Иранската бомба

15.04.2015 09:37
Иранската бомба

Бенјамин Биби Нетанјаху е во право: во поглед на спречувањето на Иран да направи атомска бомба, договорот од Лозана е „многу, многу лош“. Израелскиот премиер јасно го кажа тоа, но светот повеќе не го слуша, зашто тој и себе и Израел ги изолирше од сите. Така што, иако германските политичари избегнуваат да го кажат тоа: ни стигнува иранската бомба. Дали е тоа катастрофа? Можеме да гледаме на работите и од друг агол. Славниот американски политиколог Кенет Валц би го поздравил договорот од Лозана како чекор кон воспоставување на нормалноста, како почеток на крајот на една аномалија: Израел наскоро ќе престане да биде единствената нуклеарна сила на Блискиот Исток.

Никогаш ниедна нуклеарна сила не го задржала толку долго својот монопол. Таа состојба стана неодржлива. Ако сакаме да го спречиме Иран да направи атомска бомба, мораме прво да му ја одземеме на Израел. Во спротивно, „силата создава своја противтежа“.

За тоа нерадо се зборува, особено во Германија, која на Израел му подарува нуклеарни подморници и сноси одговорност за безбедносно-политичката дилема на Блискиот Исток. Многу нешта ѝ одат во прилог на тезата која Валц ја постави во својот славен есеј од 2012: „Мирот во регионот не го загрозува намерата на Иран да направи атомска бомба, туку тоа што само Израел ја има“. Израелските авиони во 1981 година бомбардираа цели во Ирак, а во 2007 во Сирија. Нападот на Иран ја надминува моќта на Израел, но не е невозможен.

Логиката на техеранските деспоти е едноставна: каде што владее недоверба, бомбата создава сигурност. Дали сега сите треба да се вооружат со нуклеарни бомби? Саудиска Арабија, вистинскиот непријател на Иран? Прашањето е сосема оправдано, но договорот од Лозана не го поставува. Иран ги поседува сите капацитети за правење на бомбата. Никакви санкции не можат да го спречат во тоа. Зошто тогаш одложување на неизбежниот момент кога Иран навистина ќе ја направи? Ширењето на нуклеарното оружје повеќе не може да се спречи, но може до некаде да се контролира. Хенри Кисинџер отворено го кажа тоа во јануари годинава.

Ако во текот на судирот на Западот и Истокот верувавте во логиката на одвраќањето, можете да бидете спокојни. Иран не е никаква карикатура од земја. Британски економист пишува дека светот има застарена и искривена претстава за Иран. Не постои ниедна причина зошто власта во Иран би ја сметале за понеразумна од онаа во Вашингтон и Ерусалим.

Доволен е само поглед на Бенјамин Нетанјаху и неговите пријатели од американската републиканска партија. Тој е катастрофално лош премиер кој ја одведе својата земја во длабока меѓународна изолација. Пред последните избори во Израел изрично го отфрли решението на двете држави за палестинско-израелскиот судир, за веднаш по изборите отворено да изјави дека не го мислел тоа сериозно.

Неговата политика е неискрена. Ако тврди дека не се плаши од иранската закана, зошто во американскиот конгрес настапи против Барак Обама, од кого во голема мера зависи исходот од преговорите со Иран? Зошто на своите тајни служби им наложи да собираат податоци за американските преговори со Иран и ги снабдуваше противницие на Обама со политичка муниција? Зошто со агресивната политика на населување во палестинските области се замерува со Европејците?

Тој стравува дека иранската атомска бомба ќе го чини власт. Но влогот е преголем. Светот треба да престане да обрнува внимание на тој човек.

Извор: Spiegel, 09.04.2015.

ОкоБоли главаВицФото