Љупчо&Љупчо (а тука е негде и Африм)

23.03.2015 12:37
Љупчо&Љупчо (а тука е негде и Африм)

Јуруковски!

Заедно не сме паселе овци за да ми се обраќаш со „ти“ и со Коља. Ниту те познавам, ниту кога било во животот сум слушнал за тебе. Читајќи ја некни твојата небулозна исповед, која во некои делови има и форма на писмо кон мене, сфатив, Јуруковски, зошто никогаш не си влегол во зоната на моите радари: таквата плиткост и испразност навистина не заслужуваат внимание.

Но кога веќе, замениче уредник, со вториов текст самиот си се напенали и се дозакопа (иако баеги закопан веќе со првиот дезориентиран текст кој го привлече нашето внимание, не за друго, помисливме дека е на Трендо кичерот; а бидејќи кичот е кичмата на овдешниот зачмаен ум ‒ мораме да го следиме Трендота, чат-пат), ајде да го извршиме чинот на јавна хигијена и да ти посветиме, замениче, малку внимание.

Зошто тврдам дека се дозакопа?

Прво, му направи проблем на возљубениот режим, покажувајќи дека до тој степен ти е фуфка од власта што мораш да објавуваш сопствени а божем анонимни дојави на порталот кајшто си заменик главен уредник! Власта, Јуруковски, не сака до тој степен да биде демаскирана, ваљда тоа ти го рекол Трендо?!

Второ, му направи проблем на сопствениот главен уредник, до тој степен што само неколку дена по анонимната бљувотина мораш самиот да си ја сркаш и да се аутираш ко писател на анонимни текстови (додуша, сосема конфузни, ако е тоа олеснителна околност) против власта.

Трето, Јуруковски, си направи проблем самиот на себе, демаскирајќи се како една од најголемите медиумски кукавици што кога било се појавиле на македонската јавна сцена.

(Кога бев клинец во тинејџерските часописи оперираше „Тетка Савета“. Текстовите на Љупчо ме потсетија на тие стари книжевни бисери од типот: „Баба ми има болка во петицата, па затоа јас не можам да ја чешлам волната. Од истите причини и брат ми е алергичен на синтетика. Што ќе препорачате за сестра ми, драга тетка Савета? (Н.Н. Љупчо, 42230 Лудбрег) А Савета одговара: Сестрата треба својот лекар да го прати на психијатар.“)

Да се усериозиме. Што е, значи, најбедната поента од двата твои мизерни текста, Јуруковски? Поентата е дека овдешните медиуми до таков лудачки степен се исплашени од власта што главен уредник на више-мање небитен портал е принуден да објавува млаки и конфузни текстови против власта, дури и кога таа власт (т.е. премиерот лично) му е дојден директно во двор и под прозор (во форма на „ѕид од шест-седум метри“)!

Поентата е и дека целото јавно дејствување на ликовите налик на Трендо и неговата приглупа секта на клонови отсекогаш било во знакот на филозофијата на паланката: разумно е да се приклонуваш кон силата и да преживуваш во отисоците на нејзините чизми. Окно живее според други филозофии. Преживувањето во отисок од чизма не е варијанта нит за мене, нит за Окно.

Кој е тогаш гревот на Окно, во случајов? Мислевме дека Трендо е автор на првиот небулозен текст (потпишан со: „да речеме читател ‒ Љупчо)“. Затоа направивме постер со Љупчо (Трендо) и Африм (Миленко со својот славен псевдоним) и го реобјавивме текстот на Саше Ивановски, посветен на текстот на „Љупчо“. Окно нема грев, во ситуацијава, зашто главниот уредник е одговорен за сите текстови во својот медиум, а особено за анонимните. (Башка, пред да го направиме постерот „Африм и Љупчо“ направив мала анкета: од десет анкетирани девет беа недвосмислено убедени дека автор на „Љупчовиот текст“ е Трендо; единствен благо резервиран беше господинот „Наумо“; ете, Јуруковски, уште еден аргумент колку твојот авторски ракопис е видлив дури и во медиумот што го уредуваш!)

Заклучок: ако немаш три чисти, замениче, џабе ти е да имаш две бисти (макар биле на главниот уредник и на главниот главниот уредник ем архитект).

Еве, на крај, за да се разведриме, едно старо духовито четиво, “Метафизичка математика“, згодно за да си го пополните, редакциски, Јуруковски, таму на вашиот јаден портал за гзолижење на моќни и малтретирање немоќни, портал воден од скоро-па-недоветни машки деца (ѓоа комична микро варијанта на психоделичната градинка на злото на Црни Грујо)...

Значи, ако немам три чисти, туку само две, можат ли, во крајна нужда, наместо третата, да ми послужат две прљави?

Ако имам две чисти а некој една, значи ли тоа дека заедно имаме три?

Дали четири прљави повеќе вредат од три чисти ‒ барем во одредени ситуации?

Ако имам една прљава ‒ кому да ја подметнам, каде и кога?

Ако имам само една чиста, дали да ја употребам или да си ја чувам за спомен?

П.С.

А, да, се спомнува во текстот на Љупчо некаков интернет и некакво гребење. Тој дел е дното на Јуруковски&Трендо (Progovorila je iz njega filosofija mahaluše sa Gorice: “Ma štaš ti, bona, pričat, kad je tvoja sestra kurva, a tebi smrdi iz usta!”). Еве како во стилот на бабасери-од-пред-клозет Љупчо&Љупчо полемизираат:

„Како што вели старата српска поговорката - знам те Коља кад си Мрак био, прв пат те имам видено пред нешто помалку од десетина години кога доаѓаше во Алуминка да се гребеш гага интернет од Трендо, јер уметниците... хаос... катастрофа...човече.....“ (Јуруковски, патем, лебати, ти ли со оној што се подбива со писменоста на Сашета?! Камо ти спејсови, камо ти правилно членуење, камо ти броење на точки?!)

Значи, да објаснам: пред десетина години не му дал гага интернет Трендо на Коља туку компанијата One на културниот центар Точка. Трендо, тогаш веројатно вработен во One, посредуваше и му бевме благодарни. Но, тој интернет (слаб, и за тоа време) не ни вршеше работа и моравме после неколку месеци да се префрлиме на интернетот на Телеком. Во денешни цени, колку изнесувало тоа спонзорство на One кон Точка? Сто евра?! Нејсе, велам, бевме благодарни, и кон Трендо и кон One. Но, приказната имаше беден крај: кога втората Точка власта ја затвори, после три и пол години работа, дојде и сметката за „спонзорираниот интернет“ од One или кој веќе ја беше купил фирмата; сметката беше десетина пати поголема од реалната, плус набилдана со камати! Трендо во тоа време, ми се чини, веќе беше збришал од One, на сличен начин оставајќи на цедило, колку што имам слушнато, и други луѓе на кои наводно им помогнал да добијат спонзориран интернет.

Приказнава не ја сметам за многу важна, но должен бев да ја раскажам вистината, кога веќе прозиваат бабасерите-од-пред-клозет. Друг ми е зборот. Културниот центар Точка, еден прекрасен проект, во кој учествував осум-девет години (од 2002 до 2010), на најбрутален начин, како и многу други убави нешта, беше уништен од режимот на Груевски. Денес тоа е кењарник со скршени прозорци (се наоѓа во зградата зад Соборен храм). Во тој простор (всушност, во двата простора на Точка) се случија стотици културни настани, изложби, свирки, промоции... Цела една независна културна сцена (не само скопска) израсна гравитирајќи околу нашиот центар. Притоа, интересно, власта ни со еден денар не го помогна дејствувањето на Точка, иако во светот речиси не постои главен град каде што државата не се грижи за таквиот тип „алтернативни културни простори“. Само за уредувањето на втората Точка (денешниот кењарник) потрошивме околу триесет илјади евра, главно од Сорос, од тогашната Про Хелвециа и сопствени. Режимот во меѓувреме потроши стотици милиони евра, божем за „култура“, но притоа не пропушти да уништи сè што има каква било врска со реалната култура, „да не остане ни помен на љепоту“. Притоа груевистите своите габаритни и хипердеструктивни операции ги изведуваа со сесрдна активна и пасивна помош на вакви шупачки медиумски кловнови налик на посочениве љупчовци, за кои пишуваме. Тоа, значи ‒ обидот да се сфати природата на поврзаноста меѓу куртонските медиуми и режимот ‒ е единствената причина зошто јас ‒ додуша, минимално и главно низ дигресии ‒ се занимавам со Трендо. Овој другиов Љупчо веќе ми е и излезен од радарот...

Монтажи: Александар Јосифовски

Сроден текст
Дебатата со Трендо е како да дебатираш со некој од центарот за комуникации на ДПМНЕ...