Почина Влада Дивљан

05.03.2015 18:15
Почина Влада Дивљан

Еден од вистинските великани на југословенската и српска музика, Влада Дивљан (1958), почина утрово во Виена по долго и тешко боледување.

За датумот, времето и местото на погребот ќе одлучи семејството.

Владимир Дивљан е роден на 10 мај 1958 година. Кон крајот на седумдесеттите години бил член на џез-рок групите „Мерлин“ и „Звук улице“, а од 1980 бил предводник на вокално-инструменталниот состав „Идоли“.

Од 1985 година почнува самостојна кариера, во рамките на која продолжува со поп-рок формата, паралелно занимавајќи се и со филмска музика.

Од август 1991 до септември 1997 година живеел во Сиднеј, а потоа се враќа во Белград. Од јуни 1999 година живее и работи во Виена, сè до смртта.

За музика почнал да се интересира во 1968 година по еден концерт на Драго Диклиќ во Тучепи, одморалиште во Хрватска каде летувал со неговото семејство. По враќањето во Белград, заедно со пријателите Зденко Колар и Божо Јовановиќ основал бенд.

Првиот инструмент на кој свирел била мала мандолина, затоа што бил голем љубител на дубровничките трубадури. Подоцна купил гитара, додека Колар се определил за бас, а Божо за лимено буре со функција на тапан.

Бендот се викал „Фараони“, но затоа што веќе постоел бенд со исто име во Словенија, се преименувале во „Холипе“. 

„Звук улице“

Првиот сериозен бенд Дивљан го основал по дипломирањето во 1976 година, под името „Мерлин“. Набрзо го преименувал во „Звук улице“. Со него останал Зденко Колар, а им се придружиле Драган Митриќ, Кокан Поповиќ и Бора Антиќ.

Изведувале песни од Битси, Ролинг Стоунс и Џими Хендрикс, како и свои песни. Имале изведби на Радио Белград, но по заминувањето на Кокан Поповиќ во војска бендот згаснува.

„Дечаци“ и „Идоли“

Кон крајот на 1979 година Дивљан се запознал со Срѓан Шапер и Небојша Крстиќ со кои подоцна го основал бендот „Дечаци“.

Во осумдесеттите се преименувале во „Идоли“ и на првата проба под новото име Дивљан ја напишал „Retko te viđam sa devojkama“. Уследиле „Pomoć, pomoć” и „Maljčiki“. „Идоли“ работеле и на Пакет аранжман, група од повеќе влијателни југословенски рок уметници, а после тој ангажман ја објавиле плочата „ВИС Идоли“ со шест нови песни.

Дивљан бил автор на текстовите и водечки вокал за повеќето песни, а плочата е продадена во повеќе од 200.000 примероци.

Плочата „Одбрана и последњи дани“ е објавена кон крајот на 1982, но не постигнала ни приближно толкав успех како турнејата на „Идоли“. Странските магазини пишувале позитивни критики за бендот, а магазинот Џубокс го прогласил албумот за најдобар југословенски рок албум во XX век.

Следното издание е снимено во Лондон.

Соло кариера

По распадот на „Идоли“, Дивљан сакал да го основа бендот „Хондини синови“, но се откажал и започнал соло кариера.

Првиот резултат бил албумот „Тајни живот А.П. Шандорова“, снимен со Александар Шандоров кој дотогаш се занимавал исклучиво со класична музика.

Меѓу песните од тој албум се „Neću ništa da znam“, баладата „Više nisam tu“ и семпл хитот „Patuljci“.

Дивљан снимил и верзија на песните од Битлси за серијата „Човекот во бела јакна“, музика за филмот „Како пропадна рокенролот“, а со Гиле од „Електрични оргазам“ учествувал во театарската претстава „Рокенрол за деца“. 

Во Август 1991 се преселил во Австралија и соработувал со австралиски музичари, а работел и во локална радиостаница.

За време на кратката посета на Југославија кон крајот на 1995 и почетокот на 1996 го основал бендот „Old stars“ со Шандоров, Колар, Гиле, Марко Миливоевиќ и Борис Буњац. Бендот свирел на два концерта, а врз основа на тие снимени материјали е објавен албумот „Одбрана и заштита“.

Следи проект во Австралија со македонскиот музичар Кирил Џајковски.

Уште еден инструментален албум, „Vlada Divljan presents Die Tonzentrale“ е објавен во 2003 година.

Во 2006 го основа новиот бенд „Невладина организација“.

Снимил и EP „Четири годишни времиња“ (2012) со загрепскиот „Летно кино биг бенд“.

Извор: B92