Дискретниот шарм на продавачите на магла

26.02.2015 15:03
Дискретниот шарм на продавачите на магла

Фамозните фото-монтажи на Александар Ковачевски, веројатно на многумина им се веќе познати од социјалните мрежи. Неодамна беа изложени и во физичка форма на Филолошкиот факултет во Скопје, како дел од вариететната програма која ја организира Студентскиот пленум во автономната зона. Изложбата беше поставена под симболичниот наслов „Дискретниот шарм на продавачите на магла“. Пред неколку дена, монтажите на Ковачевски беа поставени и во Gallery MC во Њујорк, како дел од групна изложба на неколку македонски автори.

На сликите можеме да ги видиме сеприсутните ликови на политичарите од македонското секојдневие, кои до болка се набиени во свеста на Македонецот преку своето непрекинато зрачење од сите медиумски екрани и мегафони.

Македонскиот политичар на власт е повеќе од „институционализирана моќ“. Македонскиот политичар е шоумен, кој секојдневно има трошки забавна политика да истресе од ракавот. Таа непрекината плејада на изјави и постапки на овие луѓе, кои секогаш ни се забавни на еден мазохистички начин, како постепено да преминува во нужна дразба без која просечниот Македонец би се чувствувал празно.

Во „Дискретниот шарм на буржоазијата“ на Луис Буњуел, протагонистите во еден миг се наоѓаат на театарски штици, очи во очи со публиката и сфаќаат дека нивните секојдневни проблематики не биле ништо повеќе од една голема изрежирана драма. На сличен начин, во оваа креативна фото-серија македонските јавни фаци се вешто зграпчени од драматургијата на нивните секојдневни медиумски паради, при што се претворени во црнобели исечоци на некој потенцијален филм за нашето секојдневие. И тоа филм чие сиже совршено би се вклопило под името „Дискретниот шарм на продавачите на магла“.

Речениците кои како превод на филмот се додадени на секоја слика, прават заокружена целина од секој блиц-кадар. Покрај комичните досетки кои ги исмеваат дневно-политичките збиднувања, текстот на некои од монтажите е длабоко филозофски и делува толку дисонантно и нетипично кога се обидуваме да ги замислиме добропознатите ликови да го изговорат тоа подметнато „сценарио“. Од друга страна пак, некои од тие длабоки интроспективни мисли се неслучајно одбрани и сосема фино им легнуваат на личностите на кои им се подметнати.

Тие вештачки имплантирани парчиња интелектуални дијалози, доловуваат една испревртена комичност, како кај урнебесната сцена со вечерата во „The Phantom of Liberty“ на Буњуел, каде што општествено прифатливото однесување и разговор е нешто сосема спротивно од реалноста.

Од една страна, медиумски експонираните личности секојдневно ни сервираат доза од своето наштимано, camera-friendly себство, и веќе следниот миг ги гледаме фатени во уште пофилмска верзија во монтажите на Ковачевски. Можеби на крајот на краиштата, кога актерите од политичкото секојдневие ги ставате во улога на de facto глумци во некој безимен филм, крајниот резултат би бил - неизоставно соголување до нивното просто човечко себство. Или поинаку кажано, една своевидна афирмација на нивната суштинска личност преку двојната негација на нивните улоги.

Инаку, Александар Ковачевски е филмски работник и мултимедијален уметник од Битола. Неговото изразување се протега од филмска режија и кинематографија, преку фотографија, до графички дизајн. Се јавува и како автор во повеќе коавторски теориски трудови со општествена проблематика. Преку неговата работа сака да го истражува карактерот на моќта во општеството, механизмите на вина, казна и награда, политиките на владејачката класа, сексуалноста и телото, отуѓувањето, конзумеризмот, љубовта во време на неолиберализам, како и останати социјални и политички теми.

ОкоБоли главаВицФото