Крадец = мачор со шапка

27.02.2015 02:39
Крадец = мачор со шапка

Денес и постарите малолетници и фините студенти на себе ставаат разни ламји и караконџули, змејови и тигри, сето тоа за да се обидат да изгледаат „опасно“. Ретко кој од нив размислува дека тие слики ќе ги носи целиот живот, а уште помалку размислува за „ситници“ како што е значењето на цртежот. Не е потребно ниту да се споменуваат разните необични букви, затоа што тоа знаело да создаде многу смешни ситуации кога ќе се појави некој што знае да го чита тоа писмо. На тој начин, таканаречен тигар се претворал во вистинска свиња или нешто уште полошо и побесмислено. А, во почетокот изгледало толку возбудливо.

Такви нешта ни случајно не би можеле да се случат во руските затвори. Таму, секоја тетоважа има посебно значење кое се менува дури и заради местото на телото на кое се наоѓа цртежот. Истиот цртеж, на рамото и на грбот, нема исто значење.

Не е познато од кога потекнува оваа појава. Некои истражувачи споменуваат дека таа појава е уште од раните дваесетти години на 20 век, кога затворите и логорите почнале да се полнат со противници на советската власт. Сепак, тетовирањето се поврзува со професионалните криминалци, крадците и останатите братства кои поминувале поголем дел од животот зад решетките и почнале да ги цртаат сопствените кожи, не само заради рекреација. Оние кои подоцна по политичка линија завршувале во логорите-гулази, не покажувале некаков поголем интерес за уметноста. Тетовирањето имало врска со затворската хиерархија, од која биле изземани „политичките“.

И обележје на машкоста

Како и во секој затвор, откако постои светот, и во советските, подоцна и во руските, тетовирањето е едно од оние нешта кои се најстрого забранети. Сепак, заради долгите денови, робијашите морале да се забавуваат со нешто, а една од тие забави е и тетовирањето. Кога тоа уште и ќе се поврзе со значењата, ете ја поврзаноста на „убавото“ и корисното.

Самата техника на тетовирање е колку што е можно најпримитивна, бидејќи во затворите тешко може да се води сметка за опремата, уште помалку за хигиената. Најчесто се работело со обични игли, или што било остро и метално, кое можело да биде наострено од бетонот. Се подразбира дека дури и таквата апаратура морала да биде прокриумчарена и сокривана, па дури и кога се работело за украдени, па наострени жици од некоја гитара која служела за културно воздигнување на затворениците. Се разбира, ни мастилото не доаѓало предвид, а затоа што човекот е снаодливо животно, постоеле итри начини и разни мешавини, какви што, веројатно, никогаш и на ниедно друго место, никому не би паднале на ум.

Главен и најчесто користен рецепт бил да се откине парче ѓон од обувка, потоа да се запали, па тој прав да се помеша со некој вид шампон. Плус урина, за која од некакви причини се верувало дека е силно средство за дезинфекција. Не била, па инфекциите биле вообичаена појава, а не било ни ретко некој да умре по разубавувањето. Болката која доаѓа природно заради таквото касапење, била сметана за обележје на машкоста, затоа што, каков е тој криминалец кој не може да издржи малку боцкање.

Сепак, најинтересни се мотивите. Имало сè и сешто, од Ленин и Сталин, преку цркви, до животни и разни симболи. Другарите Ленин и Сталин се појавуваат од триесеттите до педесеттите години од минатиот век, па и подоцна. Прво било нејасно зошто некој кого системот го фрлил на сериозна робија, на себе ги носел основачите на истиот тој режим, а потоа се открила снаодливоста на крадците. Кој мајчин син од затворските чувари смеел со пендрек да ги удри водачите на револуцијата? Нешто друго била кратенката ВОР, која се пишувала под портретот на Ленин. Официјалното образложение е „Водич на Октомвриската револуција“, а вистинското значело крадец (вор, на руски). Па, сега ти мисли што сакал да каже писателот.

Се тетовирале и чиновите во затворската хиерархија. Не било ретко луѓето на рамениците да имаат истетовирани цели еполети. Тука се и ѕвездите, главно на градите или колениците. Оние на колениците значеле дека гордиот носител на истите не клекнува пред никого. Главно, тоа биле предводниците, краловите на крадците. Или, како што се зборувало „вор в законе“. Оваа титула го означувала професионалниот криминалец, таканаречената елита на криминалот. Тоа биле луѓе кои поставувале прашања, владееле со подземјето, а кога, заради природата на работата, стигнувале до робија, владеењето продолжувало, овој пат меѓу затворските ѕидови. Постоел посебен кодекс на однесување. Овие професионални криминалци апсолутно одбивале каква било соработка со кои било власти. По цена на самица не се почитувала ниту најмалата наредба на стражарите, да не зборуваме дека поткажувањето не доаѓало предвид. На оние што тоа ќе им паднело на ум или барем ќе се посомневале во нив, не ги носеле главите уште долго.

Жица по средината на челото

На затворениците често се гледале и верски мотиви. На прв поглед, само монаси и испосници. Сите тие Богородици, цркви, крстови, човек ќе помисли дека додека биле на робија доживеале просветлување. Сепак, чест на исклучоците, кои биле исклучително малку, сите тие мотиви исто така биле отворена книга за оној што знае да ја чита. Црквите со камбанариите ги означувале повеќекратните повратници, една „луковица“, односно камбанарија од црквата значела и една повеќегодишна робија. Богородица со Христос во рацете означувала дете родено во затвор кое во еден момент повторно е фрлено во окови, само колку да се присети на своите рани денови. Крстот на градите, покрај лидерството, ги означувало и луѓето кои не би предале или кодошеле по никоја цена, дури и ако биле изложени на најголеми маки. Повторно, крстот со главата на Христос, на која се наоѓа круната од трња, ги означувал хулиганите, луѓе кои се мошне наклонети кон насилно изразување на своите ставови. Или, оние кои многу сакале да кршат туѓи глави, повеќе отколку идеи. И, како врв на сè, тетоважата која прикажува монах препишувач кој седи на столица и со перо препишува некоја службена книга. Овој цртеж бил голем, главно се протегал по должината на грбот или стомакот, а носителот бил сè друго освен смирен и трпелив монах. Се работело за човек кој е мошне вешт во употребата на нож, жилет или кој било друг наострен предмет. Таквите од своите вештини направиле професија, па било можно да се изнајмат ако некој посака противникот да го проголта мракот, заради која било причина. Биле делотворни и молчеле, а своите вештини ги наплатувале во цигари и некоја друга затворска монета. Најчесто, овие „монаси“ ги следеле и тетоважи со бодликава жица на челото, знак дека служат доживотна робија без право на помилување, па немаат што да изгубат.

Наспроти нив имало речиси симпатични тетоважи, главно мачки, најчесто со цилиндер, преземени од книгата „Златно клуче“ на Алексеј Толстој. Тоа е руска верзија на приказната за Пинокио, главниот лик се вика Буратино, а еден од злобните во романот е и мачорот со шапка. Овој лик како свое обележје го земале професионалните крадци и провалниците. Главно е тетовиран на дланките и рацете, на многу видливи места. Тоа значи и дека носителот е толку навлезен во криминалот што нема намера да се менува и тоа не можат да го спречат никакви затвори и самици, па не се труди премногу да го сокрие својот занает. Еден мачор е знак дека провалникот е солист, а повеќе мачори дека работи во рамки на некоја банда. Во тој случај, на вратоврската на мачорот имало ознака на бандата или областа во која работи.

Болно отстранување на еполетите

Бидејќи таквите „оператори“ главно биле „патувачки куќи“, никогаш, од разбирливи причини, не се задржувале долго на исто мсто, па главата на мачорот речиси секогаш ја следел и цртеж со едрилица со раширени едра. Ознака дека човекот не го држи место. Овие ознаки имале и професионални измамници, сите можни и невозможни видови на Остап Бендер, главниот јунак од сатиричните романи на советските писатели Иљфа и Петров.

И, на самиот крај, врвот на иронијата била ознаката „Сделано в СССР“. Преземена е од советските производи кои се извезувале со гордост, а потоа, некој од „професионалците“ се сетил тоа да го тетовира, како врв на подбивањето со системот.

Се подразбира дека овие цртежи се носеле доживотно, иако се случувало тетоважите насилно да се отстрануваат, најчесто како казна кога некој ќе го изневерел „законот на крадците“. Тоа се совпаѓа со симнувањето на еполетите на војниците, само многу поболно. Таквите паѓале на дното од затворската хиерархија, без никаква можност да се извлечат од таму. Исто така, тие тетоважи не можел да ги нацрта кој било, онака како што ќе му падне на ум, туку тоа морало да се заслужи, исто како и чиновите во војска.

Извор: Политикин забавник