Безусловна капитулација на ВМРО-ДПМНЕ!

30.03.2015 09:50
Безусловна капитулација на ВМРО-ДПМНЕ!

Во угланцаното срање, во тие говна ушушкани во станиолите на „ферети“, Гелевски влета како антрополошка студија на последниот нормален човек во средбата со идиотот, во царството на идиотот, во неговата Атлантида, во светот во кој Пандов беше манекен, ниска појавна форма на Злото, а Мишко претставник на Хигсовиот бозон кој на Злото му дава медиумска маса!

Во настапот на Гелевски го видовме заборавениот живот, заборавените животни рефлекси, заборавените гестови, ми се виде како шило кое отвора дупка низ која може да се ослободи живата и животната вода затворена во танкерите на телевизиите, на политичката и медиумската квазикултура, во лажната пристојност на манијаците што ни ја цицаат крвта.

Се надевам дека таа вода на вистината и на вистинскиот живот ќе се излее и ќе го оприроди нашиот амбиент! Односно дека нема да биде нужно Гелевски или некој друг следниот пат да оди во нивните усрани емисии, во кои малку зборуваат злосторниците, малку жртвите (избалансиран пристап, хахаха), да носат моторцангли за микрофонот и јазикот на Злото, или моторна пила и голема канта бензин за неговата империја!

Во пресметката на Човек со Идиот, Гелевски го растури Пандов, но поважно од тоа е дека го растури светот на лагата за животот во Македонија, лажниот живот, самоизмамниот живот, лицемерството, дистанцата на животот од самиот себе, напудрената чудовишност, циничната аморалност, позата која не само што е без содржина, туку по дефиниција ја празни содржината на тоа што сака да го претстави, на срањето што не знам кој и не знам кога го инаугурира со одвратната собраниска меѓусебна етикеција на грандиозните парламентарни стаорци („почитувани, почитувана, почитуван, многу почитуван, екстремно почитуван...“), на тоа одвратно лигавење зад кое цветаше и цвета невидениот подем на омразата, на политичката проституција, на ропството, на пљачката и деструкцијата, на телевизиската и општоновинарска радијација на евтината, на одвратно евтината строгост и официјалност во смрдливите стандарди на ќумезарничките студија во усраната држава, таа огромна вениширана пералница на малите мозоци на овдешните луѓе и, на крајот, на лагата за институционалниот ред на државата како нешто што секој пристоен човек мора да го одбие прифаќајќи ги сите ризици! Кога големиот колец на политиката ќе ви го растури задникот и ќе ви излезе низ ушите (Кишјухас), природно е да настојувате на сите можни начини да се ослободите од туѓото тело во вас и да не внимавате на тоа дали ќе ја пукнете мембраната на студиските микрофони или чашата на идиотот од спротива!

Јас верувам дека неговиот настап ќе има важни културни последици, дека ќе биде важен знак во растурањето на моделот на самозаробеноста и во освојувањето на новите форми низ кои општеството ќе одбере да се разбира самото со себе, во себе и со светот! Јас знам дека ова што го зборувам може да прозвучи преагресивно и, за некои, без доволно материјал во самиот настан, но јас ги уверувам во спротивното! Особено ако луѓето му одолеат на искушението од целата таа култура, од сиот тој светоглед, да се фатат за вулгарностите, да го сведат настапот на димензијата на неговата емотивност, односно неговата „ вулгарност“ да ја разберат како ослободувачки знак за својата простота! Тоа би значело дека дефинитивно немаме никакви шанси! Културата која не е во состојба да ја разликува високата естетика на размавтаната емоција, па дури и на вулгарноста, од простотата на примитивизмот, навистина е за жалење!

***

Механизмите на нашата драма се слични со трагедијата на германскиот авион во француските Алпи: и нашиот пилот се има заклучено во кокпитот и, еве, веќе десет години, македонскиот авион го има наведнато клунот и паѓа од безбедните височини на европското небо, во ниската магла на балканската самодеструкција! Меѓу очајните патници се шират гласини дека поради наглото губење на височината, разумот на пилотот останал залепен за плафонот на пилотската кабина! И дека не бил со сите и кога му бил во главата! Брисел, Берлин и Вашингтон ја имаат шифрата за отклучување на кокпитот од надвор! Разумот налага светот да влезе и да види во што е проблемот! А не после да ја бара црната кутија по тешко пристапниот терен на Мариово! Или на Овче Поле!

Новата бомба на Заев ги потврди моите стравувања. Затоа што не станува збор само за тие пет проценти односно 18 или 25 милиони евра провизија што бандата ги украла само на еден патен правец, туку станува збор за нови основи на нашите сомневања дека во секоја плочка што во последните десет години е ставена по нашите тротоари, во секое кило бронза, во секое коњско копито и комитски мустаќ, во секој државен и локален буџет, државата и луѓето биле системски и систематски пљачкосувани до нивото кое ги надминува финансиските апетити и на најлудите лудаци и се доближува до минуциозно разработениот план за економско-финансиско декапацитирање на Македонија во пакет со нејзинито културно, национално и историско десубјективизирање! Со други зборови, ние сме жртва на поголемо злосторство од пљачката и на поголем разум од инфантилното ниво на Миле, Гоца, Саше, Зоки и Шефот! Нешто што допрва ќе треба да се истражи! Во таа смисла ние сме навистина патници во авионот што со злосторнички намери го има киднапирано нашиот пилот!

***

Дали да се преговара! Мислев не! Никако не! Но, на крајот сфатив дека има еден резон или можеби два резона! Развојот на ситуацијата, изрешетаниот режим на вемерето, таа разнебитена, обеззабена, усрана хиена, душа дала да се малтретира и да се тера секоја секунда да ги пумпа гумите на новата општествена самодоверба! Шекеринска треба да појде во Брисел како што генералот Макартур појде на „Мисури“, како домаќин на поразената војска на вемерето, како на самит на кој ќе се договараат модалитетите на вемеровската безусловна капитулација и модалитетите на поствмровската Македонија, сосе процесите против мирновременските злосторства, со процесите на денацификација, конфискација, лустрација итн.!

Во таа смисла му предлагам на Заев да отворат една нова димензија на битката против Злото, нешто со што ќе се надогради разузнавачкото ниво на бомбите, таа најцрна хроника на криминалот, и ќе се заокружи во систематизиран и аналитичен материјал на македонската драма со пристап до најтајните мотиви, до културните и идеолошко- политичките рамки и цели на злото, до неговите механизми, форми и сервиси, оти само таквиот сеопфатен пристап во разбирањето на злото може да ни гарантира дека тоа нема да се повтори. Се разбира, со сите нови системски мерки за реконституцијата на Македонија во секој поглед!

Второ, мора веќе сега да станат јасни контурите на системот кој ќе го процесуира злото, дали тоа ќе биде посебно обвинителство, дали тоа ќе биде некоја меѓународна инстанца, можеби Хаг, јас не знам, но мора безрезервно да бидат објавени намерите на новите власти во таа насока.

И трето, мораат да бидат објавени основите на системот кој ќе обезбеди на државата и на народот да му се врати и последното опљачкано евро, сосе кривичното гонење на мајките, бабите, стрините, швалерите и швалерките кои го отстапувале својот идентитет за да може пљачката да се заташкува и камуфлира!

Катастрофата што ни ја приреди вемерето има една позитивна димензија: нуди шанса да се реконституираме, а не да се крпиме! Но, како нè дал Господ, ние сеуште не ги имаме искористено сите можности да работиме против себе! Еве, да речеме, битката за груевистичкото и постгруевистичкото наследство многу лесно може да се сведе на своевидно разместување на патниците во автобусот на Мишко, со мала пауза за ракија, чварки, секс и давење, со по некоја жртва, со исфрлање на некои поединци, со совладување некои контролни пунктови, но со стариот формат на раздрнданиот рејс кој така фантастично ги хармонизира и елитата и последните лузери и возачите и нацијата и целиот амбиент, тој пустелиски ландскејп и каливиот пат од Никаде кон Ништо! Малку ли е!?

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат