, заебана работа, знаеш, многу е независен и своеглав јавниот обвинител, бе, се држи човекот за законот како слепец за стап, но ќе гледаме да ја завршиме таа работа!

Хан: Така и треба да биде, поделбата на власта е клучна работа, Марко мора да биде независен за да може да ти заврши некоја работа кога ќе му се јавите, оти ако е зависен, ако е твој човек, тој воопшто нема да чека да му се јавите, знам дека ќе ти звучи малку чудно, но така е: кога е независен, тој може да работи по твое, а кога е твој, тој работи по свое, бидејќи е сигурен дека неговото, всушност, е твое...

Никола: Да, во право си, со поделбата на власта во фамилијата, ние сме практично во Европа!

Хан: Точно, но тоа не е доволно!

Никола: Знам, знам, не се секирај, не сум заборавил на главната задача: дресирање на примитивноста и спуштање на отпорот на културните рефлекси, кога ќе почнат преговорите, тоа поглавје ќе можеме да го прескокнеме оти процесот на кретенизација на оваа вештачка нација ќе биде завршен 102,3 отсто, ти гарантирам!

Хан: Супер, кога ќе дојдеш, да ти ја смениме батеријата!

Детс ол фолкс! За денеска. Не смееме премногу да ја шокираме јавноста. Јас и странската служба што ја изнајмив да ми ги направи овие тонски записи, ќе размислиме дали да го објавиме и вториот дел од разговорот во кој Хан бара Гру да остане фокусиран на евроатлантските интеграции, а Гру му објаснува дека тој би сакал да остане фокусиран ама дека постојано го дефокусираат маргиналните медиуми кои се маргинални ама се слободни, и одбивањето на опозицијата да учествува во работата на фамилијарните институции, климатизирани, јонизирани и така натаму, човек да умре од мерак за дијалог...

***

Дрн... дрн... дрн, оп си реков, повторно некој ми легнал на ѕвончето, отворам, што да видам, тип облечен како Тодор Александров, вели „Бранко!?“, велам, „да“, тој вели „дојдов да ја спасам Македонија!“, „добро“, му велам јас „убаво од твоја страна“, „ убаво-неубаво“ вели тој, „морам да те убијам!“, „уф, јеботе“ му велам јас, „па ти си имал сериозен проблем!“, „ мислиш“, ми вели Тодор Александров, „имам проблеми да ја спасам Македонија“, „да“, му велам јас „да ја спасиш Македонија“, „како, бе!?“, ме прашува Тодор спуштајќи ја цевката на револверот како варен кур на сукалка, „така“, му велам, „Македонија, тоа сум јас, бе, будало“!

Уште додека го пишував овој статус на Фејсбук, ми звучеше позната поентата, која, морам да кажам, колку и да звучи нескромно, е феноменална! И така, тоа црвче на љубопитството вртеше, вртеше по моето сеќавање и оп, се сетив, тоа е Томас Ман, варијација на Томас Ман од неговата беспоштедна расправа со нацистите, оди вака тој феноменален монолог што го имам поместено во една колумна во „Глобус“ уште пред пет години а тука го ставам како обраќање до стоката што тргнала да си ја брани тревата на македонската ливада:

„Проколнат е животот во борба и судир со една народност која, сепак, го носи пливачот. Секако, така треба да биде, јас жалостен не сум. Но, не е право што тие ја мразат јасноста. За жалење е што тие не ја познаваат убавината на вистината - одвратно е што им се толку драги испарувањата и пијанството и секоја бесна неумереност - што верно му се предаваат на секој восхитен ебиветер кој во нив ги побудува најниските страсти, ги зацврстува во нив најниските пороци и ги учи националноста да ја сфаќаат како изолирање и грубост - бедно е што на нив самите секогаш им се чини дека се големи и прекрасни кога наполно ќе го проиграат сето свое достоинство. И со така пакосна омраза гледаат на оние во кои странците ја гледаат и почитуваат Германија. Јас воопшто не сакам да се помирувам. Тие не ме сакаат мене - тоа е право, јас не ги сакам нив, така сме меѓусебно измирени. Моето германство е моја работа - нив ѓаволот нека ги носи заедно со пакосното филистарство, како што тоа тие го викаат. Тие мислат дека тие ја претставуваат Германија, но тоа сум јас, а ако се случи сосема да пропадне, таа ќе трае во мене.

Јас не мислам дека Македонија ќе трае во мене откако ќе пропадне. Веќе ми е преку глава, да не речам: преку што сè ми е од Македонија како фина форма на една доживотна казна. А нема никакви дилеми дека и мене нема да ме има во колективната меморија на татковината ако се случи да заминам во вечните ловишта пред да заврши оваа вмровска свињарија. Но, слушајте, и во пропаѓањето треба да се има стил. Ги праќам, значи, по ѓаволите квазинационалистичките ебиветри на надвојводата, нема помирување со лудаците на транзициското финале, а на Македонија ѝ ја давам последната шанса: да биде амбиент на битката со своите идиоти. Ако ни овозможи да ги победиме има некакви шанси; ако не - нека оди и таа по ѓаволите!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат