Петар Хаџи Бошков - синоним за македонска современа скулптура

23.03.2015 16:20
Петар Хаџи Бошков - синоним за македонска современа скулптура

Скулпторот Петар Хаџи Бошков е врсник на револуционерните и авангардните пулсирања во ликовниот живот на нашата земја во педесеттите години на XX век. Во 1953 година Петар Хаџи Бошков завршува Академија за ликовни уметности во Љубљана. Тој своето творештво и битка за самостојна скулпторска артикулација ја продолжува во Скопје. Во таканаречената „нулта точка“ од почетокот на неговото творештво, создава еден вид на компромис со Аристотеловиот мимезис, кој повеќе се заснова на личното видување и елаборирање на природата. Во овој период главно се задржува на мотивите како што се: глави, торза и слично, со што врз нив врши топење на формата која доведува до стилизација на самите дела.

Во втората половина на петтата деценија Хаџи Бошков пред себе отвора ново истражување кое доведува до отворање на обликот и пробив во неговата срцевина. Уметникот со ова отворање на обликот му дава посебна структура на делото со тоа што го ослободува волуменот, и му дава една стилизирана обвивка која дозволува струење на енергијата, околу, низ и во самата форма. Во овие дела кои најчесто се портрети се јавува присуството на динамиката и ритамот, во кои се забележуваат сликарски и графички конотации. Специфичното моделирање на формата го зголемува контрастот меѓу светлото и темното, а разбиената волумиозност речиси ја редуцира на дводимензионални плохи.

Влијанијата на Хаџи Бошков главно доаѓаат од светски познатиот скулптор Хенри Мур, а во одреден период овие двајца заедно соработуваат. Токму затоа не е можно да се исклучат влијанијата помеѓу овие двајца автори. По отворање на обликот уметникот пристапил кон кршење на формата поставувајки нов уметнички концепт. Делата од овој период се изработени од дрво и цемент, со што уметникот укажува дека материјата е услов да се изрази естетската вредност. Паралелно се јавила и идејата за распаѓање на формата или (анти-скулптура). Хаџи Бошков овде се осврнува на специфични материјали кои ги употребува во своите дела (ready made), како што се: копачи, лопати, мотики, а со минимална интервенција врз нив го поставува својот концепт. Употребата на металот и отпадните железа кај Хаџи Бошков го најавува оној енформелски пристап и понатамошниот развиток на енформелот во македонската современа скулптура. Со овој пристап Петар Хаџи Бошков е еден од првите македноски автори кои естетиката на грдото ја претставуваат во своите дела.

Земјотресот кој во 1963 година го погодил Скоје исто така ќе остави голем печат врз творештвото на Хаџи Бошков. Токму поради овој земјотрес ќе настанат оние постземјотресни дела кои живеат со духот и паралелите на разрушената скопска архитектура. Можноста Петар Хаџи Бошков да ги посети Соединетите Американски Држави и да ја запознае одблизу тамошната уметност и култура, на уметникот му се нудат нови полиња за творење и уметнички достигнувања.

Преку делата како што се: Судрување, Вертикално крешендо, Симултан пробив, Страшен процеп и др., јасно се покажува динамиката на просторното живеење, паралелите со тамошната архитектура и брзината и начинот на живеењето. Во самите дела се забележува суптилна обработка на површините на металот, прекршувањата, рефлексиите на светлината и пробивот на енергијата.

Во 1978 година учествува на Венециското биенале со темата „Дијалог“ во која се претставува урбан пејзаж кој се заснова на простор, архитектура и сликарство. Тоа го докажуваат и контрастните варирања на белото и бојата и хоризонталата и вертикалата. Со тоа што творештвото на Петар Хаџи Бошков е огромно, само ќе напоменам дека едно од големите уметнички достигнувања авторот ги има остварено со неговиот циклус на вертикали. Овие вертикали кои концепциски остваруваат синтеза помеѓу две сили кои делуваат на нив, остваруваат големо естетско доживување.

Исто така во циклусот „Рефлексии“ ја поставува паралелата на рефлексирањето на енергијата надвор од просторот на формата, односно рефлектирањето на надворешниот простор врз просторот на самата форма.

Петар Хаџи Бошков со своите паралели Љубљана, Лондон, Њујорк е еден од малкутемина македонски современици кои биле во вистински чекор со светската ликовна уметност. Од ова можеме да воочиме дека Хаџи Бошков е уметник кој со гордост може да ја претставува македонската современа уметност и да влијае врз творештвото на македонските млади автори.

Петар Хаџи Бошков е роден на 1 јуни 1928 година во Скопје. Во 1953 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, на Одделот за скулптура. Во 1959/60 година специјализирал скулптура на Кралскиот колеџ за ликовни уметности (Royal College of Fine Arts) и на Слејдовата школа за ликовни уметности (Slade Scool of Fine Arts) во Лондон.

Во 1965/66 година бил гостин-професор на Академијата за ликовни уметности Купер во Њујорк (Academie Cooper Union of Fine Arts New York). Проф. Хаџи Бошков од 1964 до 1980 година работел во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1980-1988 година работел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде се стекнал со звањето редовен професор, а од 1980 до 1985 година бил декан на овој факултет.

Организирал повеќе од 30 самостојни изложби во Македонија, во просторите на поранешна Југославија, во Англија, САД, Турција и Грција а учествувал и на повеќе од 300 групни изложби во земјата и во странство, како и на бројни скулпторски колонии и симпозиуми ширум поранешна Југославија.

Во 1978 година бил учесник на Меѓународното биенале во Венеција. Реализирал 16 монументални споменици кои се поставени во Република Македонија, Република Словенија, Република Хрватска, Република Србија и во Франција.

Во 1997 година бил учесник на „Деновите на европската култура“ во Солун.

Добитник е на 30 национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградата „11 Октомври“ во 1969 година.

Неговите дела се застапени во државни и приватни колекции во Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска, Република Босна и Херцеговина, Кралството Англија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија и во многу други места.

За почесен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2009 година. Почина на 22 март 2015 година.

Извор: plagij.at / Утрински весник

ОкоБоли главаВицФото