Разорена држава – кога, каква разврска?

10.04.2015 09:38
Разорена држава – кога, каква разврска?

„Далеку е сонцето“
- Истоимен роман на Добрица Ќосиќ

Македонија денес? Една како-така функционална држава разорена е однатре. Таа додуша одамна почна да слабее – јасен симптом беше масовниот грабеж на социјалистичкото наследство во раните 90-ти години. Но „честа„ да ја дотолчат ја зедоа оние кои најмногу се колнеа во неа, собрани во ВМРО ДПМНЕ, водени од Никола Груевски, човек со веројатно најмрачни замисли во историјата на македонскиот народ. Стореното е еклатантен пример на велепредавство!

Матрицата за разорување на Македонија беше слична на онаа користена по доаѓањето на Слободан Милошевиќ на власт. Со илјадници приврзаници, предимно партиски војници, со полна медиумска поддршка, тој за кусо време ја промени „крвта“ на државните и општествените институции на Србија. Не случајно, големиот адвокат Срѓа Поповиќ, за Милошевиќ кажа дека бил најголем дерегулатор (јас би допишал: и ненадминлив манипулатор). Груевски пак, вистина, имал бесплатен „копирајт“, но не бил мрзлив – се погрижил во нешто да го надмине Слободана, и тоа со намерно производство на контрадикторни закони – за да биде шашмата поголема.

Дека државата е разорена, покажаа „бомбите“ на СДСМ. За жал, требаше храброст да се појави вистински патриот(и), херој(и), домашна верзија на Едвард Сноуден, за да се дознае колку е власта и нејзината интересна фаланга потоната во тешки злоупотреби и криминал. И така со години. Но, Јавното обвинителство сето време „не видело“ основа за делување! А сепак, незамисливо е да не добило никакви пријави од надлежните служби.

Според најважните показатели, Македонија денес е неуспешна држава. Во неа најефикасно функционира репресивниот апарат, форматиран за потребите на власта, но и за однародениот и аздисан слој луѓе во интересна спрега со неа - од политичката, економската и општествената сфера. Апаратот не делува според законите, ами, најчесто, според волјата на еден човек.

Поради незаштитеноста на државата однатре, со оглед на неговата реална моќ, Никола Груевски можел да стори што сакал. Сосема ми е замисливо – само да му текнало – на некој како Субрата да му го „продаде“ Охридското езеро, на 50, 100 години, да грабне пари, итн. Ви се молам, читателу, дали гледате некој заштитен механизам, некое државно тело, кое би го спречило ваквиот хипотетски грабеж?

Вистина е дека одамна песимистички гледав на иднината на Македонија, па пред десетина години дури ја нареков „безнадежија“. Уште пред 5-6 години ја „видов„ несреќата дека со неа управуваат политички џуџиња, кои со своето чинење и нечинење, практично ја разоруваа државата. Во таа смисла зборуваа и примерите на нејзино загрижувачко „функционирање“ спрема етничка припадност, каков беше случајот со безредијата под Кале.

Одамна зборувам и пишувам: партијата ВМРО ДПМНЕ со години ја сметам за штеточинска, која може да ѝ биде гробар на Македонија. И дека нејзините божемни патриоти се всушност нејзини непријатели. Трагично е што ваквото уништувачко водење на државата не наидуваше на значителен отпор ниту кај просветените, т.е. интелектуалната заедница – ако државата веќе „нема“ свој председател. За народот и да не зборуваме, тој е препуштен на своја памет да си толкува ептен заплеткани случувања, а нема кој да му помогне - покрај толкави организации „за унапредување на ова и она“.

Може да се заклучи дека целта на вака непречено деструирање на државата била таа да биде по мерка на нејзината „елита“. И тоа каква: добро „ватирана“ со народни пари засолнати по опскурни банки во светот, кои одбиваат да го откријат идентитетот на сопствениците - доколку не се притиснати од сила ала САД. Тоа злосторништво е суредено со капитулантско соучество на десетини и стотини луѓе во законодавната и другите власти и институции во земјава. Но, ќе видимe, и со странски придонес.

Извесно е дека како резултат се искристализираа две „Македонии“. Една, малубројна, со привилегирани граѓани по неброени основи (со семејствата), а друга, многу побројна, со дискриминирани и ограбени граѓани по многу основи (со семејствата). Mнозинството од другите, жално, безмерно и „безгласно“ трпи, како да не ги чувствува неправдата и бедниот живот. До кога? Доколку состојбите битно не се подобрат, се плашам дека во не така далечно време ќе се судрат двеве „Македонии“.

Од првиот ден од објавување на снимките им се чудам на самоуверените најави дека со првите „бомби“ на Заев ќе паднеле и првите оставки. Тоа, имено, би значело дека со државата управувале одговорни и морални луѓе. А дека било токму спротивно, мора да им било јасно на граѓаните од сопственото искуство, тоа не можела да го сокрие никаква медиумска блокада.

Но, веќе првите снимки покажаа какви морално ништожни луѓе биле во самиот врв на власта, сосе првиот меѓу ним. Така, слушаме како министерката за полиција и колегата ѝ за финансии, возбудено разменуваат поплаки на сметка на „лудилото“ од финансиските барања и постапки на „шефот“, како што тие го нарекуваат премиерот Груевски. Тие очигледно биле свесни за беззаконието што го турка Никола Груевски, но тоа не им пречело и натаму да молчат, слепо да му служат, и со него да тонат во незабележан криминал спрема граѓаните, спрема земјата.

Како тогаш од ваквите и другите креатури во владата, згора примитивни и свирепи, кои се надвор од политиката и доделените им ролји, никој и ништо, може да се очекува оставка? Тие се сосема оперирани од срам. Погледајте како бедно се бранат, како нивниот „шеф“ пред своите приврзаници и јавноста испукува евтина демагогија, „треш“, само за да се забошоти клучното - дека Македонија ја вратија во минатото десетици години. Претерувам? Компетентни луѓе во Србија и Хрватска тврдат дека нивните земји во развојот, во времето на Милошевиќ и Туѓман, се вратени барем за 50, односно 30 години!

Во врска со фактот дека компромитираните немаат абер од повлекување, ниту пак гледаат причина за тоа, познат македонски интелектуалец ми кажа дека тие немале етика. Океј, но ќе се согласиме дека ни стаорците немаат етика, ама штом ќе насетат опасност бегаат било каде и да се, во визба, на брод. Затоа, да се запрашаме: какви се тоа бетони од луѓе, уште министри, што уште (!) не ја гледаат опасноста по себе, па да му се заблагодарат на „шефот“ и така барем да ја намалат сметката која безбели еднаш ќе ја платат?!

Ако се тие негови заложници, на некој начин е и тој нивни заложник. Оти „рисјански“ е да претпоставиме дека денешниот деспот на Македонија, утре можеби и европски парија, не би бил тоа да имал чесни и не нужно храбри луѓе, кои барем би се обиделе да го запрат во неговото повлекување на земјата во бездна. А поблиските, зошто не, да му препорачаат психијатар?

Наспроти ВМРО-вското подбивање со барањата за оставки, во колку-толку демократска Хрватска, исклучително ценетата министерка за култура, Андреа Златар Виолиќ, беше присилена на оставка поради божемни „трици“ - земала аконтации за фиктивни патувања!

Искрено, не верувам дека разврската на кризава ќе уследи брзо. „Филмот“ што следи ќе потрае. Оти тие, непријатели на земјава, со репресивен апарат во раце, сега се разјарени како ѕверови, бесни на сите кои воопшто се сомневаат во нивната „посветеност“ на народот, на Македонија. Но умот им работи да разбираат само притисок, кој е засега далеку од нивниот „капацитет“ на резистенција. Не верувам дека притисокот значително ќе се покачи доколку криминалот откриен со снимките не биде многу повеќе доближен и објаснет на граѓаните од сите етникуми. Та не пуштија глас ни полицајците, вистински навредени од својата министерка.

Како што е познато, телевизиите под целосна контрола на власта, со национална концесија - МРТ, Сител, Канал 5 и Алфа, како и нејзините портали - не објавија ни трошка од снимките на прислушуваните разговори. Но тоа на Груевски не му пречеше да тврди дека објавувањето на снимките од страна на СДСМ било божем доказ за постоење на демократија. Тоа е безобразно лицемерие, но од нивна позиција исправен резон. Ним не им е проблем да глумат демократи, оти знаат дека дострелот на медиумите кои ги пренесуваат снимките е скромен, дека снимките допираат до оние што следат ТВ 24 вести, Телма, Алсат, и солидните портали Плусинфо и Либертас. Нив инаку ги користат значаен број образовани граѓани, главно истомисленици, на кои нештата им се јасни и без посредување на спомнативе медиуми, а едвај забележливо работниците, селаните и пензионерите (добар број од последниве благодарни се гласачи на ВМРО поради бесплатниот автобуски превоз во Скопје, небаре е платен од касата на ВМРО, или од џебот на Груевски).

Од меѓународниот фактор не очекувам некој којзнае каков притисок. Тие со години практично го поддржуваа овој сатрапски режим, фалејќи го безмерно дека Македонија напредувала во реформите - во исто време кога таа сè побрзо паѓаше во сиромаштија, корупција, меѓуетнички сукоби, криминал. Во вести на ХТВ пред неколку дена, беше спомнато дека Македонија е неважна за Брисел. „Сè додека таму нема крвопролевање“ - зајадливо ми ја прокоментира веста одличниот хрватски колумнист, Маринко Чулиќ.

Во вака контоверзен политички амбиент, верувам дека годинава ќе се роди некој компромис, со кој нема да бидат задоволни ни оние на власта ни оние од опозицијата. Ќе има некоја, ако не преодна, тогаш концентрациска влада или неважно како ќе се вика, но која ќе организира слободни, ама не и сосема фер избори. Тоа ќе биде плод на „мирителската“ мисија на ЕУ и САД, во која ќе преживее дури еден Груевски (како награда за „кооперативноста“ со нив), но не и негови подлизурковци, кои по дефиниција се пуштаат низ вода.

Би рекол дека ова би бил првиот дел од разврската, кој би траел колку е потребно да се изберат разни органи на власта, да се воведат во работа и слично.

Другата фаза на разврската може да трае со децении. Така зборува искуството на Србија и Хрватска. Во тие земји на времето се „произведени“ тешки последици, а речиси иста „технологија“, на многу попримитивен начин, применета е и во Македонија. Тоа значи дека во структурата на власта и општеството, во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ и неговиот коалиционен партнер ДУИ, забрзано се распоредени кадри и кадри од доверба, најчесто партиски војници, не нужно компетентни за должноста на која се распоредени. Тие ѝ служеле пред сè на партијата, малку на државата. Со вакво „кадрирање“ всушност се оневозможени најважните тела за функционирање на државата - од Уставниот суд надолу.

Излекувањето на овој канцер неминовно ќе погоди голем број луѓе, со семејствата. По природата на човекот, тие ќе ги опструират сите мерки, без оглед на тоа колку се втемелени во законите.

Во интервју за Ал Џезира, лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека ако дојдат на власт „нема да ги отпуштаат луѓето во апаратот“. Тоа добро звучи, но – ако ги изземеме оние со криминални опашки - таму има премногу натрупано луѓе по разни основи, вклучувајки партиска волја, корупција, мито... Ослободувањето од тој вишок на вработени носи нови социјални проблеми, неретко се прават нови неправди со цел да се исправат претходните. Во Србија во апаратот има 850.000 луѓе, од кои се вишок дури 150.000 души – толку илјади семејства! Таму паднаа и некои способни министри (Рaдуловиќ, Крстиќ), но од овој „квадратен круг“ уште не е најден излез. Очигледно, и за српскиот и за македонскиот случај ќе треба многу време. До тогаш граѓаните ќе мора да се задоволат со живеење без страв, во слобода, како што оптимистички најави Зоран Заев.

Слики: Александар Ковачевски, од серијата „Човечиња“