Правилата се такви

21.04.2015 09:10
Правилата се такви

Филмот „Правилата се такви“ на Огњен Свиличиќ, како дел од програмата на Скопскиот Филмски Фестивал, со својата внимателно дозирана трагика ве тера да си го поставите прашањето: Колку е голема смртта на малечките луѓе?

Давајќи ни ја приказната за едно просечно тричлено семејство, филмов ги портретира обичните, малечки луѓе. И тоа малечки не како епитет инхерентен на нивното битие, туку како резултат од процесот на редуцирање на вредноста на еден човечки живот, фатен во костец со институциите на системот.

Токму здравството и полицијата, како клучни институции, се прикажани како крајно отуѓени од луѓето за кои впрочем и постојат. Филмов ги поставува овие системски декаденции на тапет, водејќи нè низ грозоморната приказна за згаснувањето на животот на едно 17-годишно момче.

Откако се здобива со полесни повреди во училишна тепачка, момчето Томица (со чии родители филмот нè запознава многу повеќе), неочекувано умира поради ненавремена интервенција и лекарска невнимателност. Откако штетата е неповратно сторена, ниту системот за безбедност не е тука да понуди макар и минорно задоволување на правдата. Полицијата е крајно незаинтересирана за нивниот случај и покрај тоа што сторителот е познат и постојат снимени матерјали од тепачката. Човековиот живот е само уште едно иритантно ливче хартија, поттурнувано на бирото на незадоволниот службеник кој го дотуркува работниот ден.

Такви се правилата кога беспомошно чекате ред во болницата во видно лоша состојба. Такви се правилата кога никој не е должен да ви објасни што се случува со вашето дете, кое е приклучено на апарати. Такви се правилата кога полицијата не ја разгледува снимкатa од сторителите во вршење на делото како доказен материјал. Такви се правилата кога настапува смртта, а добивате само попатно бездушно известување дека да, навистина сте го изгубиле единственото дете.

Снимен сред сивилото на Загреб, филмов лежерно ве воведува во една своевидна балканска естетика. Акцентот е ставен врз атмосферата на секојдневие „до срж“, прикажано преку сцените кога се водат дискусии за шницлите и дневниот пазарлук, па се сецка кромид во кујната. Или кога треба да се употреби „финта“ за да проработи шпоретот, а звукот на машината за перење ви ја крши дремката. На телевизија, пак, најчесто оди некоја кичеста фолк-емисија за масите, додека домаќините опуштено мезат сирење или суџук на крајот од денот.

И покрај трагичната содржина, до самиот крај филмот е „спасен“ од вишок патетика, дури и во последните сцени кога таткото на Томица ја зема правдата во свои раце и го тепа момчето виновно за смртта на син му. Во секој случај, се работи за филм кој дава еден карактеристичен приказ на рутината, и тоа на две нивоа. Од една страна е рутината во домот, која сепак генерира некоја топлина во репетитивноста на дијалозите лишени од некоја повисока, апстрактно-интелектуална смисла.

Од друга страна се наоѓа мравјалникот од несреќни луѓе кои секојдневно минуваат низ лавиринтите на институциите. А таму, презривите погледи на службениците ги сведуваат на уште една бројка која треба да се помине од ред и да се истрпи. Во таквата ситуација Шалтерот се јавува како светилиште пред кое метежот од малечки луѓе се турка да ја положи својата болка и неволја. Животните маки на луѓето натежнуваат како камен околу вратот, додека по стопати ја веднат главата пред гилотината на Шалтерот.

Токму пред тој шалтер, подигнувањето на потврда за смртта е само рутинска процедура, која лишена од секаква почит кон ужалениот се меша и исчезнува во врвулицата од луѓе кои се газат и пресегаат побргу да ја завршат својата работа.

Презирот на службениците кон таа маса од бедни и несреќни луѓе, за сето време е очигледен. Им се гади што мораат да работат со нив. Им се гади од фактот што самите придонесуваат кон нивната мизерија, па го проектираат сиот тој негативен набој повторно кон луѓето кои ја полагаат надежта во нив.

А тие, бедните и малечки луѓе - само помирливо минуваат низ навидум ефикасните, шупливи процедури, верувајќи дека секој си ја знае работата и дека на крај сè ќе биде добро. Нели на крајот секогаш е добро?

По фаталното сознание дека работите баш и не функционираат како што треба и дека регулацијата во некои општествени сфери е само привид од кој многумина недолжно настрадале - што му останува на еден средовечен брачен пар за кој животот само што ја изгубил смислата?

Одговорот е едноставен, преостанува само рутината на секојдневието ампутирано од нечие присуство кое ќе продлжи да боли во секој малечок сегмент на денот. Останува истата таа рутина на домашните обврски, „финтата“ за да проработи шпоретот, баналните емисии на телевизија, мирисот на појадок во утрата... и мачнината.