Космос

02.03.2015 10:14
Космос

Уривањето на македонскиот космос – тоа би можело да биде навистина моќна метафора на деновите што актуелно ги живееме и (евентуално) преживуваме. Уривањето, значи на градежниот комплекс на Фијат Цановски, наречен „Космос“, како што може да се разбере од „протекувањето“ на телефонските разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот Миле Јанакиевски во актуелниот „заевиликс“, не е само прашање на просто „дообјаснување“ на еден политички случај, не е дури ни прашање на неспроведување или селективно спроведување на законските акти, туку е илустративен пример на практикувањето на политиката, поточно на власта, од страна на актуелната владејачка гарнитура.

Претпоставуваме дека до читателот веќе допреле снимките од телефонските разговори, или барем нивните транскрипти (ако тоа не е случај, лесно можат да се пронајдат на интернет), па затоа тука нема да одиме во детали, туку само ќе наведеме една симптоматична реченица, која му се припишува на премиерот Груевски (а која, за чудо, остана некако скрајната во целокупната констернација предизвикана од „бомбите“ на Заев): „Кај потплатил он, видиш“. Оваа констатација се однесува на добиената информација дека на градилиштето се појавила судијката Кацарска и по стравувањето на министерот Јанакиевски дека таа може да го стопира уривањето на објектот.

Премиерот, ете, недвосмислено тврди дека судството ни е корумпирано и – не презема ништо по тој случај. Не го штити уставниот поредок, не поведува постапка против Цановски со сомневање дека подмитил судија, не поведува постапка против судијата (или Судот) за кој се сомнева дека е подмитен. Поточно презема: „А да се чуеш ти со овој највисокиот таму“, му вели на својот министер, а овој одговара „Ама, Основен суд 2 е. Сега Билјана разговара со претседателот на Судот“.

Што покажува овој кус дијалог? Дека судската власт не е резистентна на политичкиот притисок? Секако, но многу повеќе го покажува начинот на практикување на севкупната политика, кусо наречена „Ало, Бинг“ (кој читал „Алан Форд“, знае за што зборувам), политика која се огледува во моќта на еден човек, кој е во можност да ги дотерува ГУП-овите, ДУП-овите, законите, уставите, судовите, ловечките друштва и комуналните прашања според мотивите на сопствената одмаздољубивост и неизмерното его. Она што е најлошо – тој тоа и го прави.

Македонската космичка забеганост, и во однос на космосот, добива токму – космички размери. Ако се обидете да ја побарате етимологијата по македонските сајтови, ќе наидете на „научни“ објаснувања од ликови како Васил Иљов дека станува збор за старомакедонски збор (предантички) кој е составен од придавката „кос“ и именката „мос“ и е одраз на сликата што предантичкиот Македонец ја добивал гледајќи го Млечниот пат, кој, нели, му наликувал на кос (искривен) мост (при што „мос“ би требало да биде старомакедонски збор за „мост“). Се разбира, зборот не е старомакедонски, туку, за жал на Иљов и компанијата, токму – старогрчки. И не значи кос мост, туку токму обратното – ред, цврст ред, поредок. Првата употреба на „космос“ во смисла на ред во универзумот му се припишува на Питагора (живо ме интересира, како нашите „стручњаци“ ќе ја протолкуваат етимологијата на ова име). Во западниот свет станува популарен во средината на XIX век, со појавата на капиталното десеттомно дело „Космос“ на германскиот научник Александер фон Хумболт (1769-1859). Првите пет томови излегуваат од 1845 до 1852, а делото се комплетира постхумно, врз база на белешките на Хумболд. Во поново време космос асоцира и на Карл Саган, исто така според името на неговото капитално дело.

Во Македонија, ете, космос асоцира на Фијат Цановски, а уште повеќе на уривачките дострели на македонската владејачка елита.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото