Балот на вампирите

26.03.2015 13:21
Балот на вампирите

Како копиљ, онаков растен пред видео ерата, ме плашеа со еден филм кој имаше елегантен наслов – Балот на вампирите.

Имено.

Има едно граѓанско движење, кое од непознати за мене здраворазумски причини сака да се вика – ГДОМ (Граѓанско движење за одбрана на Македонија), а јас нагалено го викам „Бал на вампирите“. Тие интелектуално и емотивно истрошени сподоби, кои неуморно се влечкаат како зомби од град во град, се пикаат во зачаурени простории, каде се јачаат еден со друг и блујат закрвени лаги и интриги за наводни домашни предавници, за странски служби, за соросови платеници, а сè со една цел – да го амортизираат импактот од бомбите, кои ги фрла Заев и опозицијатa.

Е, тие сподоби, кога ќе се најдат во телевизиска дебата, соочени од другата страна со чист револт и недвосмислена искреност, се обидуваат да ја скријат грдотијата под маска на наводна пристојност. Тоа го правеше Тони Науновски со Петрит Сарачини, потоа Тони Михајловски соочен со Искра Гешоска, а најпосле Александар Пандов се обиде истото со Никола Гелевски. Кога ја гледам таа извештачена морничава пристојност, најблиска асоцијација ми е сцената од филмот „Адвокатот на Ѓаволот“ и морфирањето на ликот од ќерката на Ѓаволот.

Тие се кријат зад маските, само зашто знаат дека се интелектуално инфериорни и не можат да парираат со аргументи, па се обидуваат со наводно пристоен вокабулар да ја амортизираат клеветата, својата неспособност и морална ништовност.

Овој Пандов – последно споменатиот, беше така затепан од искреноста на Коља, што сигурно позади напудрената надворешност, во студиото на Мишко, има силно замирисано неговата реш печена бездушна вампирска пивтија. А токму тоа се тие морфирани ликови без лик – аморални пивтии и крлежи крвопии. Онака, се закачуваат за некоја здрава мисла и цицаат дури има отпор над глупоста, дури има нешто вредно. Потоа, ќе се префрлат на следното здраво нешто и сè дури не го исушат и последното не престануваат. Тоа им е нивната цел, целта на нивното постоење е со интриги и подметнувања (спомнувањето на Ивор Мицковски) да ја уништат секоја рационална мисла и здраворазумно расудување. Кај некои успеваат, кај повеќето не.

Овде сакам да им се обратам на тие што се двоумат. Во ситуација кога сите слушаме каква ирационалност ни се случува во државата:

-Кој нè води – Премиерот на Републиката ни се шета со комбе и бира парцели од илјадници квадрати на атрактивни локации, менува ГУП, ДУП… за свои потреби, па ги препродава за милиони евра преку вазали, или фантом фирми од Белизе. Мене само ме чуди како не им текна досега да демантираат со изјава во стил – плацевите кои ги меркал Премиерот се за Детски градинки, за Дом за деца без родители, за Детска клиника и така натаму…

-Кога имаме судии што му полагаат сметка за својата работа на уредник на приватна телевизија.

-Кога имаме прв човек на тајна полиција што се изживува и мести луѓе да одат во затвор и тоа со таква сласт тоа го прави, што е невозможно да се опише со зборови.

-Кога имаш министри кои коваат план да направат упад во избирачки материјали, кои се веќе затворени.

-Кога јавниот обвинител и полага рапорт на министерката за внатрешни работи.

-Кога Горде се исмејува со човечињата што ги носат од Пустец.

-Кога Протуѓер ќе фрла фамилии во ендек.

-Кога Миле… што и да се каже за Миле малку е.

-… надополнете ја низата.

Е, во таква атмосфера на тежок криминал организиран од врхушката на власта, на некого таму му пречи тоа што Коља, јавно – на телевизија, го пцуе Здравството во Македонија, што фашистот го нарече бараба и битанга…?!

Пази богати?!

Од друга страна пак, тој нашмиргланиот и напудрен Пандов, на трибина од Балот на вампирите во Скопје, го вели следново: „Овој пат за разлика од 24 декември (се мисли на црниот понеделник), ако тогаш македонската полиција ги спаси, овој пат цела македонска јавност, македонски народ ќе излезе на улици, ќе ги фатиме и Заев и Шеќеринска и Пендаровски и Орданоски и Геровски и секој еден од нив и, како фекалии ќе ги фрлиме во Вардар…“

Тој Пандов, што го нарекувате експерт и бара некаква коректност во дијалогот, на прашањето за тоа како ќе се проверува автентичноста на снимките кои ги пласира Заев, тој – Пандов вели: – „Дали на тој што му се заканувале со ендек, завршил во ендек? Дали на тој, ако му е опцуена мајката, да се види дали тој човек имал некакви односи со мајката?“

Ова ли ви е нормално? Со овие фашисти ли треба пристојно да се дебатира?

Како?!

А бе, луѓе мои – дај ошамарајте се, разбудете се дури овие од Балот на вампирите не нè завртеле да се испотепаме еден со друг. Дајте овие цицачи на сè што е здраво и свесно, на сите нас кои знаеме да си го дадеме одветот, на нас кои не им ќутиме, кои не им се плашиме, на сите кои гледате со отворени очи што ни се случува, а не сте се осмелиле до сега да проговорите… дајте сите да се здружиме и да ги отераме цицачите у пизду материн – онаму каде што им е местото – во мрачната утроба од хорор филмовите со кои нè плашеле ко копиљи и да ги замандалиме таму, како гротескни епизоди од еден лош серијал, кој многу индикативно си го крстиле „Преродба“.

Дајте!

Извор: ribaro.mk
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото