Петар Хаџи Бошков

31.03.2015 14:14
Петар Хаџи Бошков

Замина најголемиот македонски скулптор. Замина засекогаш Петар Хаџи Бошков од овој наш свет и, знам, замина тивко како господин со лежерна насмевка и презир на лицето кон сè што е тривијално, банално и за човек недостојно.

Беше тоа редок, блескав дух кој заталкал по нашиве беспаќа и заглавил во оваа наша длабока македонска кал што не дозволува да се издигнеме повисоко и што влече постојано удолу. Спокојно, како нешто што е нужно и неизбежно, ја прифати осаменоста на великаните, на истражувачите на непознатото, на анатомите на стварноста кои не се плашат да засечат и да го отворат нејзиното тело и за кои скицирањето на видливото е само начин да се открие чудото на постоењето, на географите кои не се задоволуваат со мапирање на достапната стварност туку исчекоруваат зад хоризонтот на познатото, на оние кои смело освојуваат нови простори зад дозволените граници, пионери кои тргнале на неизвесен пат кон далечни и недостапни висови на духот. Со храброст на истражувач и интелект луциден и остар како скалпел со кој прецизно ја сецираше стварноста откривајќи ги нејзините тајни - она што е недофатливо и ја надминува материјата од која што е создаден светот - тој се обиде да го обликува невидливото и недопирливото. За овој обид сведочат неговите дела.

Припаѓаше на првото повоено поколение македонски интелектуалци. Од периодот на неговите почетни творечки заложби до неговите крајни творечки дострели македонската култура оствари впечатлив културен скок. Тоа беше време на интелектуални подвизи и тој храбро го прифати предизвикот. Македонскиот народ тогаш прв пат ја оствари својата целосна национална слобода и своето право на држава меѓу европските народи. Историското земање здив, краткиот одмор од забревтаната историја и поволните општествени процеси придонесоа во тоа време, не само да се истакне и да се развие слободата на творештвото, туку да се создадат сосема нови претпоставки за развојот на уметноста воопшто. Отворени беа нови можности за истражување на внатрешните територии на уметноста, и, со прифаќањето на западноевропските новини, беа освоени нови слободни територии во општеството. Ова чувство на слобода ќе стане траен белег на творештвото на Петар Хаџи Бошков и вечно ќе зрачи од неговите дела силно озрачувајќи го нашево мрачно секојдневие.

На грубата стварност тој ѝ ја споротивстави елеганцијата на својата мисла, редот наспроти нередот, мирот наспроти немирот, ритамот наспроти какофонијата, хармонијата наспроти хаосот и сето тоа го компонираше во своите дела изразувајќи ја совршената рамнотежа на универзумот... Хаосот се заканува, но редот секогаш се воспоставува одново во блесокот што ја цепи темнината, ја разложува како што призма ја прекршува светлината во бои и според постојните правила ги сложува во овој наш свет како уметничко дело (Дијалог, 1978) или како празнење на енергија во просторот и бележење на трагите што зад себе ги остава ударот (Пресек, 1966; Страотен процеп, 1968).

Неговите најдобри дела се настан, миг што трае, чудо што пред нас се материјализира и што доаѓа од длабочините на битието, од неговата вознемирена срцевина. Тоа мерење на немерливото, мапирање на невидливото и моделирање на недопирливото како во скулптурата, така и во неговите извонредни и не многу познати графики, е основа на неговото творештво. Идејата за распаѓање на формата (анти-скулптура) го води кон ослободување на енергијата од формата и нејзино бележење - кон бележење на чистата енергија. Уметникот продолжува да создава форми и предмети сметајќи дека треба да ги акумулира трагите на субјективниот продор на непоимливото од едно повисоко рамниште на постоење во нашиот свет, замрзнувајќи ја така уметничката идеја за идната меморија. Присутноста, самото случување на делото, укажува дека нешто постои пред какво било значење на тоа што постои и оваа идеја може да се нарече мистична, затоа што станува збор за мистерија на битието. Ритамот и рефлексијата, за кои што толку милуваат да говорат ликовните критичари на неговото творештво, се само манифестации на движењето на енергијата. Ритамот е време. Времето е самото дело, миг кога делото се случува. Делото е блесок, епифанија, молња... Неговите скулптури се скаменети молњи и ерупција на вжештен метал што протекол од некој друг свет и што се стврднал во допир со нашиот свет (циклуси Вертикали, 1979-82; Мир-немир, 1995-98). Подоцна, во творештво се приклонува кон таинствениот поредок на симболите што втемелуваат една поинаква стварност, а волуменот повторно ќе стане доминантен и ќе ја артикулира формата. Неговите доцни дела откриваат одредено каптирање на енергијата, конструирање резервоари на енергија, контрола на енергијата што свесно се обликува во симболични форми (Големата Порта, Бесконечност, 1988-89; Престолнина, 1997).

Петар Хаџи Бошков беше еден од пионерите на модерната уметност. Во нашиов културен жабарник каде навидум ништо не се случува и каде новините доаѓаат со задоцнување, неговиот модернистички приод кон уметноста и уметникот како исклучителен субјект кој има интуитивен увид во смислата на постоењето и тајните на светот, воспостави и одржуваше особена интелектуална свест за занчењето на уметноста и на уметникот во општеството.

Мошне рано уметничките дела што тој ги создаде беа препознаени во светот. Тој е еден од малкумината македонски уметници кои беа повеќе почитувани и повисоко вреднувани надвор, отколку во својата земја. Признанијата тука доаѓаа тешко и задоцнето. Овој образован човек со остар ум кон секојдневието се однесуваше со презир. Не беше способен за сплетки и не умееше да биде лицемер. Не знаеше да работи во сопствена полза. Беше тивок и воздржан човек чиј глас се губеше во општата врева на еден споулавен свет. Никогаш заедницата не собра сили да го вреднува неговото дело колку што требаше и колку тоа дело вистински вредеше. Нарачките од државата беа ретки и најчесто непристојни. Поддршката за изведба на неговите проекти беше недоволна и делумна, најчесто перфидна и неприфатлива. Никогаш не доби доволно финансиски средства за да ги оствари до крај своите замисли. Откажаните проекти беа многу повеќе од оние остварените (на пример, откажаното учество на Венециското биенале во 1999 г., нереализираната фонтана на плоштадот „Македонија“, споменикот во Велес, публикацијата за неговите графики, инаугуралната изложба во МАНУ...). Освен една монографија (мошне личен авторски приод кон неговото творештво на Конча Пиркоска за која со мака се прибираа средства повеќе од десет години) други сериозни прилози и студии за неговото вкупно творештво и нема. Поголемиот дел од животот го мина како наставник во Училиштето за применета уметност во Скопје (1963-1980). Своето огромно знаење за уметноста се обиде да го пренесе на своите студенти и како професор на Факултетот за ликовни уметности во еден краток период (1980-1988). На осумдесет години го прогласија почесен член на МАНУ, а тоа го доживеа повеќе како понижување, отколку како почест. Вистински член на МАНУ не стана никогаш. Таму и не припаѓаше. Не им припаѓаше ниту на бездарните, ниту на расипаните, ниту на творечки немоќните... Работеше додека имаше сили, до последен здив, со текот на времето сè повеќе гледајќи од височина на овој земен свет и на луѓето кои од таа возвишена точка на гледање наликуваат на она разбранувано множество од мали теракотни фигури кои во колони одминуваат кон бесконечноста, што тој ги создаваше во својата алхемичарска работилница последните години (Човекот и комуникацијата, 1999-2004).

Петар Хаџи Бошков имаше доблест да им се спротивстави на нашиве неуки и насилни властодршци и тој, доследен на своите убедувања, го зачува достоинството до крајот на својот живот. Додека другите клечеа пред моќниците тој остана исправен.

Деновиве многумина ќе држат бесрамни говори и ќе подигаат споменик од празни зборови врз гробот на Уметникот, допрва ќе прават попис и опис на неговите дела, ќе го мерат и премеруваат неговиот придонес со мерката на сопствената ограниченост и бездарност, ќе ронат крокодилски солзи и ќе го величаат за да се почувствуваат самите повисоки качени на рамењата на великанот. А Уметникот некогаш гордо стоеше осамен меѓу сите тие влекачи и безрбетници, меѓу тие интелектуални крокодили, морални хиени и хипопотами, фалбаџиски барски птици и надуени жаби крекачи од нашиов валкан жабарник.

Сето она што се случи со уметноста денес кај нас, нејзиното злоупотребување и понижување, нејзината потчинетост и зависност од лошиот вкус на моќниците, нејзината деменција и ретардација, нејзиното јавно проституирање... сето тоа беше спротивно на неговите најдлабоки уметнички убедувања. Насилството врз уметноста, нејзиниот пад и предавството на уметниците тој го доживеа драматично. Тоа за него беше срамен пораз на идејата за слобода на уметноста и пораз на модернизмот (и неговите основни, денес заборавени, принципи). Наспроти сиот тој кич што се наталожил како отровна пена на површината од нашава бара и сета таа духовна беда - тој го постави своето дело како единствена можна одбрана.

Впрочем, денес, во ова наше квази-културно опкружување, меѓу сите тие национал-социјалистички споменици и споменични обележја на едно полудено време, неговите скулптури изгледаат како траги од посета на вонземјани, несфатливи и таинствени артефакти, како да ги правел некој дојден од друг свет.

Историјата на уметноста ни дава примери на дела направени за вечноста, кои на творечки начин делуваат против актуелната власт и работат за иднината: време против просторот. Така, уметничкото наследство на Петар Хаџи Бошков работи против грдата сегашност и ја поткопува, доследно на поуката на Акиле Бонито Олива кога тој говори за „современата уметност што трупа формални резерви во просторот што е веќе задушен, во исчекување на подобри времиња, помалку заплеткани и противречни“. Нашето време не е само „заплеткано и противречно“ туку е страшно и мрачно време, дрчно време што се јаде самото себе пред нашите очи. Ова е време на затемнување на умот, време недостојно за човека и во оваа темнина делата на овој великан како молњи го расветлуваат пустиот предел на нашата стварност и ние во ова невреме не би можеле да се снајдеме без овие светли сигнали на духот.

Уметникот замина, но зад него остана неговото дело. Останаа делата на Петар Хаџи Бошков да сведочат за еден минат духовен потфат, траги од една бура на умот, од духовна бура над оваа наша пуста земја, како вертикално празнење на енергија меѓу небото и македонскиот предел, како траги од молњи што се претвориле во метал или се скамениле. Бурата одминала некаде далеку зад земниот хоризонт, а трагите останале.

ОкоБоли главаВицФото