Маски!

03.03.2015 15:55
Маски!

Веќе трет или петти пат, речиси после секоја бомба, Заев го сублимира развојот на ситуацијата во оценката дека "паднале маските!" Од лицата на Груевски, на неговите соработници и на режимот во целина!

Вообичаено, таа оценка се изнесува на крајот на прес конференциите на кои на секои три-четири денови експлодира по една бомба со тешко полнење и разорни последици! Мене ми се чини дека фигурата за маските е неадекватна на драматичноста на реалната сутуација што така убедливо се илустрира со бомбите и со другите изјави на Заев.

Тоа е како некој да каже дека со нападот врз Трговскиот центар во Њујорк паднале маските на Бин Ладен и на Алкаеда! Или дека со убиството на 2.000 души во некое село во Нигерија паднале маските на Боко Харам, или на Ким Јонг Ун кога меѓу две ракети во Јужното Кинеско море ќе ликвидира по некој од фамилијата или од државниот врв.

Кога после сиот овој невиден десетогодишен терор ќе чујам некој да каже дека на Груевски му е симната маската, јас почнувам да му минусирам од злото (на Груевски) што ни го нанел зашто таа оценка има во себе елементи на нежност, на игра, таа може да биде симпатична, дури и коректна во некоја помалку или повеќе стандардна политичка пресметка; но во комуникација со режимот на лудаците е сосема неадекватна!

Сите функционери на сдсм го следат лидерот и по стариот добар папагалски обичај ја повторуваат таа оценка. Само два дена пред последната бомба беше објавено соопштение на сдсм во кое се вели дека било откриено вистинското лице на Груевски и на неговите соработници и дури се додава една интересна прашална реченица: "да мислеа Никола Груевски и неговите најблиски соработници на граѓаните на Република Македонија, зарем ќе се изживуваа врз луѓе, семејства, судбини?!

Што е ова, некаков сомнеж?!

Ако во ова е содржан респект кон сомнежот на широките народни маси, тогаш може да се каже дека и во таа насока ставот е нецелисходен зашто така формулиран не го разбива сомнежот кај народот, барем не со посакуваното темпо. Напротив!

Оти ако маските паѓаат дури сега и тоа под жестокото дејство на бомбите, тоа би требало да значи дека во изминатиот период сдсм не си ја вршел добро работата, дозволувал да биде насамарен, да учествува во некаков маскенбал зад чии звуци и костими се одвивал вистинскиот терор на уништувањето на Македонија од страна на група лудаци кои пред очите на сдсм и вооружени со маски успеале са изградат цел режим и да ја окупираат државата! А и за целиот народ оценките би биле крајно негативни! Лошо е за сите што лудаците сфатиле (Ставрески) дека се луди пред нормалните или пред тие што мислат дека се нормални! Се говори многу лошо за тие што не биле во состојба без бомбите на Заев да "прокљуват" што се случува во Македонија, а се случувало не Марадона да ни забие гол со маскирана рака туку да ни го демонтира целиот стадион!

Сакам да кажам дека тие тонови ја спуштаат температурата што се крева со бомбите, а нивото во политичкиот термометар не ги дистигнува очекуваните нивоа бидејќи нема децидно формулиран став и политичка ориентација за тоа како правно ќе се процесуираат злоделата на режимот и на неговите одговорни поединци и како ќе се одвива враќањето на тоа што е украдено и уништено! Тоа може некое време да се оправдува со тактички резони, но нема да биде можно цело време на ист начин да се избегнува радикализирањето на судирот во оваа насока!

Слики: Александар Јосифовски и Свирачиња
Извор: Глобус