Пет тешкотии во пишувањето на вистината (2)

09.04.2015 11:22
Пет тешкотии во пишувањето на вистината (2)

Лукавство вистината да се прошири меѓу многумина

Горди што имаат храброст за вистината, среќни што ја пронашле, изморени, можеби, од вложениот труд во доведувањето на вистината во делотворна форма, нестрпливо исчекувајќи го пристапот до оние чии интереси ги бранат – многумина ја потценуваат неопходноста од примена на посебно лукавство за да се прошири вистината. Со тоа често го доведуваат во прашање учинокот на целиот свој труд. За ширење на вистината, кога и да била потиснувана или прикривана, било применувано лукавство. Конфучие така фалсификувал еден стар патриотско историски календар. Ако пишувало – „Владејачот Куна нареди филозофот Ван да се погуби заради тоа што го кажал тоа и тоа“ – Конфучие наместо „погуби“ ставил „убие“. Ако пишувало дека Тиранинот така и така го завршил животот со атентат, Конфучие напишал „погубен“. Со тоа му отворил пат на едно ново толкување на историјата.

Оној што во наше време наместо „народ“ вели „население“, а наместо „земја“ вели „земјишен посед“, со тоа избегнува многу лаги. Зборот „народ“ искажува извесна униформност, упатува на заеднички интереси и би требало, значи, да се употребува само кога се зборува за други народи, затоа што единствено тогаш може да се замисли заедништвото во интересите. Напротив, населението на едно подрачје има различни, често и спротивставени интереси и тоа е вистината што се потиснува. Така и оној кој вели „земја“ и зборувајќи за мирисот и бојата на земјата со мирисот и очите доловува ниви, со тоа ги помага лагите на сопственикот; бидејќи, тука не се работи ниту за плодноста на земјата, ниту за човечката љубов кон неа, ниту за грижливоста – туку она што е главно се цената на зрното и цената на трудот.

Оние кои извлекуваат корист од земјата не се оние кои жнеат, мирисот на ораницата не ѝ е познат на берзата. Берзите мирисаат поинаку. Наспроти тоа „земјишниот посед“ е правилен израз, со него се намалува можноста за измама. Наместо зборот „Дисциплина“ би требало, онаму каде владее репресија, да се користи зборот „послушност“, затоа што дисциплината е можна и без владејачите и заради тоа има поблагороден призвук отколку послушноста. А, од зборот „чест“ подобар е зборот „човечко право“.

На тој начин поединецот не исчезнува толку лесно од видокругот. Се знае каков џган си дава себеси право да ја брани честа на еден народ! И како само расипнички, ситите им оддаваат чест на оние што ги бранат, самите гладувајќи. Лукавството на Конфучие е применливо и денес. Конфучие ги заменил неоправданите толкувања на националните процеси со оние оправданите. Во Утопија, Томас Мор ја опиша земјата во која владејат праведни услови – тоа била земја многу различна од онаа во која живеел, но многу ѝ наликувала, ако се изземат овие праведни услови.

Живеејќи под закана на царската полиција, Ленин сакал да ги опише репресијата и експлоатацијата кои на островот Сахалин ги вршела руската бружоазија. Наместо „Русија“ пишувал „Јапонија“; а, наместо „Сахалин“ пишувал „Кореја“. Методите на јапонската буржоазија во сè ги потсетувале читателите на оние на Сахалин, но описот бил забранет затоа што Јапонија била непријател на Русија. Многу од она што во Германија не може да се каже за самата Германија, смее да се каже користејќи се со Австрија. Постојат мноштво лукавства со кои може да се измами сомничавата држава. Волтер се пресметал со црковната вера во чуда со тоа што напишал една допадлива песна за младата Јованка Орлеанка. Ги опишал чудата кои без сомнеж морало да се случат за Јованка да остане млада и во војската и на имотот и меѓу монасите.

Со елеганција на стилот и опишување на еротски авантури карактеристични за раскошниот живот на владетелите, Волтер ги намамил да ја напуштат религијата која им давала поддршка за таков живот. Да, на тој начин создал можност неговите трудови на заобиколен начин да дејствуваат на оние на кои им биле наменети. Моќниците меѓу неговите читатели го застапувале и биле благонаклонети кон нивното ширење. Со тоа ѝ го завртеле грбот на полицијата која му служела на нивното задоволство. И големиот Лукрециј изразено нагласил дека за ширење на епикурејскиот атеизам многу ѝ должи на убавината на своите стихови.

Книжевното ниво може да му служи како заштита на еден исказ. Иако често може да побуди и сомнеж. Тогаш може да се случи писателот намерно да го „расшрафи“ нивото. Така, на пример, во презрената форма на крими романите се случува на невпечатливи места да се прокриумчарат описи на мачни состојби. Ваквите описи се сосема оправдани во еден крими роман. Големиот Шекспир, обликувајќи го говорот на мајката на Кориолан со кој се соочува со синот, кој ја напушта родната земја, намерно го спуштил книжевното ниво до неуверливост, затоа што Кориолан не требало да се откаже од својот план заради силата на вистинските причини или некакво длабоко внатрешно движење – туку заради инертноста да се препушти на една стара навика.

Кај Шекспир наоѓаме уште еден образец како лукаво да се прошири вистината – во говорот на Антонио над телото на Цезар. Антонио постојано нагласува дека Брут, убиецот на Цезар, е човек вреден за почит, но истовремено и го опишува неговото дело и тоа така што описот на ова дело е повпечатлив од описот на неговиот сторител; со тоа говорникот дозволува да биде поразен со факти, тој самиот им доделува поголема уверливост. Џонатан Свифт во една брошура предложи дека заради благосостојбата во една земја сиромашните деца треба да се посолат и да се продаваат како месо. Покажал точни пресметки кои докажуваат дека може многу да се заштеди ако не се стеснува пред ништо. Свифт се правел луд. Со многу жар и сериозност бранел еден одреден, за него омразен начин на размислување, и тоа по она прашање каде пред сите се осветлува сета негова нискост. Секој би можел да биде поумен или, во најмала рака, похуман од Свифт, а особено оној кој дотогаш не ги преиспитувал своите гледишта.

Пропагандата за начинот на размислување, а тоа е област каде секогаш се успева, се совпаѓа со интересот на потчинетите. Таквата пропаганда е важна. Во владите кои ѝ служат на експлоатацијата таквата пропаганда се смета за ниска. За ниско се смета она што им е корисно на подредените. За ниска се смета постојаната грижа за ситоста, сознанието за поткопување на угледот на бранителите на државата со тоа што се принудени да гладуваат, сомнежот во лидерот кој води кон несреќа, отпорот кон работата кој не ги храни работниците, спротивставувањето на принудата на бесмислен став, поставување на рамноправноста наспроти семејството чии интереси веќе не се корисни за ништо. Гладните ги навредуваат дека се ненаситни, дека се кукавици и немаат што да изгубат, дека се оние кои се сомневаат во своите угнетувачи кои ги навредуваат дека се сомневаат во сопствената сила, оние кои бараат надомест за својата работа ги навредуваат дека се мрзеливи... Под таква власт мислењето воопшто се смета за ниско и станува озлогласено.

Мислењето веќе никаде не се учи и таму каде што ќе истапи се прогонува. Сепак, постојат области во кои неказнето може да се посочи на успесите на тестирањето; тоа се оние области во кои мислењето им е потребно на диктатурите. Така, на пример, може да се посочи на успесите од тестирањето во областите на воената наука и техника. И одмотувањето клопчиња на организациите и изумителите на резервни материјали бара мислење. Расипувањето на животните намирници, обучувањето на младите за војна, сето тоа бара мислење и: тоа може да се опише. Пофалбата на војната, бесмислената цел на ова тестирање – може, пак, лукаво да се избегне. Таквото мислење кое поаѓа од прашањето како најдобро се води војна, може да се доведе до прашање дали оваа војна има смисла и, најпосле, да се примени на прашањето како најдобро да се избегне една бесмислена војна. Се разбира, ова прашање тешко може отворено да се постави. Значи, дали може мислењето кое дотогаш било пропагирано сурово и одлучно да се обликува? Може.

За репресијата, која ѝ служи на експлоатацијата на еден (поголем) дел од населението од страна на друг (помал), да биде можна во време какво што е нашето, неопходно ѝ е населението да задржи сосема одреден став, и тоа таков кој мора да се протега на сите области. Едно откритие во областа на зоологијата, како што било Дарвиновото, било во состојба одеднаш да ја загрози експлоатацијата; па, сепак, одредено време за него се грижела само црквата, полицијата не забележувала ништо. Во последните години, истражувањата на физичарите доведоа до промени во областа на логиката која, меѓу другото, би можела да стане опасна за низа постулати на кои се темели репресијата.

Прускиот државен филозоф Хегел, ангажиран во макотрпни истражувања во областа на логиката, на Маркс и Ленин, класиците на пролетерската револуција, им оставил методи од непроценлива вредност. Различни науки се развиваат под меѓусебни влијанија, но сепак, нерамномерно, така што државата не е во состојба сè да држи на око. Првоборците на вистината можат за себеси да си ги изберат борбените полиња на кои во дотогашните прилики не се посветувало внимание. Сè се сведува на подучување на правилен начин на размислување кој ги преиспитува сите појави и процеси од нивната минлива и променлива страна.

Владејачите имаат силна одбивност кон големите промени. Тие би сакале сè да остане како што е, по можност и илјада години. Би било најдобро да се замрзне месечината и да се запре сонцето! Тогаш никој не би бил гладен, никој не би барал вечера. Ако тие пукале, како тогаш непријателот се осудува да возврати, па нивниот истрел, побогу, треба да е последен. Аголот на набљудување кој посебно го истакнува она што е минливо претставува добро средство да се охрабрат угнетените... пред да се појави и да почне да расте противречноста во секое нешто и состојба, на победниците треба да им се спротивстави со нешто.

Еден таков агол на набљудување (како што е дијалектиката или учењето во животната река) може да се применува на оние предмети кои одредено време се извлекуваат од вниманието на владетелите. Може да се примени во биологијата или хемијата. Но може да се опише и при опишувањето на судбината на едно семејство, а притоа да не се привлече премногу внимание. Зависноста на едно нешто од многу други, а кои и самите постојано се менуваат, таквото мислење е опасно за диктатурата и може да настапи во разни видови не пружајќи ѝ ништо опипливо на полицијата.

Потполниот опис на сите околности и процеси со кои се среќава некој што сака да отвори чајџилница, може да ѝ зададе тежок удар на диктатурата. Владите кои доведуваат маса луѓе до беда мораат да избегнат во бедата да се размислува за нив. Затоа многу зборуваат за судбината. Затоа што судбината, а не тие, е виновна за немаштијата. Оној што бара причина за немаштијата, ќе биде затворен и пред да ја спомене владата. Но, можно е воопштено да се спротивстави на говорот за судбината; може да се покаже дека за човечката судбина е одговорен човекот. Ова, повторно, може да се оствари на повеќе начини.

На пример, може да се раскаже приказна за еден селски имот, да речеме за селски имот на Исланд. Целото село зборува за тоа дека врз овој имот е фрлена клетва. Една селанка скокнала во бунар, еден селанец се обесил. Еден ден се случила венчавка, младиот наследник на имотот се жени со девојка која како мираз донесува неколку ниви. И клетвата е прекината. Селото, пак, не е единственото во толкувањето на овој среќен пресврт. Едни го припишуваат на ведрата природа на младиот селанец, други на нивите кои ги донела младата селанка и со тоа го направила имотот поспособен за живот. Но, дури и во песната која опишува некаков пејзаж може да се постигне нешто; имено, кога на природата ѝ се придодаваат нешта кои ги создале луѓе. Лукавството е неопходно за да се прошири вистината.

Заклучок

Големата вистина на нашата ера (чие познавање е мошне магловито, а без чие осознавање ниедна друга значајна вистина не може да биде пронајдена) е дека нашиот дел од планетата тоне во варварство бидејќи односите на сопственоста се насилно воспоставени над средствата за производство. Каква е користа од пишување нешто храбро, нешто од што произлегува дека состојбата во која тонеме е нешто варварско (што е вистина) – ако не е јасно зошто дојдовме во таква состојба? Мораме да кажеме дека до злоставување доаѓа бидејќи сопственичките односи остануваат исти. Се разбира, кога го велиме тоа ќе изгубиме многу пријатели кои, додуша, се против злоставувањето, но кои веруваат дека можат да се одржат сопственичките односи и без злоставување (што е невистина).

Ние мораме да ја кажеме вистината за варварската состојба во нашата земја, дека мораме да го направиме она што ќе го доведе варварството до исчезнување, она што ќе ги промени сопственичките односи.

Понатаму, ние мораме тоа да им го кажеме на оние кои најмногу страдаат заради сопственичките односи и кои во нивната промена имаат најмногу интереси, работниците, како и сите оние кои можеме да ги придобиеме за сојузници зашто немаат сопственост над средствата за производство, дури и кога имаат удел во профитот.

И, како петто, мораме да постапуваме лукаво. И сите овие пет тешкотии мораме да ги совладаме истовремено, зашто не можеме да ја кажеме вистината за состојбата на варварството а да не мислиме на оние кои страдаат заради него, и додека постојано од себе го тресеме секој напад на малодушност и постојано затворајќи ги очите пред вистинските односи, ги бараме оние кои се подготвени да го искористат знаењето – мораме да мислиме и на тоа да им ја подариме вистината таква што ќе биде оружје во нивните раце и сето тоа да биде толку лукаво што непријателот нема да може да го забележи и спречи тоа примопредавање.

Толку е потребно кога од писателот се бара да ја пишува вистината.

Белешка

Овој антифашистички програмски напис Брехт го напишал во француски егзил, а со цел растурање на Хитлерова Германија. Првпат е објавен 1935 година, во германското емигрантско списание Unsere Zeit (Paris, Heft 2-3, April).

Биографска белешка

Бертолт Брехт е роден 1898 година во Аугсбург. Уште од првите антивоени песни објавени 1916 година се труди да ја „проучува реалноста“, да создава „дела со употребна вредност“ што имаат „сила на документи“. Продлабочување на општествената критика, поточно критика на капиталистичките односи, ќе следи откако ќе го проучи „Капиталот“ на Маркс. Со создавањето на „епскиот театар“ Брехт преку ноќ стекнува слава. Од тој младешки период најпозната драма му е „Операта за три гроша“ прв пат изведена 1928 година во Берлин.

Во 1930 година почнува неговото отворено спротивставување на националсоцијалистите. Во 1933 година мора да ја напушти Германија и тоа го прави еден ден по палењето на Рајхстагот. Во април 1933 година ќе се најде на познатата нацистичка „црна листа“, а во мај неговите книги ќе бидат јавно запалени. Брехт станува забранет писател во Германија, а во 1935 година му е одземено германското државјанство. Емигрантската одисеја го води во Чешка, Австрија, Швајцарија, Данска, Шведска, Финска. Во периодот помеѓу 1941-1947 живее и работи во Холивуд, во САД. Но и во егзил Брехт постојано пишува.

Во уметноста го интересира реалноста која е економски и политички одредена. Неговата уметност е практична, ангажирана. Неговите политички убедувања го одредиле и неговиот творечки развој. Своето спротивставување на нацизмот го платил со долгогодишен егзил, а лојалноста на социјалистичката идеологија го довела во ситуација во Источна Германија по Втората светска војна да биде инструментализиран во државен писател. Но, токму тврдата политичка реалност ја претворила социјалистичката утопија во држава на функционери и бирократија, од што Брехт уметнички сè повеќе се дистанцирал. Умрел ненадејно од инфаркт, 1953 година во Берлин.

Повторното читање и рехабилитацијата на Брехт во Западна Германија се случува дури во шеесеттите и седумдесеттите години, откако претходно бил презрен како комунистички писател.

Денес се смета за еден од најважните писатели во 20 век.

Крај

Кон првиот дел.

Скулптури на сликите: Tobbe Malm

Извор: Unsere Zeit (Paris, Heft 2-3, април 1935)

Слични содржини

Стрип / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Став / Теорија / Историја
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото