До мојата драга пријателка и професорка Гордана Попсимонова

16.04.2015 09:39
До мојата драга пријателка и професорка Гордана Попсимонова

Другарке Попсимонова, ние сме тука, ние коишто крв проплукавме да го исправиме поимот на Студент на оној степен на вертикалата на којшто и доликува да биде. Ние сме тука, оние коишто орлови нокти ставивме да инаугурираме нова студентска и политичка култура во државава, а воедно и да пркосиме на сите инстанци на моќ коишто создаваат „мили и гнили“ граѓани и студенти во оваа државичка. Ние сме тука и бевме тука кога требаше да седнеме и да се мегданисуваме со сатрапите на оваа држава и овој (цел) народ. Ние бевме тука и кога меѓу нас се расправавме, меѓутоа и победувавме, затоа што нашата идеја и иницијатива ги победуваше сите останати ретроградни, институционални, легалистички и реакционерни ставови.

Ние сме тука и се бориме против оние коишто во последно време ги пресликаа сите структури и институции од општеството во пленумот и предизвикаа амбиент на класична конзервативна бирократска и административна функционалност, со што нам - оние коишто беа моторот на тоа движење - ни ги парализираа рацете за да не се движиме со брзината којашто ја имавме и претходно. Ни се усидрија „структури“ коишто движењето не го гледаат во насока на политичка и општествена дејност и личности коишто се само за менување на законот, без притоа да ги согледуваат сите страни - таканаречената поголема слика, иако мнозина од студентите постојано понираат да бидат дел од општествено-политички движења и се чувствуваат исклучени од активностите на пленумот. Изворната идеја на Пленумот не беше да дејствува во насока на тоа да остане во постојан однос со институциите, туку да ги прифати сите диверзитети и полиморфност на активностите, каде законското и политичкото никако не би се исклучувале.

Меѓутоа ние, од Пленумот, повторно ќе го кажеме последниот збор и повторно ќе удриме со најсилната тупаница по плешките на изворот на сите пробелми на ова општество. Ние нема никогаш да се откажеме од идејата за подобро општество, поправедно, посоцијално, поегалитарно. Образованието е нужно во сооднос со останатите економски, социјални, општествени и политички, но и ОНТОЛОШКИ својства и како такво, должност на еден студент е нив да ги гледа и да ги решава на заеднички начин.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Ванчо Џамбаски