Театарот е господар на слободата

28.03.2015 16:22
Театарот е господар на слободата

Вчера не ја објавивме македонската порака по повод светскиот ден на театарот, мислејќи дека сите медиуми ионака ќе ја објават. Ние на Окно се решивме да ја пренесеме светската театарска порака.

Но, испадна дека ниеден режимски медиум во Македонија не ја пренесе пораката што годинава доби чест да ја напише Нела Витошевиќ! Зошто не ја пренесоа нејзината порака?!

Проценете самите, почитувани читатели...


Tеатарот во којшто верувам отсекогаш бил и ќе остане поле за жестока дебата за проблемите во општеството. Тој треба да биде радикален во ставовите и критичен во мислата. Да создава светови и да нуди решенија. Треба да ја открива вистината, да ги коментира и истакнува девијациите на општествениот систем. Тој треба да претставува слободна зона во која вирее креативноста и иновативноста. Театарот треба да го отслика скриеното, вистинско лице на светот и да ја црпи инспирацијата од него, овозможувајќи му да се спознае и да ги редефинира своите вредности.

Во време на општествена криза, театарот мора да ги препознае и демистифицира страните на конфликтот, да се обиде да разоткрие што лежи длабоко во сржта на мрачните заткулисни игри и да ја привлече кон себе некорумпираната, интелектуална сила на современото граѓанското општество во кое егзистира. Во такво време, тој несомнено мора да биде најстрогиот аналитичар и катализатор на прогресивните идеи. Да биде бунтовен и силен, слободен и бескомпромисен.

Во услови кога театарот е насилно втурнат во политички игри за да стане пропагандна машинерија, тој го губи своето значење и основна функција. Тогаш театарските дејци не смеат да покажат слабост и страв туку напротив, треба витешки, храбро и достоинствено со помош на мечот на вистината да тргнат во поход, да се спротивстават и борат за негов спас и слобода. „Да се бориш со непобедливото, да одиш каде најхрабрите не се осмелуваат да одат и секогаш да веруваш во невозможното“, вели Дон Кихот објаснувајќи ги начелата на витештвото.

Така и театарските уметници при обидот да се контаминира суштината на театарот, исто како Херакле, заштитени со своите театарски костими од смртоносните воздишки на многуглавата Хидра, мораат да најдат начин да го совладаат чудовиштето и да го заштитат својот интегритет. Во нивниот поход за одбрана, возобновување и зачувување на вистинските вредности, тие, како и Херакле, треба да ги отсечат сите отровни глави на Хидра, сите партизирани структури кои пуштиле корени и го затрулe волшебниот, чудесен простор на оваа сценска уметност.

И во тој момент, кога театарот се бори за живот и дише на апарати, неговите творци се оние кои можат да му вдахнат кислород, да му направат реанимација за тој да почне нормално да дише преку бронхиолите на вистинитоста и искреноста. Само на тој начин тие самите ќе ја разбрануваат зачмаеноста на театарското битисување, полека ќе се прочистат од медиокритетскиот дух и сеопштата хипокризија и ќе ја отворат портата на адреналинската треска, која нас театарџиите не води во процесот на создавање вредни уметнички дела. И тогаш одново, ќе ја пронајдат страста за создавањето, поединечно, но и колективно. Ќе ја вратат љубовта и радоста во театарот, зашто да не заборавиме дека тој е нашата единствена, најголема љубов, но и дека таа љубов подразбира одговорност и посветеност.

На тој начин театарот повторно ќе стане она уметнички и општествено значајно критично, будно око за девијациите во општеството. Тој повторно ќе се воздигне како уметност која не е веќе само индустрија за забава или уметност по нарачка, туку медиум кој суштински го поттикнува поединецот на контемплација за современиот живот и општеството во кое живееме.

И тогаш кога театарот ќе се врати од слепата патеката во која го втурнаа, дури тогаш ќе можеме да ги согледаме и реинтерпретираме темите на големите вонвременски драмски автори: да го разбереме глобалниот проблем на апатија на денешната Хамлетовската генерација, да ги охрабриме денешните Антигони во борбата против тиранијата на Креонт, да разбереме зошто на денешниот Лопахин му е толку важен имотот на Рањевска и уништувањето на Вишновата градина, и ќе ни стане јасно од каде доаѓа поривот за апсолутистичка власт на Ричард Трети, и ќе можеме да се запрашаме кои се причините за депресија на Њмалиот човекЕ во делата на современите драматичари.

Бертолд Брехт вели: „Уметноста не е огледало во кое се огледува општеството, туку чекан со кој тоа се обликува“. Конечно, ние, театарските уметници, мора да го земеме чеканот на уметноста во свои раце и мора да почнеме сами да го обликуваме општеството, преку световите кои ги креираме.

Убедена сум дека како резултат на тој процес неминовно ќе следи како поединечно, така и колективно, катарзично ослободување на слободоумниот дух и желбата за создавање вистински квалитетна театарска уметност.

Мојот театар е оној кој ми предизвикува немир, кој ми го пореметува сонот, кој ме носи во непознатото, кој верува во невозможното и ги отвора вратите на вистината. Тоа е театарот кој е и слуга, но и учител на публиката; и слуга, но и господар на слободата.

Добредојдовте во мојата, нашата, слободна театарска зона, нека ви е среќен денот на театарот!“