Контроверзиите околу новите вработувања на 3.000 лица во администрацијата

06.03.2015 02:12
Контроверзиите околу новите вработувања на 3.000 лица во администрацијата

Една од главните задачи на медиумот е да информира. Тоа значи да собере факти за одредена материја (настан, ситуација, активност…) и да ги презентира пред јавноста така што ќе им овозможи на луѓето добивање најсоодветна претстава за конкретната материја.

Едностраното, нецелосното и фрагментарно прикажување на фактите може да доведе наместо до информирање, до дезинформирање на јавноста. Дезинформацијата може да биде ненаменска (случајно настаната поради отсуството на доволен број факти за самиот медиум или поради ограничените капацитети на медиумот за соодветно презентирање на собраните факти), или, пак, намерна (кога станува збор за свесно прикривање на фактите за манипулирање на јавното мнение и за создавање погрешна перцепција на настаните, случувањата, активностите).

Проблемот на нецелосното информирање како облик на дезинформација и евентуална манипулација може да се проследи низ примерот на известувањето за вработување на 3.000 луѓе најавено од Владата на Република Македонија.

Во медиумското информирање може да се идентификуваат четири слоја на дезинформација (која е овозможена со некритичко пренесување на изјавата на Пешевски или, пак, е создадена од самиот медиум) и можна манипулација.

1. Првиот слој на дезинформирање се однесува на прашањата поврзани со карактерот на работниот ангажман, кој со оваа промена се преобразува во постојан работен однос.

Во ниту еден медиум не се постави прашањето како договор склучен врз основа на Законот за облигациони односи или, пак, врз основа на Законот за волонтерство може да се трансформира во договор за вработување според Законот за работни односи? Медиумите не ги заинтересира фактот дека со една ваква промена властодржецот си поигрува со законите и ја промовира правната несигурност. Само како пример, според Законот за волонтерство:

„Волонтер е физичко лице кое дава услуги, вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции, на доброволна основа и без финансиска или друга лична добивка.“

Трансформирањето на волонтерскиот договор во договор за вработување претставува внесување на елементот на лична добивка, што го дезавуира во целост Законот за волонтерство.

Кога медиумите пренесуваат една ваква активност на власта (при што ја истакнуваат позитивната конотација на активноста), без да водат сметка за прекршувањето на законите, кое е составен дел на една ваква активност, тие стануваат промотори на дезинформацијата и ја овозможуваат манипулацијата.

Според Puls24

„Со Законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно, не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци…“

На ваков начин, медиумот шири дезинформација и ја манипулира јавноста, поради тоа што договорот за дело не е договор со кој се воспоставува работен однос, а волонтерството најстрого забранува третирање на овој однос како работен. Тоа значи дека не се трансформира еден работен однос во друг, туку договор склучен според друг закон во работен договор во согласност со Законот за работните односи. Ова е исто како со некој закон да се предвиди дека купопродажните договори склучени во одреден период ќе се третираат како договори за вработување.

Дури и медиуми кои претендираат да бидат професионални, воопшто не внимаваат на правната димензија на информацијата што ја споделуваат. На пример, според LIDER

„Со Законот ќе бидат опфатени над 3.000 лица кои работат со години во државни институции и органи на определено работно време преку разен вид договори.“

Работата на определено работно време е регулирана со Законот за работни односи, меѓутоа, таа не е исто со договор за дело (регулиран со Законот за облигационите односи) и со волонтерството (регулирано со Законот за волонтерство), а на кои се однесува Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој е предвидено вработување на повеќе од 3000 луѓе.

Со овој закон се регулира трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор со кој лицето е ангажирано за извршување на работа (договор)…

На овој начин се зголемува конфузијата, а со тоа и манипулацијата.

Заради ова, кога министерот за здравство Тодоров ќе изјави дека:

„На неопределено време ќе бидат вработени околу две илјади лица, медицински и помошен односно административен персонал, кои досега волонтирале во јавните здравствени установи.“

тој со тоа ни кажува, прво, дека јавните здравствени установи го изигрувале Законот за волонтерство, кој нема врска со вработување и кој јасно дефинира дека волонтерот не е човек кој работи заради остварување материјална корист, а сега ќе го изиграат и Законот за работните односи според кој

Во јавна установа, јавно претпријатие и друго правно лице што врши дејност на јавна служба, орган на државната управа и орган на единицата на локалната самоуправа, потреба од работник се обезбедува со објавување на јавен оглас во најмалку два дневни весника од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик

Медиумите кои ја заборавија контролната улога која ја имаат во однос на власта и станаа едноставни трансмитери на пораките на власта, со тоа прифатија да бидат дел од манипулацијата на граѓаните.

Дури и медиумите кои се обидуваат да ја адресираат несоодветноста на мерката, не го истакнуваат прекршувањето на законите, туку се задржуваат на политичкиот аспект на активноста на власта.

2. Вториот слој на дезинформирање се однесува на прокламираната реформа на администрацијата и градењето мала, ефикасна администрација, наспроти актот на енормно зголемување на администрацијата.

Во насловите од типот „Владата реши: Над 3000 лица ќе добијат вработување на неопределено време“, е испуштен фактот дека, всушност, Владата решила не само да ја зголеми државната администрација, туку и да ја депрофесионализира. Имено, обврска за вработување на 3.000 луѓе без да се води сметка за нивните квалификации, знаење и вештини, е во целосна спротивност на редица забелешки дадени во извештаите за напредокот на Македонија . На пример: „Некои вработувања се спроведуваат како социјална мерка, наместо како одговор на потребите на институциите“, односно „Сè уште не се достапни официјалните бројки за вкупниот број на вработени во јавниот сектор, постојано и привремено, што го прави тешко мерењето на напредокот во постигнување на транспарентност и целите на реформите“. Ваквиот вид забелешки се присутни и во последниот извештај: „Секојдневната практика на создавање нови работни места на социјална или политичка основа, вештачки го зголемува јавниот сервис, поткопувајќи го начелото на заслуги и општата цел за ефикасна јавна администрација“.

Медиумите не детектираат дека станува збор за целосен упад во системот, дури ни во изјавите како:

„Јавните и државните институции да ги усогласат систематизациите и да почнат со процедура за реализација на трансформација на работниот однос“

кои недвосмислено укажуваат на тоа дека не станува збор за пополнување на испразнети работни места или, пак, за задоволување на потребите на институциите, туку се наметнува зголемување на институциите со отворање нови административни позиции.

3. Третиот слој на дезинформирање се однесува на манипулацијата содржана во самиот закон.

Значаен број медиуми пренесуваат дел од содржината на самиот закон, меѓутоа не ја анализираат и не ја адресираат контрадикторноста содржана во овие одредби.

На пример, според членот 2 од Законот за трансформација во редовен работен однос

Трансформирањето во работен однос на неопределено работно време ќе се искористи исклучиво за лицата од членот 1 од овој закон, кои извршуваат работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година, а кои исто така имаат важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос.

Се поставува прашањето, зошто е дадена временска одредница „најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година“, доколку се бара постоење на договор во моментот во кој се изведува трансформацијата?

Дали тоа значи дека сите оние кои се „непожелни“ за структурите на власт, и покрај тоа што биле ангажирани со договор на дело подолг период, нема да можат да бараат трансформација на договорниот во работен однос ако во моментот кога треба да се изврши трансформацијата немаат соодветен договор. Колку е лесно да се изнајде некоја повреда на договорот и токму оние „непожелните“ едноставно, ете, баш во тој период да не бидат ангажирани (и покрај тоа што претходно извршувале работни задачи, на пример, со години)?

Ова се однесува и на динамиката на реализирање на вработувањето (која е, исто така, дадена во голем број медиуми). Меѓутоа, доколку се прочита самиот закон во него е употребена формулацијата „најмногу“ 35%. Бидејќи нема најмалку, тоа значи дека во процесот може да бидат опфатени и 1% или 0,5%. За другите 99,5% законот ќе стапи на сила на 1.09.2016. Со тоа, изјавата на вицепремиерот Пешевски исфрлена со бомбастичен наслов „Нова одлука на Владата – Вработување над 3000 лица“, всушност, може да значи вработување на 15 луѓе, а останатите 2.885, ќе почекаат до 1.09.2016 година (се разбира, доколку во тој момент сè уште бидат ангажирани со договор за дело, односно, уште волонтираат).

Медиумите не ја адресираа ни специфичната улога на Министерствто за финансии дадена во законот:

Министерството за финансии издава согласност за обезбедени финансиски средства за трансформација во работен однос на неопределено работно време на лицата од членот 2 од овој закон (во понатамошниот текст: согласност), на барање на институциите.

Интересно би било медиумите да го постават прашање, а што доколку Министерството за финансии утврди дека нема средства? Без одобрение на Министерството за финансии нема трансформација. Дали тоа значи дека трансформацијата може да се одложи до бескрај? Интересно е зошто медиумите не се заинтересираа оти нема зададена обврска за Министерството за финансии да постапува по ваквите барања или барем рокови во кои тоа треба да одговори.

Вториот момент на кој медиумите не обрнаа внимание е индивидуализацијата на решенијата/одобренијата кои ги дава Министерството за финансии. Имено, Министерството за финансии не дава одобренија за издвојување средства врз основа на понудена бројка, туку за конкретни индивидуи:

списоците на лицата кои ги исполнуваат условите и да ги достават до Министерството за финансии, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во одговор на пратеничко прашање.“

Тоа значи дека Министерството за финансии може да даде решенија за некои луѓе кои ги исполнуваат условите според наведениот закон, а да не даде решенија за други кои, исто така, ги исполнуваат тие услови.

4. Четвртиот слој на дезинформирање се однесува на спротиставеноста на овој закон со другите важечки закони.

Медиумите не го поставија прашањето за односот на овој закон со Законот за работните односи, со Законот за административните или Законот за јавните службеници. Медиумите можеа, но не го поставија прашања за квалификациите, за стручноста, знаењето, искуството, на луѓето на кои ќе се применат одредбите од овој закон како елементи важни при редовно вработување.

Што значи тоа во практика? На пример, ако се има предвид дека за волонтирање воопшто не се ни бараат никакви квалификации, тоа значи дека секој (апсолутно секој), може да биде вработен во одредена државна институција спротивно на сите останати закони.

Тоа значи дека доколку некој работник се вработува во согласност со Законот за работни односи, тој се јавува на конкурс и за да биде вработен мора да ги исполнува предвидените услови. Бидејќи во овој случај постои конкуренција меѓу повеќе пријавени кандидати, тоа значи дека работникот, за да биде вработен, не само што треба да ги исполнува условите, туку треба да ги исполнува повеќе и на повисоко ниво од останатите кандидати. Наспроти ова, работникот кој ќе биде вработен со Законот за трансформација не треба да ги исполнува ни минималните услови за вработување.

Многу е тешко да се анализира и контролира мерка која е, навидум, многу хумана и позитивна за голем број граѓани. Меѓутоа, токму анализата може да ги симне слоевите на привидната хуманост и да ги открие диксриминацијата, манипулацијата и изигрувањето на правото, што, во крајна линија, води кон повреда на правата и на интересите на граѓаните.

Едноставното пренесување на изјавите на власта без нивна анализа и без откривање на контрадикторностите и недоследностите во истите, ги прави медиумите само алатки на политичките структури. На ваков начин медиумите стануваат не само дел од ширењето дезинформации, туку и активен чинител во манипулацијата на граѓаните.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Shih Yung-Chun