Ceterum censeo Carthaginem esse delendam

16.04.2015 08:17
Ceterum censeo Carthaginem esse delendam

(Впрочем, мислам дека Картагена треба да биде разурната)

- Латинска ораторска фраза, широко раширена во Римската Република во вториот век п.н.е. во доцните години на Пунските војни од страна на оние кои барале да се елиминира заканата од ривалската Картагена, која претходно била веќе двапати победена, но имала тенденција после секој пораз брзо да ја поврати силата и повторно да влезе во војна. Претставува политика на истребување на непријателите на Рим кои користат агресија и одбивање на договор за мир како средство за завршување на конфликтот

 

Повторувањето може да има повеќе ефекти.

Прво, на тој начин медиумите можат да проследат одредена ситуација во нејзиниот континуитет и да ги потсетуваат граѓаните на почетоците и на развојот, да ја градат сторијата.

Второ, на тој начин може да се истакне пасивноста на државните институции или органи и врз основа на таквата продолжителна пасивност да се повика на одговорност.

Трето, на тој начин се посочува проблемот и јавноста добива претстава за неговата големина, за времетраењето и за кумулирањето на негативните ефекти.

На пример, медиумите пропуштија многу добра шанса да ја искористат оваа алатка за прикажување на улогата на министерот за образование во настаните поврзани со „Средношколски пленум“, неговата улога во ескалацијата на незадоволството, во бојкотот и во прекршувањето на правата на децата.

Комплексноста на ситуацијата што соодветствува на комплексноста на проблемот и на повеќеслојното разурнување на образовниот процес и на сите комуникациски канали што им стојат на располагање на децата за остварување на нивното право на партиципација, секако бара продлабочена медиумска анализа и откривање на суштинската одговорност на надлежното министерство. Меѓутоа, токму повторувањето може да биде употребено како начин за отворање на процесот, при што се тргнува од резултатот на досегашните активности на министерството.

Голем дел медиуми ги покриваа активностите на „Средношколски пленум“ од почетокот на неговото формирање во јануари 2015 година, преку масовните протести во март и сè до бојкотот на наставата, кој се шири низ училиштата во земјава од почетокот на април.

ИГНОРИРАЊЕ ПО ПРИНЦИПОТ „ИДНАТА НЕДЕЛА“

Во дел медиуми беа пренесени сумираните барања на средношколците, меѓутоа барањето на средношколците за прием кај министерот за образование и неговото избегнување ваква средба, медиумите не го извлекоа како клучен и константен елемент на протестите.

Во најголем број медиуми беа пренесени изјавите на министерот за образование дека ќе се сретне со претставници на „Средношколски пленум“ „идната недела“, меѓутоа, и покрај тоа што од самите средношколци беше јасно посочено дека причина за бојкотот е актот на игнорирање на нивното постоење и на нивното барање за средба од министерот за образование, во исклучително мал број медиуми одбивањето на министерот за образование да оствари средба со средношколците се идентификува како основен проблем, а во ниту еден не беше употребено како лајтмотив со кој треба да почне и да заврши секое известување за активностите на „Средношколски пленум“ и за активностите на министерот за образование.

Медиумите пропуштија да поентираат и во континуитет да го истакнуваат како проблем фактот дека токму пасивноста на министерот за образование претставува прекршување на Конвенцијата за правата на детето.

Прво, медиумите не направија врска меѓу изигрувањето на ветувањето на министерот дека ќе се сретне со претставници на „Средношколки пленум“ и нарушувањето на достоинството на децата. Имено, медиумите не перцепираа омаловажување и потценување во актот на постојано одложување на средбата, дури и по остварената закана за пошироки демонстрации и бојкот.

„Министерот Адеми неделава на средба со Средношколски Пленум“ (март 2015)

„Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска изјави дека во зависност од неговата агенда ќе може да се усогласи термин за средба со средношколците и оти тоа нема да зависи од тоа дали ќе ја бојкотираат наставата или нема.“ (април 2015)

„На реакциите од Пленумот дека МОН е за нив недостапно, министерот посочи дека телефоните на сите институции се јавни, достапни и може во секој момент да побараат средба, а на прашањето како Средношколската унија успеала да договори средба со МОН, одговори – преку службите на Министерството.“

„… доколку имаат барање за средба, барање за разгледување на аспекти во образованието, тоа право, секако, го имаат и ние ќе се сретнеме.“(април 2015)

ПРЕКРШУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ДЕЦАТА

Станува збор за период од два месеци, во кој министерот за образование не може да најде термин за остварување на средбата со учениците кои од револт излегоа и на улица. Во истиот тој период, министерот за образование присуствува на презентации, врши увид во градежни работи, остварува средби со невладини организации, се среќава со Унијата на средношколци, се среќава со градоначалници, присуствува на промоција на книги и на списанија, присуствува на натпревари, се среќава со амбасадори, промовира спортски сали, се среќава со верски поглавари, присуствува на доделување награди

Второ, медиумите не направија врска меѓу одбивањето на министерот да се сретне со претставници на „Средношколски пленум“ и третманот на децата како рамноправни граѓани кои имаат право на изразување на своето мислење, на штрајк и на мирно собирање.

Трето, медиумите не направија врска меѓу одбивањето на министерот да се сретне со претставници на „Средношколки пленум“ и остварувањето на правото на партиципација, односно не го перцепираа прекршувањето на Конвенцијата за правата на детето во тоа што министерот не ги прима на разговор, не ги ислушува и не отвора широка јавна расправа за поставените проблеми и барања.

Даниела Ѓорѓевиќ, претставник на Наставнички пленум и професорка во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“ смета дека учениците единствено бараат да ги викнат на разговор, на дијалог. Да се слушне што бараат, што сакаат, мислат, кои се нивните понуди и решенија…“

Промените не треба да се донесуваат на брз начин, без консултирање на пошироката јавност, напротив, транспарентно, преку јавна дебата, вклучувајќи ги сите инволвирани страни меѓу кои и младите.“

Четврто, медиумите не направија врска меѓу одбивањето на министерот за образование да ги прими на разговор претставниците на „Средношколски пленум“ и ризикот на кој ги изложува на тој начин. Уште повеќе, ако се има предвид неговото поттикнување на ризично однесување на директорите и на наставниците, односно отсуството на санкции за вакво однесување.

Во една ваква ситуација, која има континуитет, јасна причинско-последична поврзаност и видлив процес на ескалација, се наметнува потребата од користење на лајтмотивот како алатка.

Прашањето што медиумите мораа да го повторуваат и мора да го повторуваат во известувањето за настаните поврзани со „Средношколски пленум“ и, особено, во известувањето за бојкотот на наставата е: каков е уделот на министерот за образование во нарушувањето на образовниот процес и каков е неговиот удел во прекршувањето на правата на децата гарантирани со Конвенцијата за правата на детето.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографии: Ванчо Џамбаски