Како до пристојна разрешница на кризата

28.02.2015 12:52
Како до пристојна разрешница на кризата

Верувам, почитувани читатели, дека длабоката политичка криза што кулминира деновиве нè вознемирува сите, без оглед на нашата припадност и убедувања. И со право се плашиме за нашата иднина, за тоа што носи утрешниот ден. И покрај оптимизмот што го носат малите победи како онаа на студентите или оставките на некои маргинални функционери, сепак, очигледно е дека ситуацијата се влошува, од ден на ден, а излезот од темницата не го гледа никој.

Опозицијата продолжува со објавување застрашувачки информации, кои ни покажуваат дека во овие години некаде по пат сме ја изгубиле државата, а сме добиле злосторничко здружување на неколку поединци, кои тотално го окупирале и општеството и институциите. Луѓе со „богат“ вокабулар и уште побогат „арсенал“, спремни да решат секаква ситуација, не во согласност со правото, Уставот и законите, туку на „нивен начин“. Тие, во секоја манџа во општеството, од вработување портири, па сè до делење милионски суми за медиумска послушност, да ти биле неизбежниот зачин.

Од друга страна, и покрај овие откритија, кои во која било нормална земја би резултирале со паѓање на власта, таа и нејзините челници очигледно немаат намера да отстапат, да го признаат злосторот и да ги ослободат граѓаните од заложништвото во кое ги држат повеќе години. Напротив, спремни се докрај да ги бранат своите позиции, богатство и привилегии, стекнати со криминал и брутално кршење на правниот поредок и човековите права.

Власта е во нокдаун, скриена во глувчешка дупка, во јавноста ги нема нејзините најистурени играчи, замреа дефилињата на властодршците на екраните, а пропагандната битка им е оставена на медиумските слуги и оние што за ситни (и нешто покрупни) придобивки незаслужено уживаа додека народот страдаше, па сега грчевито се борат, па дури и се спремни да гинат за своите газди и началници, во обид да ги оправдаат и да ги перат нивните валканици.

А граѓаните - поделени, збунети, гневни. Наместо тоа, сега ни треба фокус, рационалност и смиреност, за да го најдеме излезот, не оној што ќе донесе уште повеќе страдања, туку оној што ќе нè доведе до ситуација, во која добитници ќе бидат сите граѓани на Македонија.

Ќе ми простите на малку подолгиот вовед, знам дека сите сме прилично изморени од констатирање на состојбите, па ете, да не должам, си реков да си земам за право да предложам едно оптимистичко, навидум утопистичко, но прилично остварливо сценарио, кое можеби ќе ви се допадне и кое нуди еден пристоен излез од оваа длабока криза.

Прво, бидејќи премиерот очигледно нема да поднесе оставка, па дури и нагласи дека нема да отстапи и дека „остро ќе се спротивстави“, а странците, демек, инсистираат на враќање на опозицијата во Собранието, ете можност да се спои „убавото со корисното“ и да почне да се одмотува клопчето. Не - за распуштање на Собранието и нови избори со стари услови, да - за гласање недоверба на сегашната влада во Собранието! За тоа е потребен претходен цврст политички договор (а не тоалет хартија) меѓу СДСМ, ДУИ, ДПА, пратеници што се од помали партии, но се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и, секако, пратеници од најголемата владејачка партија кои се свесни за опасноста што ја предизвикаа нивните досегашни водачи, а која државата ја води во амбис. Меѓународната заедница би можела да биде гарант и посредник во постигнувањето на тој договор.

Новата, преодна влада изгласана од тоа ново мнозинство, би имала мандатар предложен од редовите ВМРО-ДПМНЕ (како партија што добила легитимитет на изборите), но на оваа партија не би ѝ припаднале ресорите за внатрешни работи, финансии и други клучни ресори, кои овозможуваат корумпирање на државниот апарат, особено за време на изборите, кои ќе треба да се организираат набрзо.

Секако, веднаш треба да следува и разрешување на шефот на УБК и државниот јавен обвинител и избор на нови луѓе на овие клучни позиции, кои ќе бидат поддржани од сите парламентарни партии и кои ќе треба да ја почнат судската разврска на мега-аферите (не само на овие што се „тазе“, туку и на оние „побајатите“) и да гарантираат дека тајната полиција нема да биде инструмент во рацете на власта за справување со нејзините политички противници.

Веднаш потоа треба да се пристапи кон измена на изборната легислатива, кон спроведување на пописот, пречистување на Избирачкиот список. Секако, и кон „олеснување“ на државната администрација од партиските војници кои нишаат врата, „лајкаат“ и коментираат на социјалните мрежи, и за тоа земаат плата и придонесуваат кон тивкото економско пропаѓање на земјава. Воедно, истиот процес треба да се спроведе во раководствата на сите важни државни институции - разрешување на старите партиски раководители и избор на нови луѓе, со докажано искуство и успеси во соодветните области.

Освен тоа, веднаш треба да се променат сите закони со кои се овозможува кршење на човековите и работничките права - од Законот за работни односи, преку медиумските закони, па сè до оној за следење на комуникациите. Ќе треба вистински да проработат собраниските комисии, како и независните комисии и регулаторни тела, кои се сега само обични инструменти на власта.

Сето ова треба да го направиме пред да одиме на фер-избори. Имам уште многу предлози, но верувам дека и оваа „утопија“ е доволна за почеток. Како што рекле умните, бидете реални, сонувајте го и барајте го невозможното. Зашто, во спротивно, знаеме што нè чека. Нови изгубени години, „тоалет-хартии“ и разочарувања, улица, насилство и долгорочна темница од која тешко дека ќе излеземе во догледно време.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња