Ништо и од Американците?!

18.04.2015 11:26
Ништо и од Американците?!

Господине Хојт, во Македонија не се води правна постапка за прислушкувањето, затоа што господинот со кој денеска разговаравте го изеде правниот систем за појадок, едно убаво утро пред, ми се чини, седум години, треба да се види кај господинот Маневски или кај Мијалков, сеедно, според тоа, тоа што се театрализира како правна постапка не може да биде „важен аспект на кризата“.

Второ, не можам да разберам врз основа на што сте дошле до заклучок дека е добро и паметно да ја повикувате македонската влада на било што освен на демисија, итна и безусловна! Јас ве уверувам дека „владата не може да ги земе сериозно обвинувањата против себе“ и тоа нема да се случи, тоа е како да го повикувате Путин да си организира судење на самиот себе за агресијата врз Украина, среде Москва!

Се разбира дека треба да се утврди кој, кога и по чиј налог, со какви цели и така натаму, прислушкувал! Но, тоа не може да го утврди оваа влада, прво затоа што има основани сомневања, а според некои извори и црврсти докази, дека самата е главен актер на целата афера и второ, затоа што од содржината на материјалите и од нашето деветгодишно искуство на тотално распаѓање, е јасно дека тие како злосторничко здружување, не се во состојба тоа да го сработат!

И трето, и можеби најважно, драматичноста на содржината на снимките и нивните последици врз мојата држава мора по дифолт да ги фрлат во втор план сите други барања кои во нормални околности, би биле разбирливи! Заштитата на американските интереси врз основа на снимка за терористички напад, да речеме, е приоритетна пред утврдувањето дали е снимката легално направена и дали е направена од домашни или од странски служби!

Се разбира, ниту на крај памет не ми е да ги занемарувам безбедносните импликации од објавувањето на доверливи материјали, ниту, пак, потенцијалните повреди на човековите права односно, злоупотребите на безбедносните политики на државите и во тие рамки на Македонија!

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 16.04.2015.
Слика: Gabriel Isak