Увото на Бате

27.02.2015 16:49
Увото на Бате

Како е можно тоа? Каков е тој ум кој го смислил сето тоа? Болен или здрав? Ако е здрав, тогаш е екстремно поинаков од умот на обичниот свет; до тој степен што, се чини, дека ни не е од овој, земен свет? Што има и од каков особен метал (божји или демонски) е искован духот на човек кој подлегнува на пеколна страст да влегува во мрачниот, интимен свет на други, во оној свет кој, неретко, се крие и од самиот себеси? Кои и какви се тие општи практики? Кои се тие „високи“ цели во „општ“ интерес кои не само што го дозволуваат туку дури и го правдаат - сето тоа?

Тие и уште еден куп други прашања си ги поставува себеси секој разумен човек кога се обидува да размислува за фактори кои го генерирале злото преку извршителите на власта, мајсторите и творците на сето тоа. А пак тоа е - монструозниот потфат „Увото на Бате“ кој си поставил цел да прислушкува огромен број луѓе (од 20 до 26.000 души) во континуитет на 4 до 5 години. Тој дијаболичен потфат веќе нè прослави во светот. Тој нè издигна на висок пиедестал, како оној на Александар во центарот на Скопје, и од сите нас направи сериозни конкуренти на веќе одамна покојната источногерманска тајна полиција „Штази“, надалеку позната по злото, една од најразгранетите, сеприсутни и безмилосни тајни полициски мрежи, заедно со сеуште активната израелска „Мосад“. Ќе се обидам тука да ги опишам и, врз основа на тоа, да ги одредам факторите кои довеле до сето – „тоа“. Се разбира, во груби црти.

Првиот фактор кој, на прв поглед, се чини малку наивен и затоа малку веројатен е од - техничка природа. Би можел да се нарече сциентистички. Денес некои угледни политиколози го определуваат сциентизмот како една од крупните закани за демократиите, која оди рака под рака со месијанството и манихејството, други две закани од истиот ред. Тие закани меко и тивко, однатре, ги претвораат демократиите во авторитарни системи и тоа е денес честа појава. Можностите на модерната висока технологија за прислушкување го ставаат на големи искушенија (на кои тешко им се спротивставува човек!) секој оној кој се домогнал до таква технологија. Тие искушенија се споредуваат со оние на ѓаволот од библијата кој ја купува душата на човекот во замена за неговата брза и лесна среќа, удобности и задоволства, кои секогаш му недостигаат во животот. Се зборува дека нашата тајна полиција дошла до таква, висока технологија од израелско потекло (друго е прашањето како и зошто) и затоа тој фактор не може да се игнорира.

Вториот фактор е, според неговиот висок потенцијал за „искушение“, мошне близок до првиот. За тој фактор, на впечатлив начин, а во наративна форма, зборува класичниот американски писател Едгар Алан По и за него го употребува изразот primumum mobile: мотив над сите мотиви или – архимотив. Според таа теорија primum mobile на Алан По, самата „можност“ да се направи нешто, а пак во таа можност, бездруго, спаѓаат кршењето строги закони, забрани и табуа – прислушкувањето, во нашиов случај! – го турка човекот кон потфат кој, во неговите очи, ќе стане некој „подвиг“ од прв ред, достоен за почит и восхит. Сето тоа, на купче, му носи нему еден особен вид задоволство. Донекаде темно, со скриена садистичка црта, но затоа пак интензивно. Еден таков човек се осмелува да го направи тоа што само ретките се осмелуваат. Така тој станува „редок“ и, со тоа, над обичниот свет! Добро зборува за тој вид задоволство разговорот на првиот човек на македонската тајна полиција (Сашо Мијалков) кој го објави шефот на опозицијата Зоран Заев, со шефот на „Канал 5“ Емил Стојменов. На денот на апсењето на Љубе Бошковски, првиот го прашува вториот: дали му се „направил ќејфот“ со тоа спектакуларно апсење, пред камери? Лесно може да се наѕре во така поставеното прашање суратот на тоа темно задоволство од замислен и остварен „подвиг“, способност на ретките, необични и супериорни. Во комбинација со првиот фактор, можноста да се направи еден неверојатен потфат – да се прислушкуваат огромен број луѓе, да се влезе во нивната интима, да се доведат тие луѓе во полна зависност и, по потреба, да се манипулираат, а да не знаат ама баш ништо за тоа станува, исто така, е извор на задоволство.

Третиот фактор, во споредба со претходните два е внатрешен, зашто не потекнува од „средства“ туку се врзува за волјата на човекот. Тој фактор игра на картата „возвишена цел“ каква што е волјата за правда зад која, меѓутоа, не ретко се крие темната волја за одмазда. Добро зборува за тоа еден доста познат, омилен наратив на сегашниот премиер Никола Груевски, наратив од времето кога тој беше прв опозиционер. Сите постапки на тогашната власт која, во нејзината борба против „организираниот криминал“ (паѓаа, главно, ликови од елитата на Љубчо Георгиевски; тие ликови си беа направиле добри, дебели пари било преку механизмот клиентализам, било преку матната трговија со влијанија) беа оценувани, од тогашниот опозиционер Груевски, како политички мотивирани, како брутален реваншизам, како потаен план да се уништи секаква опозиција во РМ. Дури и да не верувал тој исцело во тоа; дури и да била сосема друга целта на тој негов наратив (на пр. погодно средство да се зајакне кохезијата на неговата партија) еднаш, лансиран како делотворно партиско лепило, тој наратив почнува да функционира според својата внатрешна логика и да му испорачува некои императиви до кои мора да се држи.

Еден од тие императиви е особено важен: во духот на еден генерален антрополошки закон, нема човек кој може да побeгне од тоа да го „прави тоа што му го правеле“. Согласно со тоа, ако неговиот политички противник имал, како власт, некој потаен план да го уништи него како опозиција, тогаш, кога му доаѓа редот тој да биде власт, не може да не го прави тоа што му се – правело! Така, под фасадата „немилосрдна“ правда, почнува да пустоши дивата волја за одмазда, а пак во таа операција тајната полиција служи како ударна тупаница. За да ја исполни својата мисија по налог на власта, таа мора да ги прислушкува и – прислушкува! Натаму, работите се одвиваат по некоја своја, тајна логика. Круговите на прислушкувањето почнуваат да се шират постепено, но сè повеќе и повеќе, сè до оние димензии кои ни ги разоткри Заев. Се разбира, постојат и многу други фактори (со не помала важност) за генезата на една појава од типот „Увото на Бате“ но и овие, кои се обидов јасно да ги опишам и одредам, се доволни да фрлат барем малку неопходна светлина врз мистичните и мрачни механизми кои ги управуваат нашите животи, а за кои малку или ништо не знаеме.

Слики: Свирачиња
Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото