Водно како Бивер Крик!

24.03.2015 00:55
Водно како Бивер Крик!

Миле, а, бе, знаеш што ми текна, да го кренеме Вардар да минува кај што е сега каналот, малку да го прошириме каналот, да го исчистиме од жртвите на Протуѓер, па лево од него едно сто метри угоре, да може реката да дојде до... не можам да ти ги кажам деталите по телефон, ти текнува, нели..., оти вака, џабе ми скапува глисерот во Охрид, плус ти знаеш дека сите ние и Боркица и децата и масерката и тренерката по фитнес и логопедката и маникирката и молерите и градинарите, за чуварите да не правиме муабет, обожаваме на Богојавление да се фрламе по крстот, така што, мислам, би било убаво и практично премиерот да се фрли, да го фати крстот и да се симне доле на работа, види со тоа дупот и гупот, не би сакал да ги кршиме прописите, знаеш и уште нешто, ало Миле, ме слушаш ли, види и ридот ако може малку да го натрупаме бе, си видел ли ти какви ридови има во Швајцарија, Аделбоден, ме бендиса, да ти кажам или еве сега, кога бевме во Америка по инвестиции, имааат едно Водно мислам дека им се вика Бивер Крик, во Коло Радо, ние би можеле да го викаме Коло Калајџиско, ти знаеш дека Рада не можам да ја смислам!

И уште една работа сакам да те замолам, Миле. Абе не се спие од ова крстот, бе, око не можеме да склопиме со Боркица, блешти трешти навечер! Стајте некои венецијанери, богати, или види со „дурекс“ да му бапнеме некој куртон, скулптура и мирен сон, ете што ќе добиеме... Јави му се на дедо Стефан, ако многу инсистира, можеме и „тројан“ да го ангажираме, не е добро да фаќаме кавга со црквата за еден куртон! Значи, плус куртон за крстот!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски