(Не)вистината, (не)демократијата и потребата од принципиелност во времето што доаѓа

27.02.2015 04:42
(Не)вистината, (не)демократијата и потребата од принципиелност во времето што доаѓа

Не е важна вистината, важно е луѓето да ти веруваат тебе повеќе отколку на твојот противник. Не се важни аргументите, важни се етикетите – предавници, шпиони, платеници – па макар биле и конструкции. Тоа е геслото на недемократите на XXI век, од ковот на Груевски и дружината. Таквиот принцип не им пречи ниту на груевци, ниту на медиумите, ниту на новинарите-соработници кои се активни чинители во остварување на теснопартиските интереси на власта, преку необјективно и непринципиелно известување. „Вестите се куртон и владина пропаганда“ – чуено од устата на главниот и одговорен „началник“ на најгледаната телевизија во Македонија, кој исто така самиот си признава дека сиве овие години „испорачуел услуга“ за бенефициите кои оваа власт му ги овозможувала.

Каде да се лоцира причината за ваквото деградирање на улогата на мејнстрим медиумите во XXI век? Во прв ред, секако дека станува збор за структурен проблем. Во неолибералниот контекст, каде што и политиката и општеството се раководени од пазарниот фундаментализам и од интересите и од желбата да се максимизира профитот, вистината е нешто што се купува со пари. (Не)вистината е релативна, таа може да се (пре)обликува или целосно да се искривоколчи и да се користи по потреба, затоа што таа е само еден од инструментите кои им стојат на располаѓање на моќниците.

Сервилноста на медиумите кон тие кои имаат политичка и финансиска моќ не е проблем само во Македонија. Ваквиот тип на спрега меѓу политичките и медиумските структури е рецепт кој се среќава и во други недемократии и зграпчени држави (пр. Раша Тудеј), но и во „демократии“ (пр. Фокс Њуз во САД). Можеби и не треба до тој степен да нѐ изненадува спрегата помеѓу медиумите и оние кои се на власт со цел – непромовирање на одредена идеја или дискурс – туку едноставно извлекување на максимум корист од секоја ситуација. Тоа е систематски проблем за кој не е доволно само политичка промена, ниту промена на законската рамка, туку длабока, вредносна промена која нема да се случи преку ноќ.

Протечените снимки, сепак, укажуваат и на проблемот на агенсот во сево ова – самите „новинари“ и оние кои ја држат моќта, имаат голем удел во уривањето на интегритетот на мејнстрим медиумите. Да, неолиберализмот царува насекаде низ светот, но дури и во најмаркетизираните и најперверзните политички средини, елитите – политички и медиумски – имаат дно. Минимумот одговорност секогаш мора да биде запазен и токму тоа е една од клучните точки по кои се разликуваат демократијата и недемократијата. Воедно, во ниту една друга средина не би се случило протекувањето на такви блатантни докази за корумпираност, а тоа да помине без преземање на каква било одговорност.

Воедно, она што веројатно е повеќе проблем на агенсот отколку на структурата, е и леснотијата со која се замолчува оној кој противречи. Оние кои ги загрозуваат тесните интереси на власта биле следени и обработувани од службите; како што протечените снимки ни потврдија, некои од нив се соочуваат со „летање од работа“; а веројатно и со секакви видови на казнување (свеж ни е случајот со Кежаровски) – и сево ова, со знак прашалник што допрва ќе дознаеме за случајот на Никола Младенов.

Прашањето што се поставува е како понатаму, и особено, како по паѓањето на оваа власт? Предизвикот ќе биде, првенствено, лустрација на сите виновници за, помеѓу другите злодела, креирањето на паралелна реалност и задртата пропаганда со која влијаеле на сите општествено-политички текови во државата, но кои многу веројатно имале и свои жртви. Следно би било обврзувањето – барем на националниот сервис – за фер и балансирано известување и давање на подеднаква шанса на различните стојалишта, особено во периоди на изборни кампањи и слично. Партиципативно креирање на програмата (како што сервисот партиципативно е финансиран од граѓаните) е само еден од примерите за промени кои треба да уследат.

Сепак, она што ќе биде уште поголем предизвик е востановувањето и имплементирањето на критериум за минимум одговорност и обврска за кажување на вистината во јавност, налик на стандардите кои постојат во академската заедница (кои, повторно, не се совршени – но барем принципот е востановен како светост). Структурно, тоа ќе биде поврзано со целата битка против корупцијата, клиентелизмот и опортунизмот, но се чини најважно ќе биде едукативното делување во рамките на општеството, затоа што ова е нешто што не може да се регулира, туку едноставно ќе мора да се научи и пренесе како знаење на останатите. Во прв ред, многу ќе биде важно професионалните новинари, а особено и ние, општествено ангажираните личности, дури и додека ги коваме последните шајки во ковчегот на власта на Груевци, да ги задржиме минималните стандарди за објективност, принципиелност и аргументираност – но и взаемна проверка (peer review) при нашето делување во јавната сфера, не дозволувајќи да спаднеме на нивното ниво. Со тоа, ќе си дадеме шанса да расчистиме не само со нив самите, туку и со нивниот начин на делување.

Нема да биде лесно и збирниот резултат ќе зависи од трудот вложен од секој поединец, и затоа не смееме да си дозволиме ниту одмор, ниту пропуст.

Извор: zasedan.ie.mk
Слики: Guo Xun