Белите џуџиња

20.04.2015 11:41

Ова е за луѓето што исчезнуваат
за оние што се симнуваат во шифра
и својата соба ја претвораат во фрижидер за Супермен
‒ кој ги троши костимите и коските што служат за летање,
ова е за луѓето што својот морал го бричат толку мазно
што можат да се провлечат низ иглени уши
ова е за луѓето
што лебдат, лебдат
и умираат на периферијата на етерот

Тука е и мојот страв
од немање зборови ‒ од
пропаѓање без зборови
повторно и повторно ‒ од
разгласување тишина
Бидејќи најмногу ги сакам
од сите свои херои оние
што едрат врз беспрекорните рабови
каде што нема општествено гориво
Отарасете се од вреќите со песок
за да ја разберете нивната висина ‒

тишината на третиот крст
самотно третиот човек
распнат толку високо
што и не слушаме што вели
што вели за својата болка
што вели за своето небратство
Што тој воопшто има заедничко
со мирисните дами
можат ли тие да загризат
во неговиот скелет од болка?

Малајските Гурки
на мазгите им го сечеле јазикот
за да рмбаат молкум
на непријателска територија
по такво насилство нема што да се каже
Дашиел Хемет во време на најголемата слава
не поднесувал муабети
па се преселил
во совршената белина меѓу зборовите

Белина која може да расте
тоа се фрижидерот, креветот
тоа е и јајцето ‒ најубаво
кога е нескршено, таму каде што
она што не го гледаме расте
во сите бои недостапни за гледање

има и изгорени ѕвезди
што имплодираат во тишина
откако пропарадирале низ небото
по таквата кореографија што би посакале да речат ‒ впрочем

Оригиналната песна

*Белите џуџиња во развојот на ѕвездата ја означуваат последната фаза пред согорување; се претпоставува дека во нашата галаксија има околу 10% ѕвезди од тој тип (заб. прев.)

Мајкл Андачи (Michael Ondaatje, 1943), канадски поет и писател, роден на Цејлон (Шри Ланка), ги минал тинејџерските години во Англија, студирал во Торонто, каде што предавал книжевност во колеџ. Се занимавал и со фармерство крај Кингстон, како и со уметничка фотографија. Во неговите песни, виолентноста и сочувствителноста постајано се во некаков вид на борбена рамнотежа, отворена за сложени и разновидни читачки можности. По повод сопствените песни Андачи вели: „И најмалата нијанса, и најмалата слика, може сè да промени“. Најпознат е по романот „Англискиот пациент“ (1992), според кој во 1996 г. е снимен истоимениот филм окитен со повеќе оскари.

Препев: П. В.

ОкоБоли главаВицФото