Вистината за Македонија е потешка од Вистината за Груевски!

15.04.2015 14:29
Вистината за Македонија е потешка од Вистината за Груевски!

Повторно ме вознемири круцијалната контрадикција која како став на Зоран Заев се заканува да го одбележи не само бомбашкиот серијал, туку и залетот на целиот историски момент и правецот што ќе го фати Македонија!

Јас тврдам дека моралниот и политичкиот императив „да не дозволиме да се повтори“ драмата што сега ни ја приредува режимот на Груевски во комбинација со левтерниот заклучок дека проблемите со таа драма „не се во вмро и во дуи туку во Никола Груевски и Сашо Мијалков и во групата околу нив“ - не можат да одат заедно во рамките на една кохерентна позиција!

Првиот став останува морален крик! Никој не се занимава со системите преку кои општеството и неговата политичка артикулација ќе утврдат насипи кои ќе спречат да ни се повтори оваа библиска поплава од глупости! А вториот став, за индивидуализацијата на вината, покажува, спротивно, дека сдсм, без намера, се разбира, како да почнал да ги гради основите кои по некое време ќе ни овозможат сè да се повтори во уште подраматична форма!

Заев сака да обезбеди максимална мобилизација на своја страна, на страната против Груевски и во таа смисла ја концентрира вината на персонално ниво со идеја да го ослободи општеството и неговите структури (партии, институции итн.) од одговорност. Тоа може да се разбере како тактички потег, ако е таков, но веднаш треба да се каже дека таа ориентација ќе ја судри земјата со несовладливи предизвици по смената на власта!

Проблематиката има повеќе аспекти, но за оваа прилика ќе се задржиме на двата најважни: комплетната структура на злото ќе се почувствува амнестирана и ќе се консолидира побргу отколку што ќе успее да се консолидира новата власт; и, второ, на новата власт ќе ѝ недостасува наративот за злото, за структурата на злото, за неговата културна и историска основа, не само како однос кон злото како такво туку и како ослободувач и мобилизатор на општествената енергија. Таквата ситуација на страната на негативните емоции ќе дојде до израз особено затоа што во редовите на опозицијата не може да се забележи нешто што макар личи на програмски или доктринарен акцелератор на позитивната енергија!

Нејсе!

Од снимките се гледа дека многу работи чипираните идиоти правеле зашто биле убедени дека ја остваруваат идејата за ВМРО во македонската стварност; фотељите, нивното задржување, не се неважни, се разбира, но само интересот за фотељите никогаш не би можел да предизвика ваква несреќа. Злосторничкото здружување не е направено околу фотељите! Тие ги бркаат комуњарите, тие го реорганизираат системот, тие назначуваат судии, лекари, возачи, местат избори,тие го свртуваат општеството до најситните детали и до најзафрлените места на свртениот џеб зашто е таква мисијата, тие го исполнуваат заветот за ВМРО како ексклузивна, монополна, тоталитарна, вечна, елитна, ариевска артикулација на македонските интереси при што сè друго - сосе државата ако се случи да не се поклопува со ВМРО - е втора класа во подобар случај, а најчесто непријателска класа што просто треба да се сотре! Тоа е контекстот во кој се краде; контекстот ја произведува пљачката, а не обратно, пљачката е во функција на контекстот итн.! Целата држава не е демонтирана зашто Груевски сакал да си ја зачува фотељата туку затоа што не се поклопувала со моделот на ВМРО! Не на Сашо.

На сево ова излегува Заев и вели дека нашиот проблем се двајца-тројца лудаци! Па чекај малку, бе! Тоа не се персонални прашања! Но, еве, ако земеме дека е така, тогаш ќе треба да се соочиме со уште покатастрофални оценки за политичката култура на македонскиот народ кој дозволил една „мала група педера“ да му ја растури државата без да му пружи и најмал отпор! Ако го штеди ВМРО, Заев ќе ги потроши сите попусти што би можел да му ги даде на народот! Македонија има потреба од политика на ризик спрема фамозниот народ, а не додворувања!

Македонската трагедија има повеќе извори, но од два извира главната вода: ВМРО и МПЦ! Првата организација му го лустрира здравиот политички разум на Македонецот и го качува на историската сцена како будала која цела Европа не може да ја спречи да работи против себе. Македонската православна црква го опремува со јајца, бадњаци, свеќи, икони,параклиси и други тралалајки кои му овозможуваат на православниот народ воопшто да не го почувствува недостигот на здрав политички разум! Во таа смисла МПЦ би морале да ја соочиме, да не речам сведеме на нејзината религиозна функција, односно општеството и државата и остатоците од нацијата да се ослободат од илузиите дека црквата има директни линкови со историските перспективи на Македонија, а ВМРО мора да се стави во програмите за радикалното расчистување на нацијата со самата себе, значи со ВМРО повеќе како идеја и културен формат од кој полесно би се формулирал и односот кон политичката организација!

Без овие аспекти Заев нема основа да тврди дека проектот што го води заслужува да се вика „Вистината за Македонија“! Во најдобар случај би можеле да кажеме дека се работи за „Вистината за Груевски“!

Завршувам со коментарот што вчера го испратив на еден статус на професорката Најчевска:

Велат дека народите се невини, а поединците се виновни. Јас мислам дека злото и несреќата понекогаш имаат културолошки димензии кои дозволуваат да се каже дека народите се виновни, а поединците во рамките на тие заедници се невини! Македонскиот народ спаѓа во народите кои пречесто и преинтензивно произведуваат жалост, мака и очај, од себе, од својот културен формат, како мала фабрика за несреќи во кои страдаат совршено невини индивидуи. Ние сме самите за себе еден огромен хендикеп, една огромна несреќа до мерка која ја прави апсурдна самата идеја за Македонија во услови на демократија. Идеја во која и кога ја браниме и кога ја градиме, си ги ѕидаме плитките хоризонти кои полека се заокружуваат во ментални и физички гробници.

Истите оценки важат и за ВМРО и за МПЦ!

Слики: Свирачиња
Извор: Глобус