Перестројката нè уништи

22.02.2010 13:03
Алексе Балабанов

Неодамна, на прикажувањето на филмот „Морфиум“ од Алексеј Балабанов во Солун, неколку луѓе паднаа во несвест и мораа да бидат однесени во болница.

Проекцијата беше прекината, а продолжи откако онесвестените беа болнички згрижени.

Балабанов, кого денес го сметаат за еден од најдобрите руски режисери, често нагласува дека неговите филмови не се снимани за пошироката публика. Ретко дава интервјуа бидејќи, според него, филмовите „говорат сами за себе“. Роден е 1959 г. во Свердловск, а моментално живее во Санкт Петербург. Неговите филмови се доста познати: „За изроди и луѓе“, „Брат“ и „Брат 2“, „Војна“, „Товар 200“ и др.

Филмот „Морфиум“ е снимен според сценариото на Сергеј Бодров, млад глумец кој стана ѕвезда по својот прв филм, „Брат“, а за време на снимањето на вториот дел загина во несреќен случај. Замолен да ги прокоментира реакциите на гледачите поради суровоста во неговите филмови, Балабанов одговара:

- Јас не ги снимам филмовите за гледачите.

Туку за кого?

- За себе.

Зошто тогаш ги прикажувате на фестивалите?

- Бидејќи гледам дека постои интерес. Тие им се допаѓаат на гледачите. Кога филмот се снима за себе, кога не се мисли на тоа како ќе реагира публиката и дали ќе и’ се допадне, секогаш излегува подобар.

Сите ваши филмови се сурови, шокантни... Зошто?

- Не знам. Едноставно, јас сум таков човек. Ништо не правам намерно. Просто, ги снимам филмовите онака како што сметам дека треба. Едноставно, од екранот го говорам она што се случува во реалниот живот. Ако гледачот е човек кој мисли, по проекцијата му станува мачно. Мачно, бидејќи сфаќа во каков свет живееме. А ако е дебелокожец како слон, или навикнал да носи розови очила, ништо не може да допре до него. Јас снимам тешки и скандалозни филмови бидејќи општеството е такво. Кога ќе стане нормално, и моите филмови ќе бидат нормални.

Филмот „Морфиум“ е сниман според Булгаков кој, како што е познато, користел наркотици. Тој, значи, пишувал на основа на сопственото искуство. Дали и вам ви беше потребно такво искуство за да го снимите филмот?

- Не. Само еднаш во животот сум пробал марихуана, а Сергеј Бодров двапати. Не ми се допадна, сфатив дека не сум за тоа. Без оглед на тоа, не ми беше тешко да се зафатам со снимање – повеќе пати го читав Булгаков, а и му верував на Сергеј. Сепак, тој е сценаристот, а не јас.

Алкохолизмот во Русија е голем проблем на кој во последно време му се придружува и проблемот со наркотиците...

- Не е само во Русија, и кај вас е.

Дали, покажувајќи во филмот до каде може да доведе користењето наркотици, сакавте да го свртите вниманието на општеството кон новата опасност?

- Немав таква идеја. Јас не знам ништо за тоа. Јас, едноставно, снимив филм за тоа како еден талентиран човек под дејство на дрогата паѓа сè пониско и пониско. За тоа како наркотиците го уништуваат талентот, личноста, и на крајот го убиваат човекот. Да бидам искрен, познавав многу луѓе кои ја црпеа својата инспирација од алкохолот или од дрогата. Ама тој пат не води никаде. Не ти треба многу ум за да пиеш или да се дрогираш. А за да се ослободи од зависта, човек мора многу да се потруди. Ќе може ли општеството да ги победи болестите од зависност? Не знам. Никој не знае. Мислам дека болеста веќе се здоби со карактерот на епидемија низ целиот свет.

За вашиот филм „Товар 200“ критичарите напишаа дека е најпроблематичниот филм на нашето време. Меѓу гледачите предизвика најразлични реакции, а некои ве нарекоа лудак, антихрист...

- Не знам зошто. Јас само го снимив она што го видов со сопствени очи. Сето тоа се случи во СССР во 1984 година. Кога бев во војска бев во Авганистан, потоа, снимајќи еден филм, бев на далечниот север и на Далечниот Исток, и видов сешто! Во селата токму толку страшно се пиеше, постоеше таква беда, милиционерот кој грабнува девојка и ја злоставува, исто така постоеше...

Што се промени оттогаш? Самоволието на полицијата лани беше главната тема во руското општество...

- Многу работи се сменија. Денес е многу подобро. Тогаш тоа беше јад и беда, лагите на комунизмот кој беше на смртна постела, па згора на сè, беше и официјална идеологија. Факт е дека сега царува цинизмот, но тој е почесен, во него постои некаква вистина. Тогаш беше целосен хаос.

Советскиот период денес е многу честа тема во уметноста. И иако се зборува за неговите негативни страни, на крајот обично се јавува некаква носталгија. И вие неодамна рековте дека од тој период сте понеле високи морални принципи. Како е можно тоа – системот не чини, а луѓето во него се воспитуваат да бидат морални, чесни...

- Можно е бидејќи општеството беше чесно и луѓето беа навистина добри, чесни. Сите мои пријатели беа добри, се помагаа еден со друг. Од родителите научив дека најважно во животот е да бидеш чесен. Тие особини некако се изгубија. Денес ги нема. Јас сум човек од тоа време, иако не сум комунист. Ама не сум ни капиталист.

Каде отидоа сите тие луѓе, сета таа добрина што постоела?

- Кажете му фала на Горбачов. Тој го создаде ваквиот капитализам. Го направи тоа нагло, без план, без размислување. Беа потребни промени, ама требаше тоа да се направи постепено, чекор по чекор, а не така брзо. Според мене, Горбачов направи гадна работа. Перестројката е најодвратното време кое постоело. Тогаш наеднаш бандитите избија на површината и ја опљачкаа цела држава.

Зарем „големата пљачка“ не се случи во периодот на Елцин?

- Не. Темелите ги постави Горбачов. Тој урна сè. Мораше тоа да се направи малку помеко, поумно. Тој сето тоа го направи идиотски, многу глупаво.

Да му се вратиме на филмот. Како го оценувате рускиот филм денес?

- Никако. Сè е прашање на вкус. Сепак, рускиот филм е доста слаб. Верувам дека тоа ќе се промени на подобро.

Порано велевте дека по педесеттата година не треба да се снимаат филмови. Сега, кога наполнивте толку, дали мислите поинаку?

- Па, снимам, како што гледате. Се надевам дека Норвежаните ќе ми помогнат да го снимам филмот „Кожа“ за Перестројката. Во него ќе има сè – и Горбачов, и првите приватни претприемачи, и постсоветскиот капитализам.


Извор: P.U.L.S.E.