За кого би гласал бог? (1)

16.03.2015 14:45
За кого би гласал бог? (1)

Кога во политиката ќе го воведете бога, се случуваат многу чудни нешта. Тоа сега може да се види во Америка и во Иран – на нивните избори и во сè поостриот меѓусебен конфликт. Но не беше отсекогаш така – всушност, најголемиот дел од 20 век фундаменталистичката религија и во Америка и во Иран беше надвор од сферата на политиката и власта.

Но, сè се промени во седумдесеттите. Бидејќи тоа беше момент кога религијата свесно беше втурната во политиката во двете земји, со цел да се искористи како револуционерна сила. А, луѓето што го изведоа тоа – Хомеини во Иран и десничарските активисти во Америка – беа инспирирани од левичарските револуционерни теории и организации и од нивната тенденција радикално да го трансформираат општеството.

Сакам да ја раскажам заборавената приказна, како се случи сето тоа – и, како, на сосема необичен начин, во осумдесеттите години се поврзаа американските и иранските идеалисти – со катастрофални последици.

Во почетокот на седумдесеттите, во Вашингтон се собра мала група млади конзервативни активисти, во обид да ја изменат американската политика. Се нарекоа Новата десница, и беа убедени дека, доколку не направат нешто радикално, либералите и левичарите во Америка ќе ја преземат државата.

Еден од водачите на Новата десница се викаше Пол Вејрич, и по студентските бунтови во 1968 година, се инфилтрираше во круговите на левичарските организации кои никнуваа сами. Беше вчудоневиден кога откри силно планирање и тактитка, и сфати дека конзервативното движење во Америка воопшто не е свесно за тоа. Десничарите, како што зборуваше тој, сè уште веруваа дека луѓето едноставно ќе гласаат за нив затоа што се во право.

Така, Новата десница тргна кон основање ново движење кое би можело да му парира на левичарското. Се одржуваа разни дискусии и за време на една од нив Вејрич истакна дека постојат милиони Американци кои се многу конзервативни и социјално и културно, но кои никогаш не гласале. Тоа се верските фундаменталисти и евангелисти – огромен дел од населението кое верувало дека воопшто не треба да се меша во политиката.

Верич сфатил дека Новата десница, ако успее да ги активира фундаменталистите и евангелистите, би можела да создаде исклучително моќна сила. Но, проблем беше како да се убедат. Фундаменталистите ги движел пиетизмот – верување дека вистинските христијани не само што треба да му го посветат животот на бога, туку и да му го завртат грбот на секуларниот политички свет. Треба да тежнеат кон добар живот преку сопствените дела – и да заборават на политиката.

Иронично е тоа што токму либералната левица му покажа на Верич како да ги активира фундаменталистите. Од крајот на шеесеттите, левицата успеваше да истурка реформи за разни морални прашања – геј правата, абортусот, половата дискриминација. Тоа ја шокираше христијанската провинцијална Америка, затоа што ја олицетворуваше политиката која ги напаѓа и поткопува темелите на нејзиниот приватен живот.

Капката што ја прелеа чашата падна кога претседателот Картер им го одзема статусот хуманитарни организации на фундаменталистичките верски школи. Тоа многу ги заболе, затоа што Картер како евангелист, го сметаа за свој човек. Но, Картер ѝ припаѓаше на старата школа – сметаше дека религијата мора да биде одвоена од политиката.

Така, во мај 1979 година, Пол Вејрич и уште четворица млади активисти дојдоа во Холидеј Ин, во градот Линчберг во државата Вирџинија, на состанок со еден од највлијателните евангелистички проповедници во Америка, Џери Фолвел. Како и многу други проповедници, Фолвел имаше своја телевизиска станица и милиони следбеници. Тоа што се случи потоа, ќе ја сруши побожноста на милиони фундаменталистички христијани и ќе ги воведе – нив и нивната вера – во самиот центар на американската политика.

Разговарав во Пол Вејрич и уште еден припадник на Новата десница, Мортон Блеквел, за тој состанок. Тука зборуваат што се одигра таму. На почетокот Вејрич опишува како се инфилтрирал во левичарските кругови. Вејрич беше фасцинантен човек (почина во 2008 година) – конзервативен револуционер.

Во исто време – на почетокот од 1979 година – ајатолахот Хомеини беше на чело на револуцијата која го сруши иранскиот шах.

Тоа му тргна од рака на Хомеини, затоа што целосно го трансформираше шиитскиот ислам. Таа религија стотици години учеше милиони свои верници да им го свртат грбот на политиката и власта. Хомеини направи пресврт – и го воведе шиитскиот ислам во центарот на политиката.

Во 1963 година, Хомеини беше само еден во низата конзервативни свештеници во градот Ком, но тогаш шахот ја започна Белата револуција, која требаше да го модернизира Иран. Хомеини беше згрозен, затоа што таа програма требаше да ги еманципира жените, да воведе закон со кој избраните официјални лица ќе се заколнуваат над која било света книга – не само над Куранот, и најлошото од сè, на свештенството да му се одземат огромните имоти.

Ова е слика за иднината на револуцијата на шахот. Девојки што управуваат со нуклеарки.

Но, проблемот беше како да се затресе власта на шахот? Според политиката, шиитскиот ислам беше исклучително воздржан. Една од главните шиитски церемонии е „шиитската ламентација“, каде верниците ритуално се камшикуваат. Низ целата шиитска историја, свештенството од тоа правело симбол за повлекување од светот – и, пред сè, од политиката и од власта. Луѓето, во светот на сенките и злото, мораат да го чекаат – враќањето на дванаесеттиот имам. Тоа значело дека политичката власт е злобна и корумпирана, и дека човекот со неа не треба да си има работа.

Хомеини решил да го промени тоа – а, за тоа да му појде од рака, направил пресврт, како Пол Вејрич во Америка, кон политичката левица.

Во шеесеттите години, еден ирански социолог по име Ари Шаријати се воодушевил од пишувањето на револуционерот од Третиот свет, Франц Фанон. А, кога Шаријати ги превел книгите на Фанон на персиски, се служел со исламски речник – така марксистичките „експлоататори“ станале „горди“, додека „експлоатираните“ станале „слаби“ или „угнетени“.

Тоа било клучно за Хомеини – и во 1970 година, тој одржа низа предавања во кои обидот на Шаријати да ги поврзе револуционерниот марксизам и исламот, го искористи за да ја наслика новата визија на шиитскиот ислам. Ваша должност, зборуваше Хомеини, веќе не е да останете пасивни, туку да ја преземете власта и да го избркате расипаниот и корумпиран владетел. Тоа беше фантастичен потег, затоа што Хомеини рушеше една од основните идеи на својата религија.

Не можете само да седите и да го чекате Месијата. Борете се – и преземете ја власта веднаш. Предводени од свештенството.

Хомеини позајмувал многу од Шаријати, но му помагала и силата на неговата личност и вештината мудро да ги користи медиумите. Ова е филм за Хомеини во егзил, во Париз 1977 година, додека неговите идеи се ширеле во Иран. Потоа, следуваат неколку снимки од неверојатните масовни демонстрации во Техеран од 29 март 1978 година – слоганите на транспарентите ја откриваат поврзаноста на револуционерните левичарски идеи со исламот. Како што вели шахот во филмот, Хомеини ги комбинирал „црвеното и црното“.

Неколку недели подоцна почна насилна револуција – и тука вметнав неколку прекрасни и храбри репортажи кои среде борбите ги сними репортерот на БиБиСи, Ричард Линдли.

Политизацијата на религијата во Америка влезе на голема врата. Целата 1979 година, Фолвел патувал низ Америка и регрутирал, како што вели, 72 000 свештеници. Ги учел како да мобилизираат милиони свои следбеници и како да ги запишат во избирачките списоци. Фолвел соработувал и со Новата десница, користејќи го системот на директна пошта за драматизација на моралните прашања – и за провокација.

Кога на хомосексуалците им беше дозволено да положат венец на споменикот на непознатиот херој во Вашингтон, Фолвел им испрати предупредување на своите следбеници од редовите на Моралното мнозинство:

Така е – на хомосексуалците им е дозволено од споменикот на непознатиот херој да направат: СПОМЕНИК НА НЕПОЗНАТИОТ СОДОМИТ!

Но, прашањето беше – кого ќе поддржат новорадикализираните фундаменталисти на претседателските избори 1980 година? Верската заедница подготви Претседателски библиски тест, кој го испрати до милиони граѓани.

Кандидатите беа оценувани според ставовите за најважните морални прашања – абортусот, хомосексуалноста, националната одбрана и многу други. Џими Картер не помина особено добро.

Но, сè беше навистина решено на драматичниот масовен собир во Далас. Тој собир носеше наслов, Брифинг за националните прашања и беше организиран од страна на Верската тркалезна маса – коалиција од верски групи. Сите претседателски кандидати и другите политички личности беа повикани да дојдат и да ги објаснат своите ставови за религијата – но, се појави само еден, Роналд Реган.

Втората цел на овој собир беше да се покаже бројот на свештеници кои сега веруваа дека евангелистичката религија треба да се вмеша во политиката. Заедно со Фовел, водечките телевангелисти како Џејмс Робинсон и Џими Свагарт, собраа 17 000 посетители во Арената во Далас – со 50 милони гледачи на телевизискиот пренос.

Другите водечки свештеници, како Били Греем, го одбиле повикот. Не им се допаѓало тоа што се случува. Еден од нив, баптист по име Џејмс Дан, тоа го коментираше прекрасно:

Имаме еден куп телевизиски свештеници кои сакаат да воведат теократија во Америка, а секој од нив сака токму тој да биде тој Тео.

Потоа, говор одржа Реган.

Ова е Џејмс Робинсон на тој собир, а по него Реган. Многумина во верското движење велат дека овој момент претставуваше пресврт. Вметнав и инсерт од Џими Свагарт кој ги напаѓа луѓето што тврдат дека религијата не треба да се меша со политиката – затоа што е мошне забавен и затоа што покажува колку ова движење тогаш беше моќно и сигурно во себе.

Но, додека сето тоа се одигруваше во Америка, битката која се водеше во Иран околу религијата и политиката, се прелеа и на американската политика – и ситуацијата почна да се комплицира.

А жртва беше кутриот Џими Картер.

За разлика од претходните претседатели, Картер не го сакаше иранскиот шах. ЦИА му раскажуваше разни грозоморни приказни за тоа што им прави тајната полиција на шахот на иранските дисиденти. И Амнести Интернешенел известуваше за тоа – да речеме, за тоа дека машини за сечење месо се користат за сечење раце на затвореници, дел по дел. Тоа не му се допаѓаше на Картер, сметаше дека Америка треба да ги промовира човековите права во светот и јавно го критикуваше шахот.

Но, не толку остро. Картер рече дека критиките на сметка на тајната полиција на шахот „можеби се оправдани понекогаш“, додека, од друга страна, и понатаму испраќаше огромни количини оружје во Иран.

Во 1977 година, БиБиСи снимаше додворувачки документарец за „животот на вашингтонската прва дама“ – Розалин Картер. Снимаа во Белата куќа во моментот кога иранскиот шах дојде во посета. Картер вети дека ќе го посоветува шахот дека треба да ја либерализира државата. За жал, илјадници ирански иселеници не сметаа дека тоа е доволно, па се собраа пред Белата куќа за да протестираат, а плановите што ги правеше Розалин почнаа да се рушат.

Кон вториот дел

Извор: http://www.bbc.co.uk

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Свет
Општество / Свет
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото