Овој човек ја откри новата класа која ќе го запали светот

21.04.2015 09:49
Овој човек ја откри новата класа која ќе го запали светот

Професорот зборува доволно гласно. Инаку, Италијанците пијат еспресо на шанк, го сркнуваат набрзина, со еден одлучен потег ја принесуваат шолјата до устата, ја оставаат со тресок и – заминуваат.

Но, сега застануваа и се прашуваа – за што зборува овој Англичанец? Вреди да се слушне, споменува правда, неофашизам, плати, револуција, обврска на државата на граѓаните да им гарантира месечен приход од кој се живее пристојно, а не се преживува... Се разбира, Италијанците не се претерано талентирани за јазици, но ова е Тоскана, овде Американците и Британците купиле куќи и станови, заљубени се во заводливите зелени ридови и убавите куќи од камен, па и нивните домаќини се похрабри во совладувањето на англискиот јазик со сите тие „h“ и „th“... Во Стендинг гледаат со вчудоневидување. Ми изгледа дека некој ќе му аплаудира.

Педесетина километри од Фиренца, во слаткото Филине Валдарно, местенце кое живее опуштен летен живот, а окружено е со големи дизајнерски аутлети, па на патот се нижат впечатливи знаци: Dolce&Gabbana – 500 метри лево, Trussardi – 2 километри и на крајот The Mall, црна стаклена зграда што наликува на крематориум во кој Prada продава стара колекција со 70 процентно намалување, летните месеци ги минува Гај Стендинг, еден од најинтересните интелектуалци на денешницата, англиски професор од Универзитетот Бат. Член е на британската Академија за општествени науки, објавил повеќе од 20 книги и предава на катедрата за глобализација и економска сигурност.

Професорот Стендинг не го интересира целиот тој дизајнерски раскош околу неговиот мал италијански дом. Тој е херој на работничката класа, идеолог на прекаријатот, новото, бесно, гневно мнозинство кое во 21 век живее без перспектива, соочена со селебрити култура во која мал број богати и славни пред носот на останатите мавтаат со своите милијарди.

Светската дистрибуција на правдата го измачува професорот Стендинг. И тој потекнува од работничката класа. И се гордее со неа. Сето тоа што се случува денес во светот го предвидел и опишал во капиталната книга „Прекаријатот, новата опасна класа“, која е објавена оваа година. Таа им стана Библија на оние кои во Шпанија, Грција, Франција, Велика Британија, Ирска... чувствуваат дека системот во кој живеат е неправеден и дека треба да се менува.

Ако ја препишеме дефиницијата, прекарноста е термин со кој се опишува фактот дека денес голем дел од населението е субјект на флексибилна експлоатација или „флексплотација“ (ниски и несигурни плати, несигурно работно место, нередовни приходи итн.) и егзистенцијалeн прекаријат (висок ризик на социјална исклученост заради ниските приходи, високи трошоци за живот итн.) Овие услови на прекаријатот влијаат на сите облици на трудот кои се однесуваат на сервисната економија во потесна смисла и целокупното население во поширока смисла, но особено ги погодуваат младите, жените и имигрантите. Дали пролетаријатот на Маркс во 21 век стана прекаријат на Стендинг?

„Мразам кога морам некому да кажам: нели ви реков“, ми вели Стендинг додека прелистува некакви листови и ги вади од фасциклата. Редовниот соработник на Гардијан секогаш пишува нешто.

„Но, пред два месеци добив покана од еден германски весник да напишам колумна за прекаријатот и за она што ќе се случува со него. Напишав дека ќе следуваат немири во Лондон. Сега морам да го менувам текстот затоа што морам да го прилагодам на фактот дека нередите веќе се случија, а тие не го објавија во текот на летото, сакајќи со него да ја започнат воведната тема на есента.“

Можеме ли да почнеме? – прашувам

- Ви пречи ли бучавата? Дали диктафонот ќе ги фати гласовите?

Да, би требало да биде во ред – одговарам затоа што бучавата во италијанското кафуле е голема.

- Бидејќи прекаријатот е поврзан токму со јавните простори. Едно од неговите обележја е луѓето кои му припаѓаат на прекаријатот да ги користат јавните простори и да се дружат во нив. Владите сега настојуваат да го ограничат тој јавен простор за обичните луѓе; затвораат паркови, затвораат пабови, затвораат јавни библиотеки, дури и јавни тоалети. Сега во Манчестер, во рамки на мерките за штедење, укинаа 900 од вкупно 1 000 јавни тоалети. Ако го правите тоа за да ги намалите трошоците, тогаш тие луѓе ги ставате во своевидни кафези. Зошто прекаријатот живее во јавните простори? Затоа што куќите и становите им се стеснети, лошо опремени и подобро им е што помалку да престојуваат во нив. На нив им требаат тие јавни простори бидејќи таму се дружат, учат, се социјализираат. А државата им го затвора сето тоа пред носот.

Во што ги гледате причините за лондонските немири?

Навистина мразам да предвидувам лоши нешта, но во книгата посветив цело поглавје на нешто што се нарекува политика од пеколот. Ако властите не се соочат со проблемите, со бесот и прашањата кои ги поставува прекаријатот, следуваат немири.

Добро, пред да почнеме со подлабока анализа, кажете кои се луѓето кои спаѓаат во класата на прекаријатот? Кои се тие и што им е заедничко?

Постојат неколку различни категории: тоа се луѓе кои немаат високо образование и доаѓаат од класичната работничка класа, работат – ако работат – на одредено време и не можат да остваруваат никакви бенефиции. Не се кредитно способни, немаат перспектива и се деградирани. Тие воопшто не размислуваат за иднината и немаат однос на сочувство и солидарност со други луѓе. Односно, тие ќе ја искористат можноста да им земат нешто на другите ако ја имаат, на пример, ако видат дека некој скршил прозорец од продавница, тие ќе влезат и ќе земат нешто од неа затоа што се чувствуваат искористено од системот и всушност не им е грижа за другите луѓе. Таа солидарност е искоренета намерно. Потоа, тоа се луѓе кои се образовани, кои завршиле високи школи, кои се многу умни и напредни, но се фрустрирани затоа што живеат во општество за кое мислат дека не им нуди никаква шанса, никаква кариера, никаква сигурност, па ни чувство на припадност. Тие нема да земат стока од продавницата, но се чувствуваат како да се напуштени од сите, како очајници. Не гледаат дека политичките претставници им нудат некакво решение. Но, ние во Европа мора да се плашиме од третата и најопасна група на прекаријатот – тоа се оние кои се отпадници од старата работничка класа и оние кои ги слушаат сирените на неофашистите. Ним неофашистите им зборуваат: вие сте толку слаби и уништени заради странците, заради доселениците, заради муслиманите, заради оние кои се поинакви од вас. Морате да ги исфрлите! Заедно, сите овие групи се нова, опасна класа.

Зошто се опасни? На што сè се подготвени?

Сè уште не се обединети, но тоа е прашање на време. Не се обединети бидејќи се несигурни и се сметаат за недостојни, луѓе без вредност. Но, сите овие слики кои ги гледаат, сите овие протести што се случуваат во светот им даваат надеж дека луѓето како нив имаат право и храброст да кажат дека е доста и дека сакаат достојно да живеат. Глобализацијата ги уништи бидејќи таа ја отвори светската економија и со пазарниот натпревар ја скрши работната сила. Одеднаш сте имале работници за фрлање! Милијарда Кинези, милијарда Индијци, стотици милиони Виетнамци... кои се подготвени да работата за една триесетина од платата на европскиот работник. И, со тоа сте ги уништиле. Европската работничка класа падна на колена. Газдите им рекоа: морате да прифатите помали плати. И тука европските влади направија фаустовска спогодба.

Во што се состои таа?

Кога се отвори пазарот, луѓето на власт знаеја што ќе се случи, дека платите ќе паднат. Ако паднеа одеднаш, веднаш ќе дојдеше до протести и политичарите би заминале од власта. Наместо тоа, направија спогодба со банките, со финансискиот сектор. Луѓето почнаа полесно да добиваат кредити, почнаа да купуваат, привидно почнаа да чувствуваат некакви бенефиции. Но, сето тоа беше вештачки. Кредитите требаша да ја одложат пропаста и привидно да го неутрализираат намалувањето на платите. Таа конструкција функционираше дваесет години, иако на сите им беше јасно дека мора да се сруши. Можевте да добиете кредит, а да не сте способни за тоа, и сте почнале да натрупувате долгови. Истото го правеше и државата. Тоа не можеше да трае вечно. Почна финансиската криза и одеднаш светот мораше да се соочи со фактот дека владите во САД и Европа имаат толку долгови што мораат драматично да ги намалуваат сите трошоци. И кој го плаќа тоа? Финансискиот капитал? Се разбира дека не. Прекаријатот.

Од 2008 година прекаријатот во сите европски земји го слуша истото: морате да го стегнете ременот, ќе ги намалиме трошоците за здравство, за образование, за социјала, за јавни паркови, за градинки, за јавни тоалети! И, денес сме тука. На пресвртница. Реалноста е страшна затоа што владите од левиот центар и владите од десниот центар се однесуваат сосема еднакво и тие ја зголемија и забрзаа оваа криза и уништија една цела класа. Политичката неодговорност со која сме соочени е трагична и треба да ги лути повеќето од нас. Истовремено, класата на супербогатите е дебело заштитена од сè, а тие се воедно и политички и финансиски спонзори на овие власти. Тие не се грижат што се случува во Лондон затоа што во август со своите јахти се во Кан или на ридовите од Давос.

Луѓето што ја плаќаат сметката се прекаријатот.

Но, од 2008 година прекаријатот расте и зајакнува.

Дали тие имаат свои политички претставници? Како класичните претставници на власта гледаат на прекаријатот? Како на бунт на најниските општествени слоеви?

Не, и тука приказната станува повозбудлива. Во марксистичките категории, прекаријатот е класа во создавање, сè уште не е класа за себе. Ја разбира несигурноста, бесна е, но нема чувство дека има право на глас. Во минатото, таа фаза била многу слична на она што го имавме пред создавањето на индустриската класа. Ние во моментов сме сведоци на прекаријатот во создавање.

Неодамна бев во Рим и ја претставував книгата. На крајот од предавањето ми пријде група луѓе и ме повикаа да дојдам за да ја посетам нивната населба, затоа што тие се римскиот прекаријат. Ме одведоа таму. Тоа беа бараки во кои живееја стотици сквотери. Беа од сите раси и животни приказни и сите тие имаа едно заедничко – беа свесни дека не се дел од општеството. Тоа се луѓе кои носат пластични ќеси и копаат по контејнерите. Но, нивната енергија беше таква што можеше да се почувствува. Почнаа да се организираат. Во почетокот на октомври во Милано ќе се одржи конференција и најава за штрајк на прекаријатот на Италија. Прекаријатот се организира и очигледно е дека станува свесен за својата сила. Политичарите веќе се плашат од нив. Во Италија ги нарекуваат „најголемото зло во Италија, најлошиот слој на Италија“. А тоа го зборуваат корумпираните политичари кои ја ограбија сопствената земја, оние кои навистина се најлоши претставници на својата држава. Младите Италијанци сакаат работа и можност да живеат пристојно, не ги сакаат корупцијата и неофашизмот кои им ги сервира Берлускони.

Сепак, иако прекаријатот не е толку еднослоен, политичката елита настојува да ги претстави тие луѓе како „валкани, грди, зли“, општествен отпад кој е подготвен за грабеж и палеж. Дали треба обичните, „нормални“, ако можеме така да ги наречеме, луѓе да се плашат од прекаријатот и неговите акции? Дали постои опасност да завладејат анархијата или улицата? Зошто најнискиот слој би ги поштедил оние кои се малку над нив на општествената скала?

Тоа не е умна политика. Заради тоа тензиите само ќе растат. Со тоа прекаријатот нема да биде запрен. Погледнете ја Грција. Тамошниот прекаријат е веќе организиран, на улица е. И индигнадосите од Шпанија се на улица. Вие во Хрватска, ние во Англија или сега во Италија, ние утре може да бидеме на улица. Живееме во страшно несигурни времиња во кои е многу можно сето тоа што е лошо, се плашиме. Нè има многу кои се чувствуваме дека сме пресвртници. Доволна е ситница, некој настан, пораст на швајцарскиот франк на пример, за да станете прекаријат. Никој не е изолиран. На прекаријатот не смеете да гледате како на шљам. Тие не се шљам. Тоа се луѓе како што сме ние. Кога им зборувам на студентите за тоа, тие сфаќаат што сакам да им кажам. Разбираат дека живеат во свет кој нема многу да им понуди. Тие нема да имаат пристоен, лежерен, фин живот, како што имале нивните родители. Нема среќно да одгледуваат внучиња во куќичка која самите си ја обезбедиле без мака. Некогаш ѝ се радувавме на иднината, а сега ѝ се лутиме. Тажни сме. Не треба да се плашиме од прекаријатот, туку треба да бидеме свесни за таа класа и да сочувствуваме со неа. Тоа го изгубивме. Исчезна сочувството. Отуѓени сме. Мислиме дека мојот проблем не е ваш. Но, како што ќе зајакнува прекаријатот, ќе сфатиме дека и ние можеме да бидеме дел од нив и дека затоа мораме да сочувствуваме со тие луѓе. Средната класа и богатите, тие се плашат од лумпенпрекаријатот и треба да се плашат. Вградуваат сигурносни камери, имаат заштитници за своите деца затоа што се плашат што би можела да им направи толпата ако види дека носат скапа облека или излегуваат од скап автомобил.

Дали прекаријатот има идеологија? Дали тие се политички организирани?

Идеологијата секогаш е опасен збор, но прекаријатот всушност се темели на идеите од Француската револуција, на идеите за еднаквоста, слободата и братството. Овие идеи повторно ќе се осмислат и реализираат сега, во 21 век. Ја уништивме слободата, не сме еднакви, не сме солидарни. Но, прекаријатот ќе го промени тоа. Една од најлошите последици во неолиберализмот е токму таа што осиромашеното мнозинство е замолчено. Тие немаат никакви права, никаква слобода, немаат глас. Ги криминализиравме ниските слоеви од општеството. На средната класа и богатите им пречат таквите луѓе. Не сакаат ни да ги гледаат и ги изолираат. Одлучуваат во нивно име, а никој не ги прашува ништо. Сето тоа е обвиткано во велот на демократијата. Истовремено, имаме толкава нерамноправност во распределбата на богатството што никогаш во историјата, откако постои статистиката, немало такви нееднаквости. И ние се нарекуваме модерно општество? Нерамноправноста намерно ја произведоа творците на неолиберализмот затоа што нееднаквоста го стимулира растот. Но, по одредено време нееднаквоста го создава и она што го видовме на улиците на Лондон бидејќи тоа е манифестот на неправдата.

Вие сте еден од иницијаторите на организацијата која бара праведност во распределбата на богатството: и тоа не секој граѓанин да има право на минимален, туку на „основен приход“ од кој може да живее пристојно. Таа ваша иницијатива ја прифати поранешниот бразилски претседател Лула и денес во Бразил околу 50 милиони луѓе имаат таков вид приход. Но, дали е реално и други земји да се водат од тој пример? Всушност, ве прашувам дали тоа е радикално?

Тоа би требало да биде темелно човечко право. Тоа и го бара прекаријатот, а јас се занимавам со тоа во последните 25 години. Долго време бев соочен со тоа дека луѓето мислеа дека се работи за луди идеалисти, но сега и останатите сфаќаат дека тоа е можно. Земјите создаваат богатство, и би било праведно да имате некаков удел од него затоа што вие и вашите предци сте работеле за таа земја, генерациите пред вас дале придонес и вие со својата работа ќе придонесете за генерациите кои доаѓаат. Ние денес навистина не знаеме дали за развојот повеќе дал мојот или вашиот дедо и токму заради тоа, затоа што не знаеме, сите имаме право на некаков вид социјална дивиденда која треба да ни ја овозможи државата. Се работи за скромни износи, но за голем цивилизациски напредок. Ако имате општество во кое луѓето се сигурни и не се плашат што ќе им донесе утрешнината, дури тогаш ќе имате луѓе кои му припаѓаат на тоа општество, кои се солидарни, кои се продуктивни и алтруистични. Тоа ќе го износи прекаријатот на својот грб, еден таков вид реформа. Ако пред 45 години ви кажев дека 50 милиони луѓе во Бразил ќе го добиваат тој темелен приход, ќе ми се насмеевте. Но, денес тоа е реалност. И ќе се прошири понатаму. Не сум социјалист заради тоа. Инфантилно е да се лепат политички етикети.

Би можело да се очекува прекаријатот да претставува некаква нова левица, синдикати... Зошто тие не го заземаа тоа место? Во крајна линија, би им донеле гласови?

Левицата ја уништи лабуризмот. Социјалдемократите погрешија затоа што го ставија трудот на пиедестал и почнаа да ги штитат само оние кои работеле класични работи. Оние кои не биле продуктивни, се оставени настрана, занемарени. Тука била замката. Жените се занемарени и нивниот труд системски се игнорирал, нивниот придонес и сето она што го работат како жени и мајки, сето тоа е отфрлено, сето тоа се сметало за нормално, но не е општествено хонорирано. Работата не е само продуктивност. Социјалдемократите сметаа дека најважно е вработувањето. Но, тогаш платите станаа превисоки и тие први упаднаа во замката на фаустовската спогодба. Мораа да ги задржат работниците, да ги задржат гласовите, а веќе не беа во состојба да го прават тоа. Со тоа го зајакнаа прекаријатот. Левицата го загуби интергритетот, своето сочувство и својата чесност и стана политички манипулатор кој само сака гласови. Тоа им се случи во Велика Британија, во САД, во Германија. Левицата не мора да се врати на своите вредности, мора повторно да има сила за враќање на светото тројство на француската револуција и вистинското модерно, рамноправно општество. Не смееме да се плашиме. Не ни требаат ни промената ни паролите што ги изговараше Обама, ни треба храброст. Ако не станеме подобар свет, тогаш се плашам дека ќе добиеме нов фашизам. Човекот кој по палежите во Лондон земал шише вода од продавница која била искршена добил шест месеци затвор по итна постапка. Тогаш пресметајте колку години, да не кажам векови, поминати во затвор треба да добијат само бројните политичари кои украле големи суми пари? Точно можам да замислам каква пародија би направиле за тоа Монти пајтоновците...

Елитата прави што сака. Ограбува, нè зема и нè турка кон дното. Оние кои не се толку богати како нив, не сакаат ни да видат. За жал, во Европа сè повеќе сме такви. Секој ден прекаријатот е сè поголем. Не сум сигурен дека треба да бидеме среќни заради таа масовност. Но, најпосле таа нова опасна класа ќе го промени светот, тоа е сигурно. Мразам кога морам да кажам: „Нели ви зборував?“ Прекаријатот ќе се покаже во полна сила веќе оваа есен.

Можеме ли да го наречеме тоа револуција?

Не во старата смисла на тој збор, тоа не е класична раволуција. Тоа повеќе е револуција на свеста. Прекаријатот е свесен дека може да ги менува нештата. Во Грција и Шпанија се свесни за тоа. Ја знаат својата сила. Јас ја доживеав 1968 година со револуцијата како студент, протестирав против војната во Виетнам, и ѝ припаѓам на традицијата која има свое упориште во европската култура. Учев дека луѓето се еднакви, дека се рамноправни, дека треба да живееме во заедница и дека треба да мислиме за другите, дека ни треба напредокот. Таа 1968 година, мојата генерација за момент почувствува што значи слободата и како може да се оствари подобро општетсво. Можеби тоа е дел од некаква моја боемска природа, но целиот живот се залагам за тоа подобро општество. Наследивме некои вредности со кои треба да се гордееме, кои треба да ги надоградуваме, а не да ги уништуваме.

30.08.2011

Извор: http://globus.jutarnji.hr

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото