Со што да се замени капитализмот?

02.03.2015 12:59
Со што да се замени капитализмот?

Неефикасноста на капитализмот, неговата неспособност да одговори на предизвиците што самиот ги генерираше, веќе не е табу. Дури ни во Америка, каде крупниот капитал со својата пропагандна машинерија ги воздигна приватизацијата, окрупнувањето и дерегулацијата на ниво на библиски заповеди, капитализмот веќе не е вредност сам по себе.

Едно од последните истражувања кое го спроведе Pew Research Center покажува дека дури половината Американци немаат негативни асоцијации на терминот социјализам, што е значајно поместување во однос на 2000 година, кога повеќе од две третини од возрасната популација на САД мислеле поинаку. И покрај тоа, според истражувањата кои ги спроведе агенцијата Rasmuseen, Американците на возраст помеѓу 18 и 29 години – а тоа е популација која во иднина ќе ја креира политиката на САД – поповолно гледаат на социјализмот, отколку на капитализмот.

Ако се има предвид дека јавноста во земјите од Европската унија никогаш не ни била воодушевена од идејата за англосаксонскиот либерален капитализам, тоа нè остава со интересна слика: воодушевување од корпоративизмот негуваат единствено полуобразованите елити од балканските земји.

Глобално незадоволство

Од каде доаѓа промената во американското јавно мислење и кое е гориво на протестите кои секојдневно се излеваат по улиците на развиениот свет – од Монтреал до Атина?

Како економски систем, капитализмот генерираше такви социјални нееднаквости што почнува да го загрозува светскиот мир. Истовремено, создаде толку моќни корпорации што ги поткопува самите темели на парламентарната демократија. Проблемот е до таа мера сериозен што изучувањето на капитализмот, барем кога станува збор за академијата, се пресели во антропологијата, која го сместува во рамки на теоријата на неоколонијализмот. Имено, капитализмот најлесно се опишува и разбира ако населението од постиндустриските земји се набљудува како колонија, а најмоќните корпорации како метропола. Патем, аксиомот на растот, кој без исклучок важи и за корпорациите кои ги експлоатираат и тргуваат со ограничените природни ресурси, полека но сигурно ја нагризува одржливоста на екосистемот.

Значи, светот се наоѓа пред два големи предизвици. Мора да пронајде алтернативен економски модел и мора да создаде систем на управување кој ќе му биде адекватен. Што и да ви кажуваат моќните медиуми, алтернативи постојат.

Алтернативите на капитализмот

Малку е добро: Накратко, станува збор за концепт кој заговара сведување на економијата на човечка мера, односно нејзина релокализација и регионализација. Идејата е дека малите заедници (мали во споредба со визијата на светот како глобално село) можат подобро да ги препознаваат своите потреби и полесно можат да постигнат договор за начинот на нивното задоволување.

Ако ги следите светските мејнстрим медиуми, оваа идеја ќе ја најдете извртена и исмеана, претставена како бесмислено и неинформирано дрдорење на романтичните утописти. Ако, пак, го читате Дејвид Кортен и теоретичарите поврзани со движењето Occupy, ќе видите дека идејата е многу рационално образложена.

Имено, капитализмот не бил глобален отсекогаш, а неговите најнегативни последици произлегуваат токму од глобализацијата и окрупнувањето. Токму со глобализацијата, економските и политичките елити ги изгубија од вид реалните потреби на луѓето. Наместо тоа, се насочија кон дизајнирање на потребите кои треба да бидат соодветни на потребите и интересите на гигантските корпорации.

Заговорниците на оваа идеја не ги потценуваат проблемите со кои се соочува нејзината евентуална реализација. На пример, повеќето големи градови и региони ја немаат потребната инфраструктура за изведување релокализација. Финансирањето на нешто такво бара поддршка од националните влади, а таа практично не постои во земјите кои се врзани за Меѓународниот монетарен фонд или за Светската трговска организација со обврски од договори. Исто така, некои од ресурсите на кои се темели современата цивилизација, како што е интернетот, бараат меѓународна координација. Во таа смисла, сериозното прашање на кое сè уште нема одговор е како се доаѓа до неа ако моќта и управата се спуштени на полокално ниво.

Наспроти споменатото, не треба да се брза со отфрлање на оваа идеја. Теоретски, зад неа стојат луѓе кои имаат помеѓу 25 и 35 години и статуси на докторанти и постдокторанти на неколку американски универзитети. Стручната периодика само што им ја отвори вратата и не е исклучено тие да се во положба да понудат одговори и на споменатите проблеми. Дали low scale проектите од овој вид се изводливи и одржливи, веќе докажаа (предлагам да ги побарате следниве поими на Гугл: Transition Towns Movement; Slow Money Investors; Community Gardeners; Makers).

Маркс 2.0: Теоретичарите за оваа идеја практично го апдејтуваат Маркс за 21 век. Накратко, идејата е дека профитот и управувањето мораат да бидат во рацете на работниците.

Некои модели од парадигмата Маркс 2.0 подразбираат дека работниците воедно се и сопственици, потполно одговорни за успехот или неуспехот на претпријатијата. Други, како моделот што го предлага филозофот Дејдив Швајкарт (верувале или не, се темели на економијата од СФРЈ) ја подразбираат државата како примарен сопственик и инвеститор. Во овој модел, работниците практично ги изнајмуваат средствата за производство од државата, работат, дел од вишокот вредност ѝ го враќаат на државата, а остатокот од профитот го делат меѓу себе.

Самите марксисти 2.0 согледале дека нивната парадигма го наследува клучниот проблем на капитализмот – потпирање на растот. Со оглед на тоа дека повеќето бизниси подразбираат дека истата работа ја работи уште некој, односно дека постои конкуренција, тешко е да се очекува дека сопствениците на бизнисот, дури и тоа да се работниците, во некој момент ќе речат „во ред, сега сме доволно големи, можеме веќе да не растеме“.

Но, овој проблем не му е од корист на либералниот капитализам. Имено, веќе почувствувавме на своја кожа што значи тежнеењето кон постојан раст на ограничена планета. Невозможно е растот да биде континуиран и неограничен, а да не ја пресечеме гранката на која седиме.

Теоретичарите на марксизмот 2.0 гледаат едно од можните решенија во сопствениот пристап со пристапот „Малку е добро“. Сведена во локални рамки и законски ограничена на нив, економијата може да се воведе во границите на природно одржливиот раст.

Теорија на системите: Во последните неколку децении, сфаќањето на сложените системи – економии, политики, биологија, општества – се темели на идејата дека таквите системи се однесуваат според збирот едноставни принципи, односно алгоритми, кои повеќе или помалку важат за сите. Во контекстот кој нè интересира овде, мислењето за економската алтернатива на капитализмот се темели на принципите воочени со изучувањето на екосистемот.

На пример, не постојат успешни компании во вакуум. Постојат единствено во мрежата што ја создаваат со своите потрошувачи, добавувачи, инвеститори, вработени, како и со други компании. Да речеме, математичкиот модел од Силиконската долина, кога ќе се земат предвид сите воочени меѓуврски, не отскокнува многу од биоматематичкиот модел на раст и ширењето на шумите. Но, укажува на нешто друго: Догмата на современиот капитализам наречена self-made man е лага; не постои. Кога ќе се согледа системот во целина и скицирањето на релациите меѓу поединечните делови, успехот и растот на секоја единица зависи од поддршката на системот како целина. Во практика, без разлика колку е голема или моќна банката, ако државната администрација не ви ги даде парите од даночните обврзници за да ве спаси (социјалистички потег), нема да опстанете кога ќе се соочите со сериозна криза.

Светот како Веб: Додека претходните парадигми главно се иницирани од економисти и филозофи, „Светот како Веб“ е продукт на заеднички напори на информатичари и психолози. Оваа парадигма поаѓа од идејата дека самата подлабока транзиција во информатичката ера (која не го подразбира само интернетот, туку и нанотехнологиите, биотехнологиите, 3Д моделирањето), дури и ако капитализмот не западнеше во толку сериозна криза, бара нов систем.

Еден од најпознатите израстоци на оваа теоретска рамка е таканаречената бихејвиорална економија. Таа ја отфрла основната теза на либералниот капитализам за рационалниот поединец, кој математички прецизно ги мери добивката и загубата и врз основа на тоа донесува одлуки за однесувањето. Наспроти тоа, инсистира на економски и политички модел кој поаѓа од она што биопсихологијата веродостојно го знае за тоа како размислува и одлучува човекот.

Економскиот систем, вели моделот, треба да се темели на економиите во своите природни биорегионални граници. Како такви, тие можат да бидат вклучени во глобалниот систем на размена, при што идеите и информациите се капитал – ресурси кои не ги исцрпуваат и не ги уништуваат физичките ресурси на планетата.

Реформа, револуција, еволуција

Зошто набројаните алтернативи на капитализмот, а списокот ни одблизу не е целосен, и понатаму опстојуваат во границите на стручната периодика и во јавноста се пробиваат толку бавно? Не се работи само за фактот дека највлијателните медиуми се влијателни затоа што се во сопственост на крупниот капитал. Меѓу другото, причина е и тоа што повеќето луѓе и понатаму сметаат дека капитализмот на слободниот пазар е одржлив и дека треба само да го корегираме. Погоре опишаните пристапи поаѓаат од спротивната премиса – реформата на капитализмот е невозможна, тој треба да биде демонтиран.

Еден од стандардните начини за корекција на капитализмот е законодавството. Меѓутоа, се покажува дека либералниот капитализам создаде корпорации кои ефикасно ја преточуваат својата сила во политичко влијание и моќ, а благодарение на тоа лесно ги заобиколуваат законите, ако воопшто дозволат да биде донесен некој закон.

Да го погледнеме примерот на Америка. Во мугрите на Големата депресија од 1929 година, 250 банки контролираа половина од вкупните финансиски ресурси. Денес, шест банки од Вол Стрит контролираат 74 проценти од сите депозити. Која влада, во вакви услови, можеше да си дозволи себеси луксуз некоја од нив, или сите шест, да ги пушти низ вода во 2008 година? Мораа да бидат спасени со државни пари, а потоа успеаја да ги заокружат условите под кои им беше доделен спасоносниот пакет.

Изнесените концепти во овој текст не заговараат ни класична револуција. До душа, начинот на спроведување на овие концепти на дело со ништо не е пропишан; од друга страна, тешко е да се очекува научен труд во кој отворено се заговара револуционерен метод. Сфатена традиционално, револуцијата и не е решение во кое особено треба да веруваме. Историски, повеќето од нив паѓаат на испитот затоа што лидерите на револуциите тешко умеат да се носат со хаосот кој се создава во моментот кога работата е готова. Најчесто, кога на терен влегуваат оние кои само ја набљудувале револуцијата, тие се подготвуваат да упаднат во поволен момент.

Гар Алперовиц, професор по политичка економија на Универзитетот во Мериленд, е еден од ретките академици кој засега се впушта во зборување и пишување за методите за демонтажа на капитализмот. Парадоксално, но тој им предложува на застапниците на алтернативните системи воопшто да не се впуштаат во борба со постоечкиот систем. Советува фокусот да биде на изградба на паралелни институции, на вклучување што поголем број луѓе во нив, така што ќе бидат подготвени да ги заменат постоечките. Накратко, „не руши, само заобиколи“, а каде што е можно „окупирај и врати во погон, но со нови идеи и цели“.

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com
Слики: Irma Gruenholz

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото