Наградените дела на првиот Панграм конкурс!

06.03.2015 15:46
Наградените дела на првиот Панграм конкурс!

На конкурсот за најдобар панграм на Окно пристигнаа вкупно 153 панграми од 32 автор(к)и. Наместо предвидените пет, поради неочекувано големиот број добри панграми, на крајот издвоивме десет најдобри, кои ќе бидат наградени. Некои од нашите критериуми при оценувањето на панграмите беа: краткоста, креативноста, поетичноста, музикалноста, имагинативноста... Панграмите ги оценија уредниците на Окно: Никола Гелевски, Јана Колева и Иван Шопов. Еве кусо образложение за нашиот избор.

Немавме никакви дилеми околу најдобриот панграм. Бојан Лазаревски се издвои со прецизната мисла, поетичноста, дискретниот „метафизички провев“, но пред сè со мошне интересно смислената драмска ситуација, средба меѓу христијанин и муслиман...

Милена Стојановска испрати одличен панграм, мошне комплексен, ем љубовен, ем дискретно феминистички, ем ироничен, со одлична употреба на ретки зборови (џамфес, ѓерѓеф, хеклање)...

Друже исто така заслужува големи пофалби (оценет е меѓу трите најдобри), пред сè поради креативноста (на пример, стихувањето на панграмите), компактните и прецизни слики. И кај Друже треба да се истакнат нежната лирска жица, бајковитоста, но и присуството на некаков хаику дух - одмерен и трансцендентален...

Стефчо Стефанов, „ѕвечкајќи со азбуката“, состави одличен „автореферентен“ (авторефлексивен) панграм со бајковита и малку морничава атмосфера (дух од стар шифоњер, жабец од ѓол)...

Елена Пренџова исто така ни претставува необична слика (речиси како од Бројгел или Бош, со примеси на надреализам). Треба да се истакне креативното „врамување“ на сликата, со почетниот збор, „Уф“ и крајниот - „хаос“.

Духовита и експресивна („Љубената со проѕирни гаќи“), иронична кон љубовната тема (иако сепак лирична, „јадејќи џем во жал меѓу чекање за целуфки“:) е Фанија Макешоска.

Александра Србаковска ни дава „љупка“ слика ко од сликовница, средба меѓу кус џин и живо зајче. Треба да се истакне ефектниот завршеток со зборот „мунѕоса“, како и краткоста на целиот панграм.

Кај Ана Јовановска Екс Костовска сликите и жанровите баеги се измешани, на мал простор: имаме и бајка и надреализам („коњ љуби џез“). Ана делумно ја наградивме и заради мошне солидните други панграми што ни ги испрати...

Автореферентен и духовит и прецизен и едноставен („реалистички“) е и Драган Денковски, „шегаџијата во дупнати жолти ѕиври“...

Марија Трифуновска испрати еден од трите најдобро оценети панграми, со мошне интересни и суптилни политички алузии („ќор цар поглуп од ѓон љуби жив коњ, чиниш херој е“). Но Марија ни направи проблем со зборот „матуф“. Според Македонскиот речник треба „матув“ (сенилен човек). Бидејќи е прв панграм конкурс (а ќе има и други:), решивме Марија сепак да ја наградиме, иако во иднина ќе бидеме построги. Инаку, сленг, фолклоризми и архаизми дозволуваме, во умерени количества.

(Добивме еден лажен панграм кој звучеше одлично: Пак избезумен, во шок ѕемнеш, ежејќи се од чуруци и нелуѓе - фаќаш џенем. (56). Но, во тој панграм има (т.е. нема) дури пет неискористени букви: г, љ, њ, т, х. Ви обрнуваме внимание, почитувани панграмисти, во иднина да обрнувате внимание на основното панграм правило: мора да бидат присутни сите букви од азбуката!)

На крај, решивме да го издвоиме и посебно да го пофалиме Живко Грозданоски поради цела серија одлични панграми. Вредноста на наградата за Живко е иста како и за првонаградениот: десет Темплум книги!

Значи, по пет книги ќе добијат Милена, Друже, Стефчо и Елена Пренџова. По три книги добиваат Александра Србаковска, Фанија, Драган, Ана и Марија.

Честитки за сите наградени! Книгите можат да ги подигнат, од понеделник (09.03.15.), во ГЕМ клубот во Стара чаршија (телефон: 02 3224701).

Но, честитки и благодарност и за сите други автори кои ни испратија панграми, збогатувајќи го конкурсов толку многу што решивме, во блиска иднина, да го повториме! А можеби и да го направиме традиционален...

 

Пристигнати панграми на конкурсот на Окно (1)

Пристигнати панграми на конкурсот на Окно (2)

Пристигнати панграми на конкурсот на Окно (3)

ОкоБоли главаВицФото