Mакедонската полиција ќе пука и со гумени куршуми

04.03.2015 12:30
Mакедонската полиција ќе пука и со гумени куршуми

Гласањето помина речиси незабележано од јавноста, имајќи предвид дека се случуваше паралелно со објавувањето на новата „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на прес-конференцијата на вицепремиерот Зоран Ставрески доцна попладнето.

Владејачките партии го искористија мнозинството во парламентот за комотно да ги изгласаат измените во Законот кој влезе во собраниска процедура кон крајот на декември минатата година, во екот на студентските и протестите на хонорарците.

Пратеникот на владејачката коалиција Павле Трајанов вели дека средствата кои се предвидуваат за користење со законските измени, воопшто не треба да се користат од страна на полицијата.

„Ваков вид средства за присилба: електрични палки, шок-бомби и гумени куршуми генерално не треба да се користат бидејќи можат да нанесат штетни последици“. Трајанов објаснува дека законот овозможува нивно користење само во услови на нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем.

На социјалните мрежи и во дел од медиумите во Македонија се појавија реакции на измените на законот кои водат кон сомнеж дека владата на овој начин испраќа некаква порака, ги заплашува граѓаните во контекст на актуелната политичката криза.

Трајанов вели дека на таа тема се дискутирало на комисиските расправи за измените во законот и дека од него било споменато оти „во контекст на актуелните случувања, не е вистинско време за вакви измени“. Сепак, образложението било дека полицијата и досега ги користела овие средства и дека тоа во иднина ќе се прави само во исклучителни ситуации.

„Идејата, наводно, е само во такви случаи да се користат, а не за растурање на мирни собири или митинзи“, вели Трајанов.

Во изминатиот период, премиерот Никола Груевски ги правдаше законските измени со образложение дека станува збор за европска практика. Од македонското МВР во исто време објаснуваа дека во изминатиот период имало зголемен број на насилни протести и дека на овој начин се допрецизира полициското постапување.

Македонската полиција во минатото во неколку наврати веќе користела гумени куршуми во ситуација на ескалацијата на насилството. Според информациите достапни на интернет, последен пат тоа се случило во јули 2004 година, за време на протестите во Струга против новата територијална поделба. Досега употребата на гумени куршуми била регулирана со правилникот за работа на полицијата, појаснува пратеникот Павле Трајанов.

Многу неодговорени прашања

Народниот правобранител Иџет Мемети, коментирајќи го влегувањето на законот во собраниска процедура во емисијата „360 степени“ на телевизијата Алсат-М, кон крајот на минатата година оцени дека со него се оставаат многу неодговорени прашања.

„Овој закон, наместо да ја зголеми довербата на граѓаните кон МВР, ќе ја намали. Заради тоа што нормите не се прецизни, нема детални критериуми кога и како, нормите се многу општи и оставаат простор тие и да се злоупотребат“, рече Мемети.

Во регионот има повеќе примери за употреба на посебни средства при насилни демонстрации. Косовската полиција во јануари годинава користеше гумени куршуми во обид да ги разбие протестите на партијата „Самоопределување“, при што беа повредени тројца демонстранти.

Турската полиција редовно користи гумени куршуми во судирите со насилните демонстранти во земјата. Токму деновиве таму е актуелна расправата за новиот „Пакет за внатрешна безбедност“, со кој, според критичарите, на полицијата ѝ се даваат поголеми овластувања при апсењата и истрагите. Меѓу другото, во Турција ќе ѝ се овозможи на полицијата за време на протести да употреби и „лесно огнено оружје“. Премиерот Ахмед Давутоглу исто така тврди дека измените се во согласност со стандардите на ЕУ, став што беше остро критикуван од неколку европски и организации за заштита на човековите права.

Извор: Deutsche Welle