Пеколот навистина е празен, сите ѓаволи се тука, во Македонија!

15.04.2015 12:10
Пеколот навистина е празен, сите ѓаволи се тука, во Македонија!

Сега дури стигнав да ја ислушам најновата снимка. И тонам, и тонам, и се ежам, и солзи ми доаѓаат на очи. Сум учествувала во речиси сите изборни кампањи, во речиси сите (централни) изборни штабови на СДСМ, од млада студентка до зрели години. И кога сме победувале, и кога сме губеле. Од она што е мое лично искуство, вакви монструозни работи ниту сум видела, ниту сум слушнала да се прават како муабет, ниту се правеле. Не верувам дека така било и во ВМРО-ДПМНЕ пред Груевски да го киднапира со својата социопатска банда која очигледно нема ама никава, ама баш никаква морална, политичка и правна граница поставено пред себе за правење изборни гнасотии што не се изолирани и локализирани, туку масовни и претворени во систем.

Па само слушнете им ги гласовите, тонот, рутината, смеењето со кое сето тоа го прават. Нема сепнување, нема преиспитување, нема себесомневање, нема непријатност…

А сето ова не се случува во годините кога учевме да бидеме демократи, па што е тоа плурализам, демократски избори, па билдање таква самодисциплина, култура… Не!

Сето ова не е во години на тешки премрежија на стекнување и признавање на независна државност, блокади, војни, санкции, транзиции.

Не! Сето ова се случува во години по стекнување кандидатски статус во ЕУ, во години кога мислевме дека сите најтешки премрежија и предизвици за државата поминале, и дека конечно сме извежбани во демократски избори, дека сите сме научиле и да победуваме и да губиме на избори, дека ќе има рутинско примопредавање на власта, во години кога политиката, власта и граѓаните ќе се занимаваат со вообичаените проблеми како во секоја нормална држава.

Што ни се случи?

Што дозволивме да стане од нашата земја?!

Кој го создаде и храни ова чудовиште?

Ова ли е власта на народот, од народот и за народот?

Кој е тој што прави насилство и беззаконие, а кој е тој што не дава отпор на таквото насилство и беззаконие? Кој е тој што плаши и се заканува, а кој е тој што дозволува да биде плашен и под закана?

Кој е тој што купува и корумпира, а кој е тој што дозволува да биде купен и корумпиран?

Кој е тој што си игра изборни и политички игри на неуставен и нечесен начин, а кој е тој што се прави на улав дека сето тоа навистина е така?

Пеколот навистина е празен, сите ѓаволи се тука, во Македонија!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Abril Andrade Griffith