Кога ќе пораснам сакам да бидам Теодора

14.04.2015 09:27
Кога ќе пораснам сакам да бидам Теодора

Теодора Митровска е талентирана матурантка, која веќе на 18 години преку својата уметност ги преиспитува мемориите и психолошките траги на детството, од еден зрел, солидно конципиран аспект.

Неколку нејзини дела кои се впуштаат во рекреирање на детските мемории и критика на стандардите кои ги поставува општеството, беа дел од групната годишна изложба по предметот визуелни уметности кој се изучува во склоп на програмата „Меѓународна матура“ во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

Насловот на нејзината изложба „Кога ќе пораснам сакам да бидам Теодора“, е всушност нејзина изјава од детството која одлично ги заокружува делата на кои е прикажан процесот на растење, преку личните доживувања на реалноста.


„Потребата да споделам со јавноста многу од своите тајни искуства, желби и мисли не е поттикната од егзибиционистички побуди ниту пак од желбата за поттикнување некаква сензација кај публиката. Токму напротив. Се работи за потреба да се заокружи периодот од 18 години преку едно своевидно ослободување од сите стравови, скриени мисли, чувства... Како еден вид „терапија“. Токму затоа секое од делата изобилува со детали и скриени приказни...“ - вели Теодора.

Големите мисли од малиот мозок

Делото „Големите мисли од малиот мозок“ е еден колаж од изјави и заклучоци од нејзиното најрано детство. Судирот помеѓу детството и зрелоста провејува не само во содржината на исказите („Жолтите бумбари јадат лимон, а црвените домат“ наспроти, „Прво е мислата па делото“) , туку и во деталите, како комбинирањето на детски ракопис со службено писмо или детски цртеж со истакнување на волуменот и сенките.

Поглед кон реалноста

„Поглед кон реалноста“ пак, го симболизира судирот со суровата реалност за време на престојот во градинката, како институција на примарна социјализација. Колачето е симбол на детството, свеќичката со 6 години е возраста поврзана со доживувањето на некоректен однос од страна на врсниците, а средниот прст - реалноста која го уништува розовиот поглед на светот.

Заштитен знак

„Заштитен знак“ е дело кое дава една поартикулирана општествена критика. За симболиката на женските гради исцртани со печати во боја, Теодора дава доста интересно објаснување:


„Заштитниот знак е симбол на судирот помеѓу детството и зрелоста. Во случајов она што би претставувал заштитен знак за едно дете, би биле токму детските печати, кои сме ги користеле за обележување на територија, или означување на сопственост. Она пак што, ЗА ЖАЛ е заштитен знак за веќе пораснатите деца т.е. девојчиња, е токму телото, односно градите. Спојувајки ги печатите и градите во една бизарна комбинација од наивност и вулгарност, сакав јасно да го истакнам преминот на човечките битија од кревки и наивни до суштества со ниски вредности и страсти.“

Не сум тука за вашите очекувања

Преку поп-арт приказот на иста девојка прикажана во повеќе варијанти на себеси, насловен како „Не сум тука за вашите очекувања“, доловен е еден личен увид во растргнатоста на индивидуата помеѓу различните очекувања за нејзиниот развој.

„Како дел од општеството, постојано се среќавам со ваквиот притисок, да се биде дел од некаква норма, нечие субјективно видување за она „како треба“ или „како е најдобро“. Врсниците очекуваат да изгледам како 25-годишна проститутка, мажите очекуваат да бидам покорна домаќинка, власта - да не гледам и не слушам, училиштето сака да бидам робот кој послушно ќе ги повторува дефинициите од учебниците... и така натаму. Впрочем, јас сум нешто друго, јас сум Теодора, опкружена од сите овие барања и обиди да бидам претопена во нечие туѓо очекување.“ - појаснува Теодора за делото.


Иако релативно млада, Теодора Митровска до сега учествувала на повеќе групни изложби преку ликовното студио Ars vivendi, во кое членувала од второ одделение до прва година средно. Вели дека отсекогаш ја сакала уметноста, а помеѓу првите работи на кои се сеќава од најраното детство е дека цртала со дрвени боички по ѕидовите на домот. Како најдрага изложба до сега ја издвојува онаа во „Точка“, на која што учествувала заедно со веќе изградени млади уметници кога имала само 9 години. Од ликовната уметност сепак повеќе го сака модниот дизајн и тоа е она што ќе го одбере за своите студии и понатамошна кариера.

ОкоБоли главаВицФото