Оглас: Се бара возач за возачот на Мартин Протуѓер

16.04.2015 11:24
Оглас: Се бара возач за возачот на Мартин Протуѓер

Скопје, 16 април 2015

До редакцијата на Коза ностра стигна оглас за вработување и замолница истиот да го објавиме. Писмото ви го пренесуваме во целост:

„Еј дечки, Ве молиме да го објавите огласов, ако имате место на сајтот. Ако немате не мора да го објавувате, ама во тој случај ќе ви го пуштиме Ставре да ви ги скрши главите. Па вие како сакате…

Значи, ние сме уствари Службата за општи и заеднички работи при Владата, или пак Возниот парк при МВР, или пак Службата за куцање картички, или пак Службата за вработени кои не одат на работа, не сме ни ние сигурни кои сме, ама не е битно тоа сега. Битно е дека распишуваме оглас за вработување.

Огласот е за едно работно место:

– Возач за возачот на Мартин Протуѓер

Човечето треба да има искуство во штаб, по можност да ги возел комбињата во штабот, да ги одржавал колите, не знеме што, како, битно да може да ги средува колите, да трча, да праи, тука да се вртка.

Ќе треба да доаѓа на работа, да куца картичка, и повремено да го вози возачот на Мартин Протуѓер, најчесто од дома му до работа, за да ја куцне картичката, па после да го врати дома. Исклучително е битно кандидатот (нормално, партиско човече) да знае кај се наоѓа и да не се губи. Ова е всушност најбитното нешто поврзано со работата. Ќе спроведеме тест за снаоѓање низ Скопје – ако не се изгуби големи се шансите да ја добие работата. Не за друго… глупо ќе е да се изгубат истовремено двајцата возачи, после ќе треба да вработиме трет возач за да ги бара.

Огласот се однесува на сите штабови на ВМРО-ДПМНЕ.

#ПоздравЧовечиња“.

Извор: kozanostra.net