На фотографијата сум јас

18.04.2015 09:33
На фотографијата сум јас

Тие патуваат низ воздух

Собата е поинаква, полоша
месецов кога твоето тело
со прицврстена глава
и мојата глава со
прицврстено тело
накусо се поклопуваат

јас сакам прашања а ти сакаш
само одговори, но зградата
постепено се загрева, нема многу
време, времето веќе не е
за нас доволно брзо, зградата станува
збришана, скршнавме од насоката,
се раздвојуваме, настрвуваме еден кон друг
со брзина на звук, сè бучи

слепо се судираме и
паѓаме, нашите парчиња
се мешаат како несреќа
и се кршат од подот на собава
во хаотични сребреникави делчиња


Тие јадат надвор

Во рестораните се расправаме
кој од нас ќе го плати твојот погреб

иако е вистинското прашање
дали ќе те направам или не бесмртен.

Во моментов само јас
можам тоа да го направам па затоа

ја подигам волшебната виљушка
над чинијата со говедско и пржен ориз

и ти ја забивам в срце.
Се слушна бледо пуф, малку зацврче

и низ сопствената располутена глава
ти се воздигна зрачејќи;

небесата се отворија
некој глас запеа Љубовта е мошне

Возвишена работа
висеше и лебдеше над градот

во сина тренерка и со црвена капа,
додека очите складно ти одблескуваа.

И други те гледаа на вечерата
некои со ставопочит, некои само со досада:

не беа сигурни дали си некое ново оружје
или само нова реклама.

Што се однесува до мене, продолжив да јадам;
повеќе ми се допаѓаше каков што беше порано,
но отсекогаш си бил амбициозен.

Оригиналната песна


Почнуваш

Почнуваш вака:
ова е твојата рака,
ова е твоето око,
ова е риба, сина, плоската
на хартија, речиси
во облик на око.
Ова е твојата уста, ова е О
или месечина, што повеќе
сакаш. Ова е жолто.

Зад прозорецот
е дождот, зелен
оти е лето, а зад тоа се
дрвјата, па потоа светот,
тркалезен, и ги има само
боите на тие девет моливи.

Ова е светот, а тој е пополн
и потежок за учење од што ти имам кажано.
Добро е што така го чкрташ
со црвена боја па
со портокалова: светот пламти.

Кога ќе ги научиш тие зборови
ќе сфатиш дека има повеќе
зборови од што можеш кога било да научиш.
Зборот рака лебди над твојата рака
како облаче над езеро.
Зборот рака ја спушта раката
како сидро врз масата,
твојата рака е топол камен
што го држам меѓу два збора.

Ова е твојата рака, ова се моите раце, ова е светот,
тркалезен а не плоскат, и има повеќе бои
од што ги гледаме.

А тој почнува, и има крај,
на тоа допрва
ќе се враќаш, ова е твојата рака.

Оригиналната песна


На фотографијата сум јас

Снимена е пред некое време.
На прв поглед како да е
замачкан
отпечатокот: замаглени контури и сиви флеки
се стопиле врз хартијата;

потоа, внимателно гледајќи,
забележувате во левиот агол
како некаква гранка: се појавува
парче дрво (балсам или елка),
а десно, на половина пат угоре,
нешто налик на блага
падина и слика на мала куќа.

Во позадината има езеро,
а зад него понекој низок брег.

(Фтографијата е снимена
утредента откако се удавив.

Јас сум во езерото, во средина
на сликата, веднаш под површината.

Тешко е да се каже точно
каде сум, или да се каже
колку сум голема или мала:
светлината низ вода
тука се прекршува.

но ако гледате доволно долго
ќе можете можеби
да ме видите.)

Оригиналната песна

Препев: П. В.
Слики: Stephen Mackey

ОкоБоли главаВицФото