Крикови и шепотења - во шахта

30.03.2015 02:37
Крикови и шепотења - во шахта

„Веќе по неколку секунди поминати во долгиот ходник кој водеше до павилјоните, ми пролета една смрдеа која ја доживеав не како некој конкретен мирис, ниту како синтеза од повеќе мириси – антисептик, гомна, мочка, пот, сперма или повраќаница – туку како совршен супстрат на смрдливото по себе, како што би можел тоа да го објасни некој филозоф. Благодарение на ненадејната смрдеа, сфатив дека мојот осет за мирис сепак не исчезнал, како што мислев дотогаш, туку само ја изгубил способноста да ги регистрира послабите испарувања.“

Вака, почитувани читатели и сонародници, го доживеав застрашувачкиот поход на груевизмот („преродбата“) уште од самите почетоци во 2006 година. Значи, не толку како некој конкретен мирис туку како мешавина од примитивизам, насилие, грабеж, варварство, популизам и тоталитаризам (гомна, мочка, пот, повраќаница...). Во овие девет македонски историски изгубени години таа смрдеа само се засилуваше, од ден на ден. Денес веќе чувството е како да живееме во шахта. И дека нема ќоше каде што човек може да се сокрие од „смрдливото по себе“.

За една таква слична општествена дупка пишува и Андрија Матиќ (роден 1978) во својот роман „Шахта“, од каде е изваден горниот цитат. Низ една дистописка диоптрија, на трагата на Орвеловата „1984“, Матиќ ја опишува Србија во 2025 година како самоизолирана земја со која под слоганот „Единство, вера, слобода“ управуваат Владата на народното единство (предводена од здружените националисти и комунисти) и Народната служба за безбедност. Западните јазици се укинати, забранети се компјутерите и мобилните телефони, се изведуваат монтирани судски процеси и патетични националистички проповеди на поети-патриоти. Се вршат јавни погубувања на наркомани, хомосексуалци, политички противници, претставници на невладини организации... Наместо кафулиња отворени се Младински центри со фиксна плеј-листа: руска диско музика, народњаци и староградски шлагери. Православната црква е столб на државата, а нејзините свештеници учествуваат во погубувањата благословувајќи ги џелатите.

Освен преовладувачкото влијание на „1984“ во романот „Шахта“ се чувствува и ехото на Камиевиот „Странец“. Од Орвел Матиќ ја презема визијата за тоталитарно општество (подвид: православна џамахирија), а од Ками (можеби и од Кафка) судењето на нараторот-убиец во вториот дел на романот. Читајќи го краткиот но мошне интензивен роман на Матиќ на ум ни доаѓаат и некои други славни дистописки романи: „Денот на опричниците“ на Сорокин, „Москва 2042“ на Војнович, „Човекот од високиот дворец“ на Дик... Романот на Матиќ не ги достигнува наброените литературни височини; на пример, психолошката карактеризација на ликовите е недоизведена и тие повеќе служат како маски во функција на те(н)зичното дејствие отколку што функционираат како повеќеслојни и самостојни фигури. Во име на возбудливото и ангажираното дејство Матиќ можеби пропуштил книжевно да биде посуптилен и подлабок... И покрај слабостите, романот сепак плени со налудничавото темпо и со мошне солидната, речиси филмска, драматизација...

Раскажувач на романот е бивш професор по англиски принуден да ги поучува децата на шефот на тајната служба. Случајно присуствува на ситуација кога свештеник сексуално злоставува момче од Дом за незгрижени деца и во бес го убива насилникот. Оттогаш живее по подруми и шахти, сè додека не го фатат и не го осудат на јавна смрт, со чекан по глава. Нараторот сепак на крајот, во затвор, опишувајќи ја сопствената авантура, доживува своевидна катарза, спасувајќи си ја душата со помош на доцна сфатената љубов кон една девојка. Тука одново се среќаваме со орвеловската теза за суштинската субверзивност на љубовта во еден хиперконтролиран и фиксиран свет.

Но, јазикот на Матиќ не е „љубовен“, не е емотивен; гласот на раскажувачот е воздржан, студен, прецизен. Така се постигнува потребниот контраст со страшните настани во романот, со што се потцртува трагичката димензија на делото. Оти, физичкиот пад на раскажувачот не е само негова лична пропаст, туку и општествена, политичка и историска. Затоа романот „Шахта“ е прецизна сатирична приказна со значајна алегориска сила; „таа остра и храбра шлаканица и тоа како му треба на српското општество“, смета книжевниот критичар на белградска „Политика“. Еден друг критичар, Саша Ќириќ, исто така тврди дека книжевната визија на романот „Шахта“ е ангажирана реакција на српската културна и политичка ретардација и на можното враќање во варварство.

Ми се чини дека на македонската книжевна сцена, иако веќе десетина години нашето општество е реално бутнато во „канализација“ (или во аждерска пештера), како никој да не сака да го отвори носот или макар да го дигне гласот во некаква си уметнички поартикулирана форма. И тој факт зборува до кој степен во Македонија преовладуваат демагогијата, лагите, стравот и самоизолационизмот. Токму немањето некаква повидлива културна продукција која реферира и алармира на овдешното живеење во „шахта“ всушност најдобро покажува колку е заправо болно нашето општество и колку е длабок падот. Од бездната во која се прпелкаме овде тешко може да се слушне дури и крик.

Матиќевиот тегобен но фуриозен роман завршува токму со крик на затвореникот (самиот роман е всушност еден продолжен крик), „колку да си покажам себеси дека и понатаму сум жив“:

„Она со што исто така тешко излегувате на крај се криците кои овде можете да ги слушнете речиси на секои десет минути. Некогаш се толку силни што имате впечаток дека доаѓаат од ќелијата до вас, а некогаш едвај ги насетувате на некое од затворските нивоа, кога можат да изгледаат уште пострашно. И никогаш не е јасно зошто се јавуваат. Дали ги предизвикува физичка болка, кошмар, внатрешна тегоба или убиствената неизвесност. И јас понекогаш испуштам таков крик. Повеќе за да си покажам себеси дека сум и понатаму жив, отколку што на тоа ме принудува некое неиздржливо страдање...

„Шахта“ изворно е објавен во 2009 година, а македонското издание е од 2014 година. Овде можете да прочитате извадок од романот.

Слики: Ralph Pugay

ОкоБоли главаВицФото