Политика на патолошката лага

05.03.2015 16:39
Политика на патолошката лага

Светот го „тресат“ две чудовишни прислушувачки афери: едната светска, безмалку незабележана од мнозинството граѓани и, втората, домашна афера во која се прислушувани илјадници граѓани на библиската земја. Првата, што (веројатно поради својата безначителност) не заслужува ниту да биде спомната во јавноста, е објавена на сајтот „Интерсепт“, кој го води новинарот на „Гардијан“ Глен Гринвалд, човекот што ги објави иформациите разоткриени од „свиркачот“ Едвард Сноуден за незаконските операции на американската Дирекција за безбедност и контраразузнавање.

Елем, во „провалените“ документи на американската ДБК е наведено дека американски и британски шпиони ја хакирале интерната мрежа на најголемиот светски произведувач на СИМ-картички „Гемалто“, со седиште во Холандија, и ги откраднале сигурносните кодови со чија помош потоа ги прислушувале комуникациите што се водат преку мобилни телефони ширум светот. Упадот во мрежата на „Гемалто“ ја извршила заедничка единица на американската агенција за национална безбедност (NSА) и британскиот владин штаб за комуникации (GCHQ), односно одделите на овие служби што се занимаваат со криптографија. Со помош на откраднатите клучеви за дешифрирање, разузнавачките агенции можеле да вршат надзор над безжичната комуникација дури и без знаење на телекомуникациските компании, а глобалниот лидер во дигиталната безбедност, компанијата „Гемалто“, која годишно произведува две милијарди СИМ-картички, воопшто не била свесна за упадот во нејзиниот систем.

Оваа информација што пред неколку дена ја објавија сите агенции во светот, по сè изгледа имала клучно влијание во создавањето на последната владина верзија за домашниот непостоечки државен удар, што бил изведен преку супер тајно прислушување на телекомуникациите од страна на „странски разузнавачки служби“. Новава верзија за мистериозниот „пуч“ во библиската земја (кој како да постои само помеѓу своите наводници) ја читаше некни, од интимната скерлетна кадифена говорница во неговата спална соба во Владата на РМ, премиерот Груевски, со наместен треперлив глас и жално-смешна поза, која треба да ја одразува понизната одлучност на говорникот. Од инфантилноста и глупавата нелогичност на оваа нова верзија на шпионско-пучистичкиот скандал навистина на човека му се топи мозокот и му се навлекува тешка мамурна болка во очните јаболка, но нашиот глумец во улога на премиер ја читаше со видлива афектација и тремор, еден вид кичерска емоција за којашто Штабот за измами и лаги при ДПМНЕ со сигурност знае дека ќе разбуди пламена емпатија кај илјадниците абоненти на партијата.

За да се извади од септичката јама во која самиот се фрлил, Груевски и неговиот Штаб на плиткоумни машки деца смислуваат библиски заплет во кој неговата Хунта што владее со Македонија ја игра улогата на Давид, кој е невина жртва на монструозен заговор на грамадниот Голијат, чијашто ролја, разбира се, ја играат Америка и Енглеска (со акцент на првото а и второто е).

Овој библиски трилер за ретардирана публика е очигледно инспириран од вистинска приказна, од упадот на американските и англиските разузнавачи во „Гемалто“, па Штабот за производство на малоумштини намислил да ја поттикне паранојата на библискиот народ со самовиктимизирачка теорија на заговор, каде што избраниот народ македонски е жртва на најмонструозните зли сили на светот. Таа безмалку идиотска приказна треба да ги развее сите сомнежи дека прислушувањето го вршеле самите тие (македонската хунта на инфантилни фашисти), туку тоа без нивно знаење го правеле Америка и Енглеска (со речениот акцент), кои потоа, со цел оцрнување на врвот на нивната Партија и потполно уништување на македонската држава, материјалите му ги давале на лидерот на опозицијата, кој како „клет чпион“ работи за Светската оска на злото. Ајајај, каква детска кашканица од лага, креирана од параноја, нарцизам и кич?! Па, каква чорба на човека треба да му жубурка во главата наместо мозок, за да поверува дека глобалната Империја на злото ќе ги насочи своите елитни сенишни одреди во оваа веќе опустошена западнобалканска тиња, ова геополитичко Ништо во кое една група деликвенти и силувачи на измама воспостави феудална деспотија и веќе неполна деценија тероризира два милиона питом народ?

Но, политиката на бескрајното лажење, како поминува времето, е сè помалку успешна во сокривањето на фактите, а сè повеќе ја открива психопатологијата на оние што лажат. Прочитајте ги симптомите на патолошкото лажење и ќе ги добиете психолошките профили на членовите на Хунтата на Груевски. „Лажењето е како дишење за психопатите. Кога се фатени во лага, тие создаваат нови лаги не грижејќи се дека повторно ќе бидат фатени. Лажењето, измамата и манипулацијата се нивните природни таленти... Кога ќе ги соочите со вистината, тие едноставно ги изопачуваат фактите во обид да ги направат вклопиви со нивните лаги. Резултатот е секогаш серија од контрадикторни лаги што знае темелно да ги дезориентира лековерните слушатели.“ Треба ли нешто да се додаде на оваа симптоматологија за да се препознаат знаците на едно сериозно психичко пореметување кое владее со земјава? А, кога во одбрана на психопатската лага ќе застанат институциите на државата, тогаш лажењето што првин го затскривало злосторот почнува самото да злотвори и да генерира трагедии. Поради тоа, вистинската трагедија на нашава пучистичко-шпионска лага е што таа не само што ја разоткрива вистината за психопатологијата на Груевски и неговата камарила, туку ја разоткрива и патологијата на институциите на македонската држава. Зашто, „кога лагата ќе стане не само морална категорија, туку носечки столб на државата“, како што напишал Солженицин, и кога институциите на државата се воспоставени само на лага, тогаш единствената вистина за државата е вистината за лажната држава.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото