Час

02.04.2015 01:42
Час

Додатниот час вратен на вечноста
Часот здобиен патувајќи на запад
Часот на измислената империја
Најдлабокиот час на најмрачното море
Часот на вина што ѝ претходи на катастрофата
Часот што е потребен да се отиде одовде до таму
Проколнатиот час на спознанието на смртта
Часот во кој месечината затемнува
Часот што преминува низ умот како сенка од облак
Синиот час што се одмора на покривот од куќата
Часот што им е мајка на минутите и баба на секундите
Отечениот час на болката, доволно, доволно
Часот кога глувците трчаат во ѕидовите
Бронзениот час на наелектризираното време
Манастирскиот час на возвишеност на калуѓерката
Ѓерданот часови што го носи вдовицата
Отрпнатите часови на ноќ мината во Ном*
Звукот на часовите во дишењето на растенијата
Главниот час што постои без тебе
Часот во кој вселената почнува да умира
Халуциногениот час што останува засекогаш
Часот на прекумерност што се изедначува со два на самоиспитување
Часот што блесна на кожата
Часот на конечна музика
Часот на безболна самотија
Часот на месечева светлина врз нејзиното тело

_________________________________________
*Ном – гратче во Алјаска.

Препев: Давор Стојановски
Слика: Ејми Џад

Марк Стренд (1934-2014) е американски поет, есеист и преведувач. Роден е во Канада, но во раното детство се преселил во САД. Објавил дваесетина поетски книги, неколку книги со раскази, книжевна критика и една книга за деца. Добитник е на повеќе важни книжевни награди, меѓу кои и Пулицеровата награда (1999). Предавал англиски јазик и компаративна книжевност на петнаесетина универзитети во САД, како и на Бразилскиот универзитет во Рио де Жанеиро.

ОкоБоли главаВицФото