Ова е моја борба за мојата земја

25.03.2015 10:49
Ова е моја борба за мојата земја

Ме заболе и за Груевски и за Заев, ама ептен ме боли за мене!

Ме боли тоа што пред да стиснам „ентер на ФБ“, си велам, „мечка страв, мене не страв“, откако претходно ќе помислам на мајка ми и брат ми. Не за друго, да не му згазнам некому со статусот „на жуљ“, па сите да нѐ сотре. И не се препознавам себеси во стравот, јас - која со мојот покоен татко, воeно лице, најголемиот авторитет за мене во мојот живот, сум водела жестоки дебати за ликот и делото на Јосип Броз Тито уште во „она“ време.

Ме боли што пред да стиснам „ентер“, вртам низ глава цело сценарио како ќе преживеам ако останам без работа како резултат на тој „ентер“. Па се тешам, ситна риба сум јас, па зло не правам, па само си кажувам што мислам, па еве, никого не навредувам... Па ќе се вратам малку, ќе си го искоригирам статусот, така, поблаг да биде, да не влезам некому в око... И така...

Ме боли што помислувам: ако изгубам работа, каде побогу ќе најдам друга, оти книшка партиска немам, и не сакам да имам... Па си се тешам пак, ајде Милице, имаш искуство, знаење, дипломи, белким некому и тоа му е важно... Ќе се снајдеш, борец си ти... И после ме фаќа едно тешко болно чувство што со сето знаење и искуство и дипломи, јас, Милица, отсекогаш „капацитетот“, на мои 41, се плашам за мојата иднина... И кројам, понекогаш, триста планови, на мои 41, каде и како џаде да фатам... Ова многу ме боли...

Ме болеше многу и што кога мојот татко лежеше во болница, моравме да киснеме со мајка ми и брат ми да се осигураме дека јадел, дека чаршафите му се сменети, дека песмејкер ќе му стават, дека после ќе му го тргнат, дека е прегледан конзилијарно и сл... Оти ова, наша работа беше, не на медицинскиот персонал... Кој патем, ни се развика и дека нема што многу да ни каже, оти бил во терминална состојба, и тоа, така, многу докторски и хумано, пред него... Тогаш многу ме болеа сите копита на сите копитари поставени на нашиот плоштад... Оти татко ми беше една од оние гнерации што ги градеа тие болници и ги описменуваа градителите на копитарите на плоштад... Мислев дека заслужува повеќе... А и се прашував што ќе доживеам јас...

Ме боли и тоа што плачев кога ги гледав студентите на улици... И дека она „нема правда, нема мир“ некако ептен ми легна на болката... Плачев и на она „не се плашете од политички партии, плашете се од нас“, од „вашата иднина“ (така чинам некако одеше)... И кога жените ги бакнува полицајците плачев... „Ова се наши деца, ова е наша полиција“... Побогу, кога стана „ненаша“? Побогу, зар за ова загинал дедо ми во војна? Зар ова го градеше и го бранеше татко ми? Зар да дојдеме до улица? Зар „да нема правда, да нема мир?“ Боли...

И уште многу работи ме болат... Нејсе...

Велат, и порано било така, па што? Е како, бе, па што? Па ако било, значи ли дека и понатаму треба да биде? Мене вака не ми е арно, мене ова ме пече, ме тишти, ме гуши, ме гори... И затоа, искрено, не ме боли ни за Заев, ни за Груевски... Ова не е нивна борба... Ова е моја борба, за да не биде така. Моја борба за мојата земја, за онаа за која дедо ми и татко ми се бореле, за правда и за мојот мир. И за мојата иднина од која не сакам да се плашам.

22.3.2015 г.

Милица Петрушевска

(Мечка страв, мене не страв. Ентер.)

Извор: Твитер
Слика: Joanna Concejo

ОкоБоли главаВицФото