Македонија се сака во правда и во вистина

20.03.2015 14:15
Македонија се сака во правда и во вистина

Досега, можевме да се правдаме дека не знаеме, дека не сме сосема сигурни, дека се зборува... Но сега, кога со свои уши ја слушнавме вистината за ужасното поведение на нашите политички претставници, едноставно не е можно и натаму да живееме со лагата без да ја изгубиме нашата душа, нашето достоинство. Луѓе кои отвораат кеси со гласачки ливчиња во темниците на ноќта, кои исклучуваат струја од повеќекатници за постарите граѓани да не можат да излезат на гласање, кои се спремни да запалат или ограбат нечиј имот или безобѕирно да кршат закони, не само што мораат да заминат од политиката, туку никогаш во неа не би смееле да се вратат. Зашто, ако ова прашање за одговорност и оставки се умртви, граѓаните на Македонија ќе добијат страшна политичка вакцина која целосно ќе ги направи имуни на вистината и правдата. А, без вистината и правдата не ќе има што да го држи ова општество заедно. Имено, ако државата не е заедница која ја држат морални врски таа не е ништо друго освен, како што напишал еден умен човек многу одамна,еден обичен „грабеж од големи размери“.

Итно, многу итно, нашата политичка свест мора да фати некаков чекор со западните традиции: дека човечките односи можат да бидат предмет на рационална анализа и насочувани од човечката интелигенција; дека државата може да биде однос меѓу слободни граѓани кои се морално еднакви, кои се однесуваат според законите и чии одлуки се производ на дискусија и на согласност, а не на сила; дека некоја мерка на човечко достоинство му следува на секое човечко суштество; дека моралната цел на секоја власт е општото добро; дека е потребен ригорозен тренинг на волјата... Тоа се традиции запишани низ милениумите, како што вели Вајтхед, од „луѓе немоќни како поединци, но кои, во крајна линија, се владетели на светот“. Потребен е огромен интелектуален напор да се постави македонското општество врз вакви вредности, зашто голем проблем на македонската демократија е отсуството на луѓе жестоко приврзани кон вистината.

Во своите „Писма до германскиот пријател“ објавени 1943 година, Албер Ками го потсетува на забелешката дека за разлика од француските интелектуалци кои ја сакаат потрагата по недостижната вистина повеќе од својата земја, Германците ја сакаат Германија пред вистината. „Се чини дека беше во право“, пишува Ками. „Меѓутоа, ако на моменти ти се чини дека повеќе ја сакаме правдата одошто нашата земја, тоа е едноставно затоа што сакавме да ја сакаме нашата земја во правда, како што сакаме да ја сакаме во вистина... “.

И нашата земја Македонија треба да се сака во правда и во вистина. Во неправда и лага ќе ја сакаат само грст насилници и измамници.

Извор: Плусинфо, 17.03.2015.
Слика: Julia Geiser