Рецепт за соборување на нелегалната власт на ДПМНЕ

14.04.2015 12:28
Рецепт за соборување на нелегалната власт на ДПМНЕ

Иако политичкиот скандал со демаскирањето на тоталитарната клептократија на Груевски и неговата фамилијарна партија-држава Бивша Република Македоња, веќе прерасна во политички скандал без преседан, злосторниците, иако фатени инфлагранти пред очите (и ушите!) на целиот глобус, како ги фалсификуваат изборите, ја укинуваат демократијата, го суспендираат уставниот поредок и пљачкосуваат милијарди евра народни пари; значи, иако фатени со „гол газ и спуштени гаќи“, живи, како што реков, in flagranti, тие се однесуваат како ништо да не се случило, како целата вулгарна вистина за криминалната држава што ја создадоа да е само непријатен шум, некаква надворешна бучава што треба само со трпение и недоветно однесување да се прегрми, како летна луња.

Оваа неподносливо примитивна и инфантилна реакција, меѓутоа, како да е основниот образец на однесување на сите злосторници што се во ситуација да бидат фатени на дело, и тоа не само на припадниците на човечкиот вид, туку и на многу видови примати, па и некои социјални видови животни што се уште „подолу“ во еволуцијата на развојот на свеста. Да се прават како ништо да не се случило, да се „примират“, да продолжат да живеат како нивниот злостор никој да не го регистрирал и како да е можно да нема никакви последици од грозотиите што ги направиле, тоа е биолошки детерминирана рефлексна реакција, а не обмислен образец на однесување на примитивните умови, животински или човечки. Меѓутоа, разликата помеѓу животинските рефлексни реакции и обрасците на човековото однесување, не е во прималната реакција на злосторникот – зашто животните и злочинците имаат сосем слични мотиви и мисла, туку во реакцијата на нивното социјално опкружување. Поради тоа, иако суштината на политичката криза е институционална, и се огледа во злосторничката окупација и злоупотреба на институциите на државата, најсериозниот симптом на страшната болест на македонското општество е токму недостигот на соодветната реакција на социјалното опкружување во кое се вршат злосторствата, како и отсуството на очекуваниот масовен револт на двата милиони луѓе.

Сè уште преовладува менталната инерција на псевдограѓанскиот конформизам во кој се зазема позиција во гледалиштето, неутрална и „објективна“, ѓоа конструктивна позиција на немешање во „работата“ на политичарите, зашто решавањето на политичката криза било „нивна работа“. Сè уште од многу усти слушам загрижено ламентирање како „да бевме некоја демократија, по објавувањето на содржините од прислушуваните телефонски разговори на злосторничката врхушка, Владата ќе си поднесеше оставка, а парламентот ќе се распуштеше...“. Па, да бевме демократија, немаше ниту да има масовно прислушување, а авторитарниот режим на Груевски немаше воопшто да постои. А, бидејќи неговата патријархална фашизоидна партија-држава постои, јасно е дека повикувањето на непостоечката демократија (освен како верски ритуал или погребно тажење) нема ама баш никаква рационална смисла. Во оваа жалопојка е вградена верничката пасивност во која не се очекува со земските неправди самите да се справуваме, туку чекаме спасението да ни го обезбеди Тој, Спасителот, што со Чудо, со божествен допир ќе нè излечи од вроденото слепило и ќе нè избави од мачеништвото кое ни е зададено со небескиот поредок: на Бога божјото, на Цара царевото...

Оваа неутрална ѓоа граѓанска позиција во која се повикуваат истите институции што го извршиле злосторот да најдат правна и политичка разрешница на злосторството, при што жртвите и злосторниците ќе седнеле на маса и „ќе обезбедат атмосфера за политички дијалог, поради изнаоѓање компромисно решение“, претставува одвратна биготерија и лицемерие што има за цел само да го затскрие чинот на граѓанското самопоништување и вечната капитулација. Овој став, покрај својата чемерна и тажна страна, ја еманира и својата комика, искажана во вековната желба на нашите гладни, поробени предци: „Да имавме брашно, како што немаме масло, ех, каков златен бакрдан ќе направевме“!

Но, ако се извлечеме од успивните прегратки на нашиот конформизам и ако ја погледнеме нашата политичка криза од страна, или од божествената птичја перспектива (доколку успееме да ги рашириме нашите кокошји крилја!?), што ќе видиме? Ќе видиме дека власта што лажирала избори не смее да има и нема право ниту една секунда да биде на власт. И дека секоја секунда што Груевски и неговата ДПМНЕ го поминуваат во владата, парламентот и во другите згради од македонската уставна демократија, се ништо повеќе отколку уште еден нов злостор. Дека тие немаат право ниту да зачекорат во државните и народните институции, а камо ли да донесуваат закони, прописи, одлуки и решенија, зашто сите овие акти се криминални, бидејќи се производ на криминална дружина што на измама ја освои власта, а сега со разбојништво се одржува на неа.

Но, мора да сфатиме дека злосторот на лажирањето и укинувањето на демократијата што го извршија Груевски и ДПМНЕ го прави нелегално само нивното учество во власта, а не и на другите политички партии што ги почитуваа уставните правила на политичкиот натпревар. Конечно, во сите натпревари откога постои светот, само оние што ќе бидат фатени во измама се казнуваат и се дисквалификуваат, а не и другите чесни натпреварувачи. И тогаш, со фатените измамници не се преговара, туку освоените медали им се одземаат ретроактивно и тие времено или трајно се суспендираат од понатамошно учество во натпреварувањата. Така што, решението на гордиевиот јазол на македонската политичка криза мора да биде принципиелно јасно и сосем едноставно: злосторите на Груевски и ДПМНЕ треба да му се објават на светот, по што следува нивна јавна и плебисцитарна делегитимација, што значи одземање на правото да ја вршат власта и да учествуваат во создавањето на условите за повторното воспоставување на уставна демократија во земјава.

Оваа едноставна операција во современите општества се изведува ненасилно само на еден начин: со излегување на граѓаните на улиците на престолнината и со ослободување на окупираните институции на трите уставни власти. Ако некој мисли дека тоа е насилно преземање на власта, гадно се лаже, зашто вистинското насилство е криминалното преземање и вршењето на власта од страна на Груевски и неговата мафијашка партија. Не постои друг начин да се дофатиме повторно до одземената демократија и слобода: делегитимацијата на власта што е во тек, треба да биде детонатор за создавање широк фронт за борба против тоталитарниот режим. Овој сенароден фронт треба да биде натпартиски, надетнички, антифашистички и демократски, сеобединувачки македонски фронт за борба против внатрешниот окупатор, што ќе ги изведе своите колони во марш на престолнината, во зрелиот цут на оваа пролет, и ќе ги опколи зградите во кои се утврдил окупаторот и ќе го избрка од нив за навек. Тоа е единствениот рецепт за соборување на нелегалната власт на Груевски. Бон апети.

Слики: The Royal Art Lodge
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото