Му се сонило да изгради јавна куќа, и тоа на местото каде што сега се наоѓа Собранието

25.03.2015 13:18
Му се сонило да изгради јавна куќа, и тоа на местото каде што сега се наоѓа Собранието

Скопје, 25 март 2015
  
Во центарот на македонскиот главен град, меѓу станбените згради од т.н. Градски ѕид и Домот на Армијата, деновиве ќе започнат првите градежни активности за изградба на јавна куќа, а се очекува пред Нова година да бидат завршени сите градежни работи. На Грујо Николовски, претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, му се сонило дека на тоа место треба да изгради јавна куќа. На сонот му се прикажал човек со брада, со кубура и со гусарска капа, кој му ја покажал локацијата каде што треба да ја изгради јавната установа, а Николовски веднаш познал дека тоа е зградата на македонското собрание. Токму на ова место со години наназад македонските пратеници се проституираат и максимално ја силуваат демократијата, па затоа и најлогично е токму таму да се изгради новата јавна куќа. Нејзината изградба, како и хортикултурното уредување на просторот, ќе бидат потпомогнати од Министерството за култура. За надворешниот изглед на јавната куќа, која ќе биде изградена во мошне популарниот архитектонски стил познат како квази-барок, ќе се погрижи архитектонското студио „Груевски комерц“.

 „На сон ми дојде непознат брадосан човек, кој силно смрдеше на овчо сирење и лута ракија, и ми го покажа местото каде што треба да изградам јавна куќа. Веднаш го препознав брегот зданието на Собранието, па затоа се решив таму да градам. Зградата на Собранието, која симболизира странска окупација на нашата исконска татковина, ќе биде урната“, изјави Грујо Николовски за Пара вести.

Жителите на Центар не се пресреќни што ќе добијат вакво вмровско обележје, па затоа голем број граѓани го изразуваат своето негодување.

 „Ова ги преминува сите граници! До кога ќе му се дозволува на еден човек да одлучува што и каде ќе се гради?! Претераа!“, вели Војдан Карачакановски, жител на општина Центар.

„Многу сме среќни што во нашата општина ќе биде изградена јавна куќа. Чувме дека на нашиот сограѓанин му се сонило да ја изгради токму кај зградата на Собранието. Тука со години ни се ебе мамицата, па редно е да почнеме да заработуваме од тоа“, велат од здружението „Контра-Војдан“.

Од Министерството за култура истакнуваат дека е преубаво што во скопската општина ќе биде изградена барокна јавна куќа. Тие посочуваат дека на вмровецот Грујо, кој се јавува како иницијатор за нејзината изградба, ќе му излезат во пресрет доколку му е потребна помош. Оттаму велат дека откако ќе биде изградена оваа јавна установа, хортикултурно ќе го уредат просторот и ќе постават клупи и канделабри, а јавната куќа ќе биде осветлена со црвено-црни бои.