ВМРО-ДПМНЕ ќе купува гулаби-писмоносци

25.02.2015 15:10
ВМРО-ДПМНЕ ќе купува гулаби-писмоносци

Скопје, 25 февруари 2015

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе набавува над илјада гулаби-писмоносци, дознаваат Пара вести. Нивната набавка ќе биде итна, и за истата нема да биде распишан тендер, туку купопродажбата ќе се изврши со фирма блиска до партијата.

Премиерот Никола Груевски пред два дена во емисијата „Јади помија“ изјави дека гулабите се набавуваат за разонода на членовите, и ги демантира сите гласини дека овие птици ќе се користат за меѓусебна комуникација меѓу членството, особено откако пукна аферата со снимените телефонски разговори во кои се разобличуваат авторитарните методи на власта и се открија голем број коруптивни и криминални договарања.

Како што дознаваат Пара вести од извори блиски до опозицијата, деновиве членството на ВМРО-ДПМНЕ е во паника и воопшто не ги користи мобилните телефони за меѓусебни разговори. Додека не ги набават гулабите, тие се принудени да користат човечки гласници кои ги праќаат од едно место до друго.

Од Службата за општи и заеднички работи на ВМРО-ДПМНЕ се огласија со соопштение дека „гулабите ќе се користат за летање на покривот од партиските штабови“ и дека „станува збор за украсни и скапи гулаби кои со својот елегантен лет ќе треба психички да ги опуштаат напнатите сопартијци“.

Од службата проценуваат дека за набавка на овие птици се потребни 2,5 милиони евра без вклучен ДДВ, средства кои ќе се платат од државниот буџет.

На страната на Бирото за тајни набавки на ДПМНЕ стои дека при спроведување на постапката за набавка ќе се користи можноста за договарање во четири очи и дека набавката е неделива, што значи дека потребните гулаби-писмоносци можат да се набават од само една фирма.