Грди, валкани, зли

31.03.2015 11:51
Грди, валкани, зли

Одвратно, грдо, гадно и непријатно, грозно, лошо, навредливо и ругобно,ужасно, страшно, одбивно, безобразно, неморално, бесрамно, бескрупулозно, измамничко, лажно и лажовно, очајно, бесмислено, апсурдно, неразумно, глупо, безразложно, неприлично и штетно, банално, тривијално, кич и досадно, та дрчно, разбојничко, ништожно, грубо, подло и бедно! Бербатно, животинско, скотско, сирово, неделкано, ѕверско, дивјачко и примитивно; будалско, лудачко, бурлескно, накарадно, зевзечко, вандалско, варварско, нечовечно и нехумано; гротескно, настрано, безумно, дебилно, слабоумно, ретардирано, малоумно, идиотско, блесаво, тапоглаво, имбецилно и скудоумно! Бездарничко, поданичко, бесвесно, бесно, арогантно, аздисано, бескорисно, бесполезно, бесправно, бессодржајно, бестијално, бесцелно, бесчесно, безвкусно, безвредно, бездушно, беззаконско и безобѕирно, безочно, безразумно и безрасудно; дрско, дрлаво, мрсулаво, заумно, каркалашно, грдјосано, гомнено, гомносано и лајно лајносано! Зло, зловесто, злогласно, злодејско и злокобно! Злосторнички! Злотворно! Злочинечки!

Што повеќе човек да рече за кошмарната нова фасада на Министерството за правда, што како кисела блујавица нè заплисна в лице со својата лудачка антиархитектонска какофонија? Нема доволно зборови во македонското говорно искуство што би го опишале тој културен злостор што го изврши авторитарниот режим на Груевски. Зборовите се нејаки и неубедливи пред острата реа што низ злосторничкото префасадирање на Скопје избива од ликвифицираниот леш на македонската култура.

И покрај комплетната демистификација на вулгарната клептократска природа на оваа нелегална власт како последица од слушањето на мафијашкиот телефонски трилер, или можеби токму поттикната од тргањето на маските зад кои се криеше, власта продолжува да се однесува како ништо да не се случило, и засилено, дури хистерично ги продолжува вандалските напори да уништи колку што може повеќе автентични скопски фасади, да убие и затскрие колку што може повеќе трупови на згради од македонското културно наследство.

Ова ирационално злосторничко однесување, колку и да е неверојатно злодејско, е всушност стереотипен образец на однесувањето на полудените тирани во нивните последни моменти. Тие драстично и неповратно се одвојуваат од стварноста во својата агонија, кога инклинациите на свеста во нивните последни говори и постапки стануваат толку очебијни што одбиваат да ја согледаат очигледната реалност на сеуништувачкиот колапс на нивниот сон. И наместо соочени со реалноста да отстапат од нивната умоболно изместена стварност, тие реагираат токму обратно и по цена на најголеми општествени штети, бесно и налудничаво, опсесивно, брутално и безмилосно, до последниот миг ја форсираат реализацијата на нивниот умоболен и халуцинантен мит.

Поради тоа, најголемата штета од авторитарното владеење на Груевски не е во областа на финансиите, каде што режимот по пат на оружен грабеж открадна десетина милијарди евра тегобно заработени народни пари. Таа - најмонструозната штета - не е ниту во областа на стопанството и недвижните блага, каде што е украдена, криминално присвоена, дивоградена и отуѓена македонска земја послана со имоти во вредност од сигурно уште повеќе народни милијарди. Најголемата штета што на македонската држава и општество им се нанесени од страна на нелегалната власт на ДПМНЕ, се состои од обесмислувањето и, практично, од уништувањето на највредната срцевина на македонскиот феномен, на самата онтолошка суштина на македонската историска посебност, а тоа се вредносните системи на нашата култура.

Претворањето на уметноста во налудничав кич, на историјата во евтина пубертетска лага или во малоумна митологија, на журналистиката во пропагандно силување, на образованието во машина за заглупување на сопствениот пород, на политиката во мафијашки рекет и на правото во криминал; сето тоа што мрачната ера на диктатурата на Груевски и ја направи на македонската култура е вистинската, најголемата, најсуровата и најнепоправливата штета за чиишто чудовишни размери сè уште, за жал или за среќа, немаме ниту приближна претстава.

Искриволколчувањето на реалноста, первертирањето на образовниот систем и претворањето на буквално сите институции на државата во партиско-извршни органи на едно одвратно псевдодржавно човекојадно чудовиште, се само последици на веќе изопачените вредносни репери во коишто лошото е добро, злото е среќа, а грдото е убаво. Уништувањето на чувството за правда и правичност, за доблесно и чесно, за правилно и убаво, за вкусно и одмерено, е процес на кретенизација на едно цело општество, ментално уништување на генерации македонски деца и млади, како и на пасивното мнозинство возрасни; кретенизација што ја прави Македонија држава од која се срамат и гнасат нејзините сопствени деца, држава што не е вредна за живеење, држава што не го заслужува своето постоење.

Префасадирањето на центарот на Скопје од автентична модерна архитектура на златната ера на македонската култура во морничав франкенштајн стил на класичниот фашизам е несомерливо поголем злостор од фрлените и ограбените народни пари, зашто се работи за апотеоза на лагата и лажното како фундаментален принцип на груевистичката доба. Лажните столбови се директна и вулгарна слика на лажењето како столб на македонското несреќно општество, зашто лажењето е основниот принцип на фашизоидната партија-држава што се преправа дека е се уште демократија. Анализирањето и разгледувањето на тие фасади и градби од стручен архитектонско естетички аспект е морално неприфатливо, зашто тие не смеат да се третираат како архитектонски дела, туку како докази за еден злостор против човештвото и човечката култура, докази за еден вистински културоцид.

Така и експериментите што злогласниот доктор Менгеле на живи луѓе ги вршел во логорот Аушвиц, не се сметаат за медицински истражувања, ниту се евалуира нивната евентуална полза за медицинската наука, туку се сметаат за сурово сериско убиство и злостор против човештвото. Исто како што и зградите, спомениците и фасадите од „проектот Скопје 2014“ треба да се третираат единствено како симптоми на општествената агонија предизвикана од политичкиот криминал на власта и како злосторства против македонската култура, чиишто крвави траги треба да се исчистат од градот и од Републиката, од јавноста и од историјата, заедно со нивните починители.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат