Сосед

03.03.2015 02:41
Сосед

Мојот бизнис се потпира исклучиво врз мојот грб. Две госпоѓици со машини за пишување и сметководствени книги во претсобјето, мојата соба со работна маса, каса, маса за состаноци, фотелја и телефон, тоа е сиот мој работен апарат. Толку едноставен за надгледување, толку лесен за раководење. Јас сум сосема млад и зделките постојано се тркалаат пред мене. Не се жалам, не се жалам.

Од Нова година наваму, еден млад човек без многу двоумење го најми празниот стан во соседството, за којшто јас, благодарејќи ѝ на својата неспретност, толку долго се натегав да го изнајмам. И во него имаше соба со претсобје, но освен тоа и кујна. – Собата и претсобјето добро ќе ми дојдеа – бездруго, моите две госпоѓици понекогаш чувствуваа преголем товар - но зошто би ми била потребна кујната? Ситничавово размислување беше виновно што не си дозволив да го изнајмам станот. А сега таму е оној млад човек. Се вика Харас. Што всушност прави тој таму, не знам. На вратата има натпис: „Харас, канцеларија”. Се распрашав наоколу и ми рекоа дека се занимава со дејност слична на мојата. Не е можно да ги предупредиш да не му одобрат кредит, бидејќи станува збор за млад, полетен човек, чијшто бизнис, можеби, има добра иднина, ниту пак е можно да ги посоветуваш да му дадат, бидејќи, по сè изгледа, тој не располага со никаков имот. Вообичаена информација што ви ја даваат кога никој ништо не знае.

Понекогаш го сретнувам на скалите, а тој, небаре секогаш е во невообичаена брзаница, културно ми се искрадува. Дури не успевам ни да го видам убаво, а тој веќе го има подготвено в рака клучот од канцеларијата. Дури да трепнеш ја отвора вратата. Се провнува внатре како стаорски опаш, а јас повторно стојам пред таблата со натпис „Харас, канцеларија”, којашто ја читам пречесто, дури повеќе од што заслужува.

Какви мизерни тенки ѕидови кои ги издаваат чесните вредни луѓе, а ги сокриваат нечесните. Мојот телефон се наоѓа на преградниот ѕид кој ме дели од соседот. Тоа само ќе го нагласам како посебно ироничен факт.

Дури и да висеше на ѕидот отспротива, повторно би се слушало во соседниот стан. Се одвикнав да ги кажувам имињата на клиентите по телефон. Но секако, не е потребно човек да е премногу паметен за да ги погоди имињата според карактеристичните но неизбежни пресврти во текот на разговорот. – Понекогаш, со слушалката на уво, вознемирено цупкам со врвовите на стапалата околу телефонот, и повторно не можам да спречам да излезат тајните на виделина.

Секако, поради ова моите деловни одлуки стануваат несигурни, а гласот растреперен. Што ли прави Харас додека телефонирам? Да сакам да претерам – а на тоа човек често е принуден за да си ги разјасни работите до крај - би рекол: На Харас не му е потребен телефон, тој го користи мојот, го залепил своето канабе до ѕидот и прислушува, а јас, пак, штом заѕвони морам да притрчувам до телефонот за да ги чујам желбите на клиентите, да донесувам сериозни одлуки, макотрпно да убедувам - но пред сè, за сето тоа време, не сакајќи, преку ѕидот да му поднесувам извештај на Харас.

Тој, можеби, не го ни дочекува крајот на разговорот, туку станува во мигот штом добие доволно информации за случајот, па бришка, како што знае, низ градот и можеби, уште пред да ја спуштам слушалката, тој веќе е таму и работи против мене.

Извор: Преобразба и други раскази, Темплум, 2007, Скопје.
Слики: Stefan Zsaitsits

ОкоБоли главаВицФото